успешни совети за твојата најдобра верзија
менаџмент здравствена едукација мотивација
Најчести грешки при употребата на контактни леќи
Контактните леќи, доколку правилно се користат, навистина може значајно да придонесат за доброто чувство и самодовербата кај луѓето со намален вид и со тоа да го подобрат нивниот квалитет на живот. Сепак, треба да се напомене дека многу луѓе практикуваат навики во примената на контактните леќи со кои го загрозуваат здравјето на очите.
Недоволна хигиена на рацете по што се допираат леќите и се ставаат во око, носи ризик од внесување на микроорганизми во очите а оттаму и во внатрешноста на организмот.
Предолго носење на леќите подразбира носење на леќи повеќе од 12 часа на ден што ја зголемува веројатноста за сушење и иритација на леќите а ја намалува и можноста за добра хигиена на очите.
Реткото менување на растворот за леќи (истиот треба да се менува секојдневно!) создава можност за размножување на микроорганизми во него по што истите се налепуваат на леќите и доаѓаат во контакт со очите.
Некои луѓе имаат навика да спијат со леќите (обично меки леќи), бидејќи сметаат дека нема да им наштети. Освен нелагодноста и можното изместување на леќата низ окото, спиењето со леќи создава услови за акумулација на бактерии и нечистотии кои водат до инфекции.
Навиката да не се вадат леќите пред туширање или пливање може да доведе до акумулација на микроорганизми и опасни очни инфекции од кои некои може да бидат и фатални по Вашиот вид.
Проблеми кои можат да настанат од несоодветна хигиена на контактните леќи
Неправилната употреба на леќите доведува до иритација на очите, непријатност, црвенило, солзење, алергиски реакции и инфекции.
Најчест проблем е конјуктивитисот, воспаление кое настанува како резултат на бактериска инфекција. Почетни симптоми се чешање и печење на двете очи, чувство на туѓо тело во окото, црвенило и замаглен вид. Неколкудневно користење антибиотски капки/маст за очи и соодветна нега, би требало да го решат овој проблем.
Најопасно е инфицирањето од бактериите псевдомонади, амеби и е-коли, кои можат да предизвикаат губење на видот а кои најчесто се последица на туширање/капење во нечиста вода без да се извадат контактните леќи.
Навики за правилна употреба на контактните леќи
Одржувајте темелна хигиена на рацете Пред секое допирање на леќите, измијте ги рацете со сапун и вода и добро исушете ги. Избегнувајте контакт на леќите со вода (пред да пливање или туширње, извадете ги). Редовно менувајте ги вашите стари леќи со нов пар кога ќе им помине рокот на употреба. Секојдневно измивајте ги вашите леќи со течноста за леќи и секодјневно менувајте ја онаа во кутичето за леќи. Кутиите за чување на леќи редовно промивајте ги со течност за леќи, а не со вода и потоа оставете ги да се исушат. Истите менувајте ги со секое ново шише течност за леќи. Капки за очи не треба да се употребуваат додека контактните леќи се во очите (со исклучок на препарати индицирани за навлажување на окото). Употребата на леќите треба да се избегнува при алергиски очни манифестации. Сувите очи се релативна контраиндикација за употреба на леќи кога состојбата е блага, а во тешките случаи, сувите очи се апсолутна контраиндикација. Контактните леќи не треба да се употребуваат во прашлива средина или кога воздухот е особено сув или топол. Интензивната работа на компјутер, исто така, е релативна контраиндикација за употреба на леќите.
Сите луѓе кои носат леќи треба редовно да посетуваат офталмолог: младите (под 20 години) два пати годишно доколку се склони на алергии, а другите еднаш годишно.
Причини за појава на смрзнатини
Иако практикувањето на зимски спортови и престојот на планина генерално се здрави активности, сепак истите носат одредени ризици најчесто поврзани со повреди од лизгање и паѓање но и смрзнатини на делови од телото кои ако итно не се менаџираат може да остават трајни штетни последици по нашето здравје.
