Интервју со Филип Ачкоски, топ едукатор: Расте интересот за здрав живот
1. Почитуван Ачкоски, јавноста Ве знае како топ едукатор, кој преку својот интернет блог (https://zdravstvenedukator.wixsite.com/topedukator) го промовира здравиот начин на живеење. Колку сте задоволни од тоа како граѓаните на Македонија се грижат за своето здравје?Традиционално, нашето население малку го цени своето здравје сé додека, се разбира, не го загуби. Тоа најјасно може да се види преку неподготвеноста на мнозинството да вложи средства и време за редовни здравствени контроли и здрава исхрана, како и соодветна витаминско-минерална суплементација за да се превенираат болестите. Сепак, во последните години забележителен е пораст на здравствената свест и зголемен е интересот за водење здрав живот. Така што, сметам дека оваа веќе постоечка база на самосвесни индивидуалци дополнително ќе расте во следните години.2. Зошто одлучивте да ги советувате луѓето околу здравиот начин на живеење. Може ли тука да се говори за економски придобивки и за лицата и за државата, за зголемена продуктивност на работно место, за здрава нација?Како магистер по фармација и како топедукатор, веќе 15-тина години, лично и секојдневно, директно, сум вклучен во едукација на здравствените работници. Паралелно, во овој период, континуирано организирам или активно учествувам во бројни настани за подигнување на здравствената свест на пошироката популација. Воедно, често сум присутен и на разни здравствени телевизиски и радио емисии. Имајќи предвид дека практично, секојдневно сум консултиран од пријателите, колегите и семејството за здравствени совети, одлучив добрите здрави навики, преку личен пример, да ги доближам до моите пријатели и следбеници. Тоа е само еден мал придонес кон создавањето поздрава нација, што само по себе е основен предуслов за поголема ефикасност и продуктивност по сите основи.3. Што сé вклучува концептот „Здрав живот“?Концептот здрав живот е комплексен и опфаќа низа активности кои го унапредуваат нашето здравје и здравјето на нашите најблиски. За почеток, најважно е да постои свест за важноста од водење здрав живот како и прифаќање на фактот дека постојано треба да ги унапредуваме нашите здравствени познавања. Понатаму потребен е континуитет, т.е. редовни физички активности, од една и почитување режим на умерена и разновидна исхрана, од друга страна. И на крај, но не помалку важно, неопходно е да се одржува високо ниво на лична хигиена, правовремена суплементација на организмот со неопходни витамини и минерали и редовни здравствени контроли.4. Како лекарите, кои работат класична медицина, гледаат на Вашата работа – дали сте нивен сојузник?Сосема јасно е дека со лекарите сме на иста страна и со нив ја делиме највисоката животна вредност - унапредување на здравјето на пациентите. Во овој контекст, особено е важно, сите ние како здравствени работници, покрај дијагностицирање на болестите и препишување на терапија за пациентите, да посветиме повеќе внимание на нивна едукација за потребата од соодветен хигиено-диететски режим за превенција на бројни заболувања.5. Како и колку интернетот Ви помага во ширење на вашите совети? Имате ли и директни контакти со граѓаните и со здравствените работници за полесно да ги пласирате советите за здравиот начин на живеење?Директните контакти со здравствените работници се дел од мојата секојдневна работа. Со широката јавност директно комуницирам на настаните врзани со промоција на здрав животен стил во рамки на нашите кампањи или други настани. Како, на пример, Health, Fitness &Wellness Expo. Во однос на користењето на современите медиуми сметам дека интернетот е идеален комуникациски канал преку кој може да се понудат актуелни и релевантни здравствени совети. Веќе 5-6 години сум присутен со авторски текстови на бројни здравствени и маркетинг интернет сајтови. Исто така, секоја среда давам конкретни здравствени совети во мојата колумна ‘’Совет во среда - http://pharmanews.mk/category/sovet-vo-sreda/. Комуникацијата со публиката се одвива и преку социјалните канали – ФБ, Инстаграм, YouTube, Твитер итн.6. Дали и колку спортувате? Кој е Вашиот омилен спорт и кој спорт Вие го препорачувате за здраво живеење?Уште од раната детска возраст спортот е неразделен дел од мојот живот. Во детскиот период активно се занимавав со пливање а подоцна со клубска кошарка до мојата 22-ра година. Иако и останатите спортови со топка ми се омилени (фудбал, одбојка, ракомет), сепак кошарката ми е на прво место и сé уште, два пати неделно, играм рекреативно. Покрај ова, во летниот период, редовно возам велосипед и планинирам со мојот поголем син. Овие активности ми помагаат за намалување на стресот, детоксикација на организмот, подобар сон и секако, одржување на добра линија. Во поглед на спортувањето, секој спорт си носи свои бенефити, но и ризици. Најдобро е да биде прилагоден на возраста и физичките предиспозиции на човекот. Во раното детство, пливањето е одлично за правилен развој на телото а контактните спортови (пример, карате) се одлични за координација и дисциплина. Кај возрасните луѓе, најдобро е да се постигне баланс помеѓу аеробните тренинзи (трчање, спортови со топка) и фитнесот. Ако ништо повеќе, секој од нас треба да најде време за прошетки од барем 30 минути најмалку 3 пати неделно.7. Ве молам, неколку препораки за здрав живот?· Прескокнете ја вечерата. Последниот оброк нека Ви биде најдоцна до 19 часот.· Не заборавајте да внесете барем 3 различни сезонски овошја и барем 2 типа зеленчук секој ден.· Избегнувајте пржена храна! Помеѓу оброците, наместо пржени грицки, користете печени јаткасти плодови кои ќе Ви дадат дополнителна енергија и ситост.· Пијте барем 2 литра вода на ден, најдобро наутро до 12 часот кога способноста за детоксикација на организмот е најголема!· Заменете ги слатките со овошје! Благото е причина за зголемена телесна тежина и ризик фактор за дијабет.· Научете се на исхрана со помалку сол! Големиот внес на натриум создава ризик за покачување на крвниот притисок и ја нарушува функцијата на бубрезите.· Престанете да пушите и избегнувајте движење/вежбање во периоди на високо загадување на воздухот! Наместо тоа користете ги викендите за излет на планински свеж воздух.· Барем 1 годишно направете проверка на крвната слика и телесен преглед.· И најважно - најдете барем 30 минути за вежбање секој ден!
Comentarios