Младите да променат повеќе компании бидејќи тоа ќе им донесе богатство
Филип Ачкоски е регионален менаџер за Косово, Бугарија, Македонија и Албанија во хрватската фармацевтска компанија „Pharma S“. Иако овие земји се соседни и за нив се смета дека во нив преовладува истиот менталитет, за Ачкоски тоа е стереотип. Менталитетот е различен во сфаќање на бизнисот, смета тој. Во текот на неговата работа, стратегиите се модифицираат и прилагодуваат на локалниот пазар, со што им помага локален човек од кој учат тие. Ачкоски беше гостин на 15-то Бизнис кафе, кое се одржа на 31 март.
„Pharma S“ е негова трета компанија, па со искуството прави и помалку грешки, но кога почнувал ситуацијата била поинаква. Имено, тој ни откри дека кога почнувал, клучна грешка му била тоа што се обидувал да ја добие секоја битка, независно на цената. Тоа не се исплати, вели тој.
- Некогаш е подобро да се стигне до целта по заобиколниот пат. Не е важно дали ти знаеш, можеш и си во право. Туку едноставно треба да знаеш како, кога, колку да се вложи и како да се процени, да се премери и тоа е нешто што го даваат 10-15 години работно искуство и промена на средини.
Во рамки на тоа, тој ги советува младите да променат повеќе компании бидејќи тоа ќе им донесе богатство.
На прашањето за критериумите со кои ги одбира вработените, тој наведе дека CV-то не е секогаш клучно. За почеток, треба да се биде реален во побарувањата и очекувањето, вели тој. Но она што е клучно е да имате персонал кој е спремен да даде нешто плус кога треба нешто да се развие и позиционира. Ако најдете вработени коишто ќе се препознаат себеси во компанијата тогаш е задоволство да се работи.
- Во суштина, не би се фокусирал никогаш на тој што е со најголема позадина или со најдобро CV, туку на оној што е спремен да даде нешто плус од себе за да се развие компанијата и што е спремен самиот да напредува.
Тој наведе и дека во Македонија, некои 80% од луѓето би се согласиле на посигурна, но пониска плата наместо да преземат ризик. Тој смета дека целите треба да бидат поставени на повисоко ниво.
- Како што велеше мојот прв ментор, тие треба да се поставени на висина на второто јаболко на јаболкницата. Не можеш да го фатиш на прсти, ама ако скокнеш можеш да го достигнеш.
Ачкоски додаде дека најмногу учи во текот на работата и се надоградува со бизнис средби и слично, иако по професија е магистер по фармација. Од секој соработник може да се научи нешто, вели тој. Тој советува давање шанса на секоја средба, и да не се одбиваат можностите бидејќи од нив може а се научи.
Најдобриот совет што го добил е дека ништо не треба да се прави бесплатно и секој труд се вреднува само кога ќе биде наплатен, па макар и за еден пијалок. Конечно, тој смета дека стандардот се покачува постојано и треба да се напредува континуирано и да се менува пристапот, без разлика на големината и моќноста на компанијата.
Comentarios