Смрзнатините најчесто се јавуваат на периферните делови од телото, а во 90% од случаите се локализирани на стaпaлата и дланките. Истите настануваат како резултат на изложување на делови од телото на температура под 12 степени целзиусови во временски период подолг од 7 часа. За појава на смрзнатини влијание има и: влажниот воздух, студен ветар, пливање во студена вода, носење на мокри обувки и облека. Смрзнатините почесто настануваат кај лица кои се со нарушена периферна циркулација, психо-физички истоштени или неухранети. Оштетувањето во длабочина на ткивата е правопропорционално со времетраењето на изложеност на ниски температури.
Клинички знаци на смрзнатини
Први знаци на смрзнување се: болка (боцкање), трпнење, бледа, сина или боја на кожа како на мермер. Понекогаш, во почетните стадиуми, на кожата се појавува црвенило, едем, а не ретко и везикули исполнети со течност. Кожата на допир и при дразба е неосетлива. Движењата во зглобовите се оневозможени.
Првите оштетувања можат да се видат, со отстранувањето на обувките и облеката од смрзнатите делови. Многу е важно ова да се прави внимателно, бидејќи делови од кожата може да останат на облеката, ако истата грубо се отстранува од смрзнатите делови, и на тој начин повредите ќе се влошат. Најсериозните и најдлабоките смрзнатини предизвикуваат улкуси и некрози па е потребна итна хоспитализација и за жал честопати ампутација. Во секој случај комплетниот степен на оштетувањето не може да се одреди пред да се одмрзне местото. Доколку пациентот е долго време изложен на ниски температури може да дојде до појава на хипотермија (ректална температура под 37 степени) која може да биде животно загрозувачка состојба. Во зависност од стадиумот, хипотермијата се карактеризира со циркулаторни/срцеви нарушувања и на крајот тешки оштетувања на цетралниот нервен систем.
Прва помош при смрзнатини
Зафатената површина треба да се загрее без одложување, но само ако за време на транспортот не е можно повторно замрзнување и пациентот не е во хипотермија. При пружање на прва помош треба да се избегне механичка траума. Се препорачува брзо затоплување во топла вода помеѓу 40-42 степени (но не над 49степени), во период од 15- 30 минути или додека не се поврати циркулацијата во зафатената област. На пациентот треба да му се даваат загреани течности и да се рехидрира како и да му се даде аналгетик/антиинфламатор за болка и намалување на воспалението. Ако има отечени екстремитети истите треба да се подигнат. По завршување на процесот на одмрзнување зафатената површина се покрива со суви и чисти гази а потоа повремено се врши дезинфекција со јоден раствор. Во случај на посериозни смрзнатини пациентот треба во најкраток рок да се однесе на болничко лекување.
Бенефити и ризици од внесот на кофеински пијалоци
Кафето и чајот (зелен, црн, бел) се едни од најконсумираните пијалоци во светот и се основен снабдувач на организмот со кофеин – најлесно достапниот и најдобро прифатен стимуланс. Кофеинот поради стимулативните ефекти е поврзан со здравствени предности како што се зголемена будност, зголемена енергија, подобрени спортски перформанси, подобрено расположение, забрзан метаболизам и намалена болка. Кофеинот е безбеден и корисен за луѓето во умерени количини. Се препорачува внесот на кофеин да се ограничи до 400mg на ден, а истиот не треба да се консумира од страна на децата, а адолесцентите не треба да внесуваат повеќе од 100mg кофеин дневно. Исто така, бремените жени и доилките, треба да го лимитираат внесот на кофеинот на максимум 200mg дневно.
Доколку кофеинот се внесе во прекумерни количини може да предизвика низа несакани ефекти како што се: главоболка, несоница, вознемиреност и раздразливост, зачестено мокрење, забрзан пулс, покачен крвен притисок и др.
