Зошто доаѓа до појава на камчињата во бубрезите?
Едно од најнепријатните заболувања на уринарниот тракт е т.н. камен во бубрег, кој најчесто се јавува кај луѓе на возраст помеѓу 20 и 55 години, а застапеноста на овој проблем е двапати поголема кај машката популација. Каменот во бубрег се создава од материи кои ги содржи урината што јасно асицира на тоа дека покрај генетските фактори, водата и храната која ја внесуваме во организмот се главни ризик фактори за појава на овој здравствен проблем.
Ако нормалниот состав на урината се промени, и се зголеми киселоста, тоа може да доведе до појава на каменчиња. Ризикот се зголемува во областите со потопла клима, при недоволен внес на витамини Б и А и мал дневен внес на течности. Каменчињата се различни по облик, големина и состав и се класифицираат како: уратен, оксалатен, фосфатен или мешан камен. Може да бидат лоцирани во самиот бубрег, во бубрежната карлица, во уринарниот тракт или во мочниот меур. Овој проблем е најчесто од повторлива природа па кај третина од луѓето кои имале ваков проблем се формира нов камен во рок од 5 години, а дури 75 % чувствуваат некои симптоми на заболувањето подоцна во животот.
Кои се симптомите на појава на бубрежни камења?
Симптомите варираат во зависност од карактеристиките на каменот – големина, облик и местоположба во уринарниот тракт. Некои помали камења не предизвикуваат никаква непријатност и обично се откриваат при рентгенски испитувања на некои други состојби.Ако каменот го блокира нормалниот проток на урината низ мочните канали, се чувствува јака болка која се нарекува бубрежна колика. Тоа е остра болка во половината и во пределот од ребрата до колковите. Ако каменот е во мочниот канал, болката може да биде во слабините или во бедрата. Мажите можат да чувствуваат болка и во тестисите. Бубрежните колики се јавуваат кога каменот ќе почне да се движи низ најтесниот дел на уринарниот тракт – мочните канали. Болката е многу силна, доаѓа во бранови и не се намалува дури ни при промена на положбата на телото. Други симптоми кои често ги придружуваат бубрежните колики се: мачнина, повраќање, крв во урината, болка при мокрење, зголемена температура како резултат на појава на уринарни инфекции кои често се од повторувачки карактер.
Превенција и терапија на бубрежните камења?
Најважна превентивна мерка претставува секојдневен внес на големи количини течности (над 2,5литри во тек на 24 часа). Кај луѓе кај кои постои ризик од формирање на калциум-оксалатни камења (најчест камен во бубрег), се препорачуваат промени во исхраната поради закиселување на урината (намален внес на месо и животински белковини, зголемен внес на зеленчук) и намален внес на намирници кои содржат големи количини калциум и оксалати (млеко и млечни производи, спанаќ, ореви, коприва, кељ, грозје, брокула, какао, чоколада и др.).
Корисни природни намирници за добро бубрежно здравје, спречување на појава на бубрежни камења и уринарни инфекции, меѓу останатите се: сок од лимон, сок од калинка, сок од брусница (Д-Маноза), маслиново масло и јаболков оцет. Корисни може да бидат и традиционални лекови како увиниот чај и чајот од коњско опавче.
За да се изведе правилно лекување, потребно е да се утврди хемискиот состав на бубрежниот камен и причините кои влијаеле за негово создавање со анализа на урината собрана за 24 часа. Целта на лекувањето е отстранување на каменот со негово измокрување преку мочните канали. Хируршка интервенција се применува во следниве случаи:
* кога одреден камен во бубрегот не се исфрла спонтано после подолг временски период и предизвикува постојана болка;
* каменот е многу голем за да се исфрли спонтано;
* каменот целосно го блокира протокот на урина и ја загрозува функцијата на бубрезите;
* каменот предизвикува повторувачки инфекции на мочните канали;
* каменот му штети на бубрежното ткиво или предизвикува континуирано крварење;
* каменот е значително зголемен во однос на димензиите од претходното снимање.
Comentários