top of page
Search
Writer's picturetopedukator

Пробиотиците докажано го подобруваат имунитетот



Со позитивни бактерии до подобар имунитет

Сè уште трае испитната сесија, сезоната на стрес, сезоната на настинки, на намален имунитет. Период каде што имаме недостаток на сон, брзаме во подготовка на испитите и не водиме грижа за храната што ја конзумираме, немаме време да се справиме со стресот којшто го чувствуваме или немаме можност да се справиме со настинката која ја влечеме од почетокот на испитната сесија.

„Bifidobacterium заедно со Lactobacillus се едни од најзначајните пробиотици кои имаат голема улога во интестиналната микрофлора“

Сите мислиме дека, за да се справиме со намалениот имунитет, треба да конзумираме повеќе храна. Но, во вакви случаи сите посегнуваме по брзи решенија за добивање енергија, посегнуваме по колачиња, вештачки сокови, чоколади и други вештачки шеќери, мaсна и рафинирана храна. Во тие моменти не сме свесни за последиците од нашите постапки, односно дека 50% од имунолошкиот систем се наоѓа во нашиот дигестивен тракт, дел од телото којшто е постојано изложен на токсини.

Многу луѓе се изненадени од фактот дека бактериите може да бидат добродојдени, особено во сезона на настинки и грип. Всушност, дигестивниот систем содржи „добри“ и „лоши“ бактерии. Гастроинтестиналниот тракт е комплексен еко-систем во чија микрофлора има над 400 бактериски видови. Мал дел од нив се наоѓаат во желудникот и во тенките црева, но најголемиот дел се наоѓаат во дебелото црево. Тие го помагаат варењето на храната, учествуваат во синтезата на некои витамини и метаболизирањето на некои лекови, ја овозможуваат функцијата на цревата и го зајакнуваат имуниот систем.

Цревната микрофлора содржи одреден број пријателски пробиотички бактерии (најпознати се Bifidobacterium и Lactobacillus) и штетни патогени бактерии, кои коегзистираат во комплексниот екосистем и може да тежат и до 1,5 килограм!

Пробиотиците се дефинирани како живи микроорганизми кои, администрирани во адекватни количини, имаат позитивен ефект врз здравјето. Bifidobacterium заедно со Lactobacillus се едни од најзначајните пробиотици кои имаат голема улога во интестиналната микрофлора.

За жал, балансот на пријателски бактерии во цревата може лесно да биде нарушен од страна на многу фактори: начинот на живот, стресот, лошата исхрана, употреба на антибиотици, како и од изложеност на токсини. Овие нарушувања може да го загрозат вашето здравје, што резултира со дигестивни проблеми и со ослабен имунолошки систем.

Постојат сè  повеќе докази кои покажуваат дека обновувањето на микрофлората со пробиотици или со „добри“ бактерии, помага во намалување на нејзиниот дисбаланс, го подобрува дигестивниот систем, но и целокупната функција на имунолошкиот систем.

Во реномираното списание „Clinical Nutrition“ се објавени резултати од едно клиничко испитување извршено на 479 испитаници кои биле поделени во две групи. Едната секојдневно користела витамини, минерали и пробиотички бактерии, и вторасдв која секојдневно користела само витамини и минерали. Истото траело повеќе од три месеци и тоа во текот на сезоната на настинки, во зима и пролет.


Целта на ова испитување, била да се испитаат ефектите на консумирањето на Lactobacillus gasseri PA 16/8, Bifidobacterium longum SP 07/3, како и Bifidobacterium bifidum MF 20/5 при симптоми, појава и времетраење на настинка.

„Внесувањето на пробиотички бактерии го намалиле времетраењето на настинката за речиси два дена“

Резултатите покажале дека во првата група која била под секојдневно дејство на витамини, минерали и пробиотички бактерии има забележано значително зголемен број на Lactobacillus и Bifidobacterium. Исто така, има значително зголемување на бројот на „Т“ помошните клетки (Th-клетките) кои имаат важна улога во имунолошкиот систем, особено во адаптивниот имунолошки систем. Сумираните резултати од ова испитување, покажале дека внесувањето на пробиотички бактерии го намалиле времетраењето на настинката за речиси два дена и истовремено ги намалиле нејзините симптоми.

Исто така, докажано е дека при консумирање на пробиотици, добиваме значајно покачување на IgA (Имуноглобулин А кој е антитело кое игра клучна улога во мукозниот имунитет) во цревната и респираторната слузница.

Со цел да се овозможи успешно зголемување на имунитетот, пробиотиците треба да се комбинираат со витамин Ц, со чие силно антиоксидативно дејство ги неутрализира штетните дејства на слободните радикали и придонесува за намалување на заморот и исцрпеноста. Треба да се внесува и минералот цинк кој е значаен за правилно функционирање на нервниот и имунолошкиот систем.

2 views0 comments

Comentarios


bottom of page