Корисни ефекти од внесување на кафе и чај
Чајот (зелен, црн, бел) освен кофеин, содржи и бројни антиоксиданси кои го прават корисен во спречување на повеќе видови на рак, воспаленија и срцеви болести. Истотака чајот го спречува производството на масни наслаги, а со тоа помага во борбата со вишокот на килограми. Чајот го спречува развојот на дијабетес и го забавува неговиот напредок, а истотака делува поволно и на црниот дроб. Луѓето кои редовно пијат црн чај имаат пониско ниво на кортизол (хормон на стресот).
Од друга страна редовната консумација на кафе доведува до слични ефекти, како што се: намален ризик од развој на срцеви болести, спречување на развој на дијабетес тип 2, како и заштита на црниот дроб од цироза. Освен тоа редовните консументи на кафе имаат помалку шанси да заболат од Алцхајмерова болест.
Наместо заклучок, редовна умерен употреба на кафе и/или чај делува поволно на нашето здравје со тоа што е особено важно да се заштитат ранливите категории (деца, адолесценти, бремени и доилки), да не се претерува и секако да не се консумираат неколку часа пред спиење.
Имуномодулатори – клучен фактор во борбата со ХПВ инфекциите!
Развој на генитални ХПВ инфекции
ХПВ инфекцијата е најчесто полово преносливо заболување при што грлото на матката е најчесто нападнатиот орган. Приближно половината од вкупниот број на сексуално активни лица може да се заразат со ХПВ во одреден период од животот а дури 80% од жените ке бидат инфицирани до навршувањето на 50-тата година. Повеќето од ХПВ инфекциите се самоизлечиви во период од 1-2 години, благодарение на имуниот систем на организмот. За жал дел од ХПВ вирусите предизвикуваат промени и тоа:
-
нискоризичните ХПВ тип 6 и 11 брадавици (кондиломи) и други бенигни тумори во аногениталната област.
-
високоризичните ХПВ тип 16 и 18, може да предизвикаат рак на грлото на матката и други малигни промени во областа на гениталиите.
Процесот на предракова состојба обично се одвива бавно и напредува од полесни кон потешки стадиуми. Може да се јават следните три степени на цервикални преканцерози:
-
ЦИН 1 – промена на нормалната структура на клетките само во долната третина од покривниот слој на грлото на матката.
-
ЦИН 2 – долните две третини од епителниот слој содржат променети клетки а горната третина е со комплетно нормална структура.
-
ЦИН 3 – промените го зафаќаат целиот епител.
Најсериозни состојби се вулварна интраепителна неоплазма и рак на вулвата и/или рак на анусот.
Препораки за превенција и терапија на гениталните ХПВ инфекции
Основни методи на превенција на ХПВ инфекциите се:
-
Вакцинирање на младите девојки против четирите најраспространети типа на човековиот папилома вирус ( HPV тип 6,11,16,18). Вакцината се прима во три дози во рок од 6 месеци и штити од ХПВ инфекција која предизвикува рак на грлото на матката и гениталните брадавици.
-
Сексуални односи со презерватив, особено со недоволно познати партнери.
-
Редовни гениколошки прегледи за секоја жена 3 години откако станала сексуално активна. Скринингот го намалува бројот на смртни случаи од ракот на грлото на матката за околу 70%.
Доколку сепак дојде до потврдена ХПВ инфекција многу е важно да се примени соодветен хигиенодиететски режим кој вклучува: здрава исхрана богата со протеини, овошје и зеленчук, престанок со пушење и конзумација на алкохол. Спротивно, треба да се исклучат: брзата храна, шеќерите и газираните пијалоци и да се намали/добро да се менаџира стресот.
