top of page
Search
Writer's picturetopedukator

Дебелина во детската возраст – здравствен проблем од епидемиски размери!


Дебелина во детската возраст

Бројни студии покажуваат значаен пораст на лицата што живеат со дебелина низ целиот свет а особено во развиените земји. За жал проблемот започнува уште во детството бидејќи статистиката покажува 4 кратно зголемување на обезните деца и адолесценти во изминатите 30 години во светот, а овој тренд го прати и Македонија. Дебелината е почеста кај момчињата, за разлика од девојчињата а повеќето од децата кои имаат зголемена телесна тежина живеат во урбани средини. Дебелината најчесто се појавува во 5-тата или 6-тата година од животот или за време на пубертетот. Децата кои се соочуваат со прекумерна телесна тежина имаат многу големи предиспозиции да бидат обезни во возрасната доба. Научно е потврдено дека дебелината може да предизвика незаразни болести како што се кардиоваскуларни болести, дијабетес, некои видови рак, астма, депресија и социјална дискриминација заради што е особено важно да се спречи и контролира овој проблем уште од најрана возраст.

 

Кои се ризик фактори за појава на дебелина кај децата?

Иако се смета дека внесувањето на повеќе калории во однос на потрошеното, неминовно доведува до зголемување на телесната маса, сепак најчесто станува збор за комбинација на повеќе фактори:

·        Исхрана со високо преработена и енергетски-богата храна.

·        Недоволна конзумација на вода,  свежо овошје и зеленчук.

·        Исхрана базирана на леб, бели пецива и други производи со високо ниво на шеќери.

·        Козумација на безалкохолни пијалаци богати со шеќер и нездрави “грицки” како замена за редовни оброци.

·        Физичка неактивност и секојдневна повеќе часовна употреба на електронски уреди.

·        Недоволно и неквалитетно спиење.

 

Што да се преземе во случај на први знаци на дебелеење кај децата?

Прекумерната телесна тежина е медицински проблем кој лесно се препознава, но тешко се третира. Доколку не се реагира навремено во рана возраст, многу често станува доживотен проблем. Навиките за здрава исхрана и редовна физичка активност се градат уште од најрана возраст и за истите родителите играат клучна улога. Неколку совети за превенција и стопирање на дебелеењето кај децата:

·        Спремајте здрави и избалансирани оброци, кои се земаат секојдневно во исто време, и не го пропуштајте појадокот.

·        Избегнувајте брза храна и водете грижа што јаде детето во градинка или во училиште.

·        Не набавувајте слатки, пржени грицки и газирани пијалаци.

·        Наместо тоа нудете им на децата што повеќе овошје и зеленчук.

·        Поттикнете ја физичката активност со личен пример. Организирајте заеднички излети во парк, на планина или возете велосипед, се според можностите на детето, но не инсистирајте на долги и исцрпувачки активности со цел да не се поттикне одбивност.

·        Стимулирајте го детето да се вклучи во спортски активности соодветни за неговата возраст.

·        Намалете го времето поминато во седење и ограничете го времето потрошено на гледање во екрани на не повеќе од 2 часа дневно.

·        Наместо тоа, охрабрете ги вашите деца да прават забавни активности сами или заедно со членовите од семејството.

0 views0 comments

Commentaires


bottom of page