Есенско-зимскиот период традиционално носи зголемен број на болни во лекарските ординации и аптеките најчесто од респираторни заболувања на горните дишни патишта. Главната причина за тоа лежи во падот на нашиот имунитет. За тоа како да се заштитиме и да превенираме, за читателите на Magazin.antoris.mk – упатуваат советите на фармацевтот Филип Ачкоски.
– Г-дине Ачкоски кои фактори доведуваат до ослабување на имунитетот?
Во актуелниот период се судираме со повеќе загрозувачки фактори за нашиот имун систем. Од една страна е променливото, влажно и ветровито време пратено со ниски утрински температури, а од друга страна е зголеменото загадување на воздухот. Не смее да се заборави и намалената физичка активност како и се подолгото време кое го поминуваме во затворен простор во овој период од годината, со што се намалува нашата изложеност на сончева светлина а со тоа и на витамин Д кој е клучен имуномодулатор. Ако на ова ги додадеме традиционалните фактори: стрес и замор од работа, несоодветна исхрана и недоволна хигиена јасно е зошто во есенско-зимскиот период дополнително се зголемува бројот на инфективни заболувања. Инфекциите од бактериско потекло водат и кон зачестена употреба на антибиотици, кои од своја страна силно ја нарушуваат цревната микро флора, која е чувар на нашето здравје и така влегуваме во маѓепсан круг на намален имунитет!
– Кои се најважни показатели за нарушување на имунитетот?
Имунокомпромитираните особи често покажуваат пониско ниво на енергија, слаб апетит, незаинтересираност, раздразливост и поспаност. На ова се надоврзуваат симптоми на намален осет за вкус и мирис, обложен јазик, болки во грлото и отежнато голтање на храна, отежнато дишење, затнат нос и секрет од нос. Зависно од причинителот и развојот на инфекцијата може да се појават и главоболки, вртоглавици, покачена температура и друго.
– Како да го заштитиме здравјето и да го засилиме нашиот имунитет?
Во прв ред е важно да водиме добра хигиена на влезните места на патогените: уста, нос, раце и кожа. Тоа подразбира правилно и темелно миење на рацете и забите, негување на епителот на дишни патишта со промивање со изотоничен солен раствор и пред се избегнување на простории во кои се пуши. Во услови на висока загаденост треба да избегнуваат подолги задржувња и спортски активности на отворено. Важно е секојдневно да внесуваме свежо сезонско овошје и зеленчук (јаболки, круши, грозје, портокал, мандарини…) но и пробиотици кои го чуваат интегритетот на најголемиот имунолошки орган во телото – нашиот дигестивен систем. Специјализирани пробиотици вршат директна стимулација на создавање на антитела и овозможуваат подобар имун одговор. Во однос на специфичните минерали и витамини, најважни се Витамините Ц и Д и минералот цинк. На имунокомпромитираните особи им се препорачува секојдневен внес на Витамин Ц – во дози од 200мг дневно и повеќе поради неговото силно антиоксидативно дејство, со што ги неутрализира штетните дејства на слободните радикали и го намалува заморот и исцрпеноста. Цинкот придонесува за нормалниот киселинско-базен метаболизам, ги штити клетките од оксидативен стрес и учествува во изградбата на лимфоцитите со што директно го засилува имунолошкиот систем, и треба да се внесува во дневна доза од 10мг. Освен тоа никогаш немојте да користите антибиотици на своја рака! Антибиотиците не се ефикасни при настинка, грип и вирусни инфекции, туку само ја нарушуваат дигестивната микрофлора и го ослабуваат Вашиот имунитет. Во случај на покачена телесна температура воздржете се од примена на средства за намалување на телесната температура под 380C! Лесно покачената телесна температура е знак на имун одговор на Вашиот организам, а од друга страна помага и за убивање на дел од присутните патогени.
-Неколку препораки за здрав животен стил преку кој би осигурале долгорочно здравје за нас и нашето семејство?
Поимот здрав животен стил е комплексен и го опфаќа целокупниот однос кон нашето здравје и здравјето на нашите најблиски. Со други зборови вежбањето или држењето диета само по себе не гарантира здравје, туку потребен е континуитет, т.е. редовни физички активности од една страна, а од друга страна почитување на режим на умерена и разновидна исхрана. Здравата исхрана треба задолжително да вклучува интегрални житарки (витамини Б), свеж, сезонски зеленчук и овошје (витамин Ц и цинк) како и риба и морски плодови (омега-3 и витамин Д). За сметка на тоа избегнувајте прости шеќери кои не само што се ризик фактор за дебелеење, лошо дентално здравје и дијабет, туку и создаваат поволни услови за размножување на патогените. Иако температурите се во пад не заборавајте и на доволен внес на вода и течности- два до три литри на ден.
Во овој есенско зимски период поради специфичните климатски услови и зголемено загадување особено е важно да се користат сончевите денови и викендите за излети во природа и на планина. Изградете култура на здрав живот и респектирајте го туѓото здравје така што нема да ги носите болните деца во градинка, училиште или игротеки. На овој начин само се шират инфекциите, а и здравјето на Вашите деца може дополнително да се влоши. И на крај, но не помалку важно, неопходно е да се одржува високо ниво на лична хигиена, правовремена суплементација на организмот со неопходни витамини и минерали и редовни здравствени контроли.
Comments