Лечењето на промените кои се во аногениталната област, предизвикани од ХПВ бараат што побрза санација. Не е возможно потполно уништување на вирусот и поради тоа терапиите имаат ограничен успех и често се забележуваат рецидиви. Медикаментозната терапија подразбира долготраен (често и доживотен), редовен внес на имуномодулатори кои дејствуваат преку јакнење на природниот имунолошкиот систем кај човекот и предизвикуваат засилен антивирусен одговор а пред се: бетаглукани произведени од квасец во високи дози, пробиотици, високи дози на витамини Ц, Д, Е и фолна киселина, минерали цинк, селен и др. Локално се користат средства за дезинфекција, антимитотички агенси кои дејствуваат врз процесот на делењето на клетката и може да имаат блокирачко дејство врз ширењето на вирусот, како и кератолитици кои бргу навлегуваат во структурата на кожата и хемиски влијаат на кератинот и другите ткива.
Хируршкото лекување на предраковите состојби на грлото на матката е еден од најефикасните методи за спречување/успорување на понатамошниот развој на болеста. Се користат разни хируршки техники под локална анестезија и обично имаат добар ефект т.е. ретка е можноста од појава на нови брадавици на истото место.
Кај CIN 1 и/или CIN 2 се оди на уништување на променетата зона со електротерапија, криотерапија или ласер. После тоа се неопходни периодични прегледи, колпоскопија и циторазмаска.
Кај CIN 3, се извршува т.н. конизација – конусовидно отстранување на дел од грлото на матката.
На крајот а можеби и најзначајно е во редовната рутина да вклучите 2-3 посети на гинеколог годишно, при кои со направен ПАП тест ќе ја контролирате прогресијата на ХПВ инфекцијата навремено ќе може да се преземат дополнителни чекори.
Бенефити од високо-протеинска исхрана
Улога на протеините во нашиот организам
Протеините се едни од трите макронутриенти, заедно со јаглехидратите и мастите.
Протеините се главната компонента на нашите мускули, коски, кожа и коса. Овие ткива постојано се регенерираат со внес на нови протеини. Повеќето ензими се протеини како и хемоглобинот, а илјадниците хемиски реакции што се случуваат во вашето тело се контролирани од нив. Истотака протеините се клучни за нормалното функционирање на хормоните. Протеините се состојат од помали единици познати како амино киселини. Притоа 9 аминокиселини се есенцијални, што значи дека мора да се консумираат во исхраната бидејќи нашето тело не може да ги создаде.
Најдобар извор на протеини се производите од животинско потекло бидејќи ги содржат сите есенцијални амино киселини во оптимални количини а пред се јајца, млечни производи, месо, риба и живина. Добар извор на протеини од растително потекло се гравот, мешунките, некои житарки, соја, јаткасти плодови и семиња. Иако квалитетот на протеините е важен, количината на протеини што ја консумирате е клучна. Поголемиот внес на протеини е поврзан со корисни ефекти врз апетитот, тежината, составот на телото, стареењето и целокупното здравје.
Ефекти од високопротеинска исхрана
Јадењето повеќе протеини може да помогне да се потисне гладот и апетитот неколку часа после јадење, како резултат на зголемено производството на хормони кои помагаат да се чувствуваме сити и задоволни. Затоа поголем внес на протеини обично резултира со намалување на внесот на храна но и зголемување на стапката на метаболизмот како резултат на што високопротеинската исхрана може да ни помогне да ја намалиме телесната тежина и нивото на масти. Покрај позитивното влијание врз тежината, високо-протеинската диета може да помогне и за зголемување на мускулната маса, секако доколку сме фаза на редовен тежински тренинг. Истотака, кај постарите лица протеинската исхрана помага за намалена загуба на мускулите за време на стареењето како и за зајакнување на коските и помал ризик од фрактури. На крајот, но не помалку важно, зголемен внес на протеини се препорачува при операции или повреди со цел да се забрза зараснувањето на раните.
Здравствени ризици при преголем внес на протеини
Високо протеинските диети се безбедни и корисни за повеќето луѓе. Сепак, луѓето кои веќе имаат бубрежна болест треба да го намалат внесот на протеини за да ја зачуваат преостанатата бубрежна функција. Диета богата со протеини може да придонесе и за формирање на камења во бубрезите кај осетливи лица. Исто така, луѓето со заболувања на црниот дроб или други