top of page
Search
Writer's picturetopedukator

Утринско кафе со Филип Ачкоски: Сакам на децата да им пренесам здрави навики


Вообичаено утрото ми започнува со будењето на мојот поголем син Марио (4г) и обврските поврзани со подготовки за негово заминување во градинка. Токму затоа првото утринско кафе по правило го пијам во канцеларија со колегите и тоа задолжително после појадокот. Пробајте ја и Вие оваа пракса, ќе Ви го заштити желудникот (се смее). Паралелно ги проверувам дневните актуелности на интернет по што сум подготвен за долг работен ден.

Работните обврски во канцеларија се поврзани со процесите на градење на продажни и маркетинг стратегии, буџетирање, анализа на резултати, бројни меjлови, телеконференции.. На ова се надоврзуваат секојдневни состаноци со клучните клиенти, колегите, маркетинг и ПР агенции, за да од сето ова на крајот произлезат поголеми активности, симпозиуми, конгреси и други настани каде се промовираат фармацевтските производи пред стручната јавност и потрошувачите.

Менаџерската работа е честопати стресна бидејќи е поврзана со управување со луѓе и постојана „трка“ со бројките и таргетите. Сепак, се трудам да најдам задоволство во секоја активност и црпам мотивација од желбата постојано да ги унапредувам активностите, настаните или кампањите кои ги организираме. По природа сум динамичен и тежнеам во секој проект што го работам да воведам некоја промена или иновација и најзадоволен сум кога ќе видам ефект од промените. Можноста да бидеме здравствени едукатори и креатори на продажба е она што ме мотивира секојдневно да извлечам максимум од себе и вработените.


Попладнињата и вечерите се по правило резервирани за семејството. Се трудиме да го користиме топлиот период од годината за активности на отворено, па посетите на Водно и Парк или возењето велосипед се во преден план. Максимата „Во здраво тело, здрав дух“ не им ја препорачувам само на клиентите и пријателите, туку се трудам и моите деца да ги воспитувам по истите вредности.

Доцна навечер, откако малите „борци“ ќе заспијат, со сопругата практикуваме да одгледаме некој добар филм и малку да се релаксираме. Имајќи в предвид дека денот ми трае во просек 18 часа не останува многу време за книги. За читање белетристика резервирани се здодевните чекања на аеродромите или самите летови кои во мојот работен распоред ги има во значаен број.

* Филип Ачкоски, м-р по фармација и директор на CHC дивизија во PharmaS

25 views0 comments

Comments


bottom of page