За здрав живот потребен е правилен развој уште од најраното детство. Неопходна е правилна исхрана, нега, физичка активност и соодветно одржување на личната хигиена. Раното детство е период на интензивен раст и развој но е и најранливиот период во животот на човекот. Со оглед на значајните промени во градбата и функционирањето на органите, необезбедувањето на соодветни нутриенти во детскиот период, може да доведе до несакани ефекти во растот и развојот. Токму затоа квалитетната исхрана во овој период зазема централно место. Здрава и балансирана исхрана подразбира употреба на прехранбени производи кои можат да ги задоволат енергетските потреби на детскиот организам, да обезбедат хармоничен раст и развој како и изградба на детскиот имунитет и заштита од заболувања.
Предучилишниот период е клучен за изградба на здрави навики а преку едукација и примена на балансирана исхрана можеме да го воведеме младиот организам во здрав животен стил и на тој начин да ги минимизираме ризик факторите за заболувања подоцна во животот!. Во овој дел најважна е функцијата на родителите кои треба да бидат свесни дека со својот личен пример се клучен фактор во формирањето на здрави индивидуи. Прв чекор во таа насока е уште во предучилишна возраст децата да се запознаат со пирамидата на правилна исхрана и да стекнат навики за здрава исхрана. Децата треба да земаат три главни оброка и 1-3 ужини во тек на денот, во зависност од возраста, активноста и апетитот на детето.
Обезбедување на разновидна, добро избалансирана и биолошки вредна храна подразбира секојдневно внесување на: • Жито и производи од жито (леб, ориз, тестенини, цереалии) и компир; • Зеленчук и овошје; • Млеко и млечни производи; • Месо, риба, јајца и легуминози (грав, леќа, боранија, грашок).
При тоа житарките претставуваат основа на исхраната бидејки даваат енергија за да можат да се извршуваат сите функции на растот и развојот на детскиот организам. Житарките и/или компир треба да се конзумираат во 3-4 наврати на ден и треба да целиме барем 50% од нивниот внес да биде од производи од интегрални зрна. Децата секојдневно треба да јадат разновиден сезонски зеленчук (краставица, морков, зелка, домат, пиперка и др) и овошје(банана, лимон, портокал, јаболко, вишни, грозје) најдобро во сурова состојба во количини од 300-400грама. Зеленчукот.и овошјето содржат голем број витамини, минерали и биоактивни компоненти важниза здравјето и се основен извор на витамин Ц и цинк кои се клучни за имунитетот. Овошјето и зеленчукот го намалуваат и ризикот од појава на заболувања и спречуваат појава на здебеленост кај децата.
Млекото и млечните производи се најдобриот извор на лесно искористлив калциум, кој е важен за развојот на коските (заедно со витамин Д) поради што треба да се внесуваат секојдневно и тоа: најмалку 300-350 мл кисело, пресно млеко или јогурт и 25-30 грама сирење или кашкавал. Киселото млеко и јогуртот имаат посебно значење во исхраната на децата бидејќи содржат млечнокиселински бактерии кои го подобруваат варењето на храната, го стимулираат движењето на цревата и го помагаат развојот на „добрите“ бактерии во цревата со што ги спречуваат цревните пореметувања.Млечнокиселите бактерии го подобруваат имунитетот и ги намалуваат случаите на алергии кон млекото. Во однос на изборот на месо современа пракса е да се избираат посни меса (пилешко, јунешко) како и риба и храна од групата производи од типот на грав и леќа.Месото, рибата и јајцата, како и нивната алтернатива – грав, леќа, се богат извор на протеини и железо. Сепак месната исхрана е клучен снабдувач на организмот со железо и на тој начин се спречува железодефициентната анемијакоја е чест нутритивен проблем кај оваа возрасна група. Внесот на месо треба да биде 3 пати неделно а на риба 1-2 пати во неделата но исклучиво свежа риба! Јајцата се корисна храна за децата, како извор на многу вредни протеини, масти, минерали и витамини. Треба да бидат застапени во исхраната на децата до 5 дена во неделата и тоа добро сварени.
Масните меса, како и месните преработки, треба да се избегнуваат. Истото важи и за лиснатите теста, пржените компири, смоките, мекиците и слична храна за која не треба да има место на детската трпеза. Прекумерното консумирање масти или масна храна доведува до зголемена телесна тежина или здебеленост. Здебеленоста во текот на детската возраст може да продолжи и во следните стадиуми на животот, со што се зголемува ризикот по здравјето. Најдобар извор на масти кои треба ограничено да се користат во исхраната на децата, се путерот и растителните масла (маслиново масло).
Внесот на шеќер, слатките како и газирани безалкохолните пијалоци треба да се намали до максимум. Овие производи не само што се штетни за забите и желудникот, туку и во себе носат многу енергија, а се без никаква хранлива вредност и со самото тоа се причина за зголемена телесна тежина кај децата и претставуваат ризик-фактор за натамошни заболувања.
Навикнете ги децата на храна со помалку сол. На тој начин ќе им направите услуга во повозрасниот период од животот бидејќи големиот внес на натриум ја зголемува загубата на калциум од коските, создава ризик за покачување на крвниот притисок и ја нарушува функцијата на бубрезите.
И на крајот, но не помалку важно, обезбедете им на децата 5-6 чаши вода и други течности поради опасност од дехидратација. Дехидратацијата доедува до намалување на умствената и физичката активност, намалување на концентрацијата и вниманието; замор, главоболка и зголемена телесната температура.
Наместо заклучок, како родители секогаш мора да имаме в предвид дека ние сме водачи на нашите деца и треба здравите навики во исхраната , и здравиот животен стил воопшто, да ги направиме нераскинлив дел од животот на нашето семејство. Со правилна исхрана може да се спречи појава на многу болести, како: дебелина, дијабетес, покачен холестерол и триглицериди, срцеви заболувања, остеопороза, алергии и др., и да се осигура правилен и психофизички развој на децата.
Филип Ачкоски, м-р по фармација, топедукатор
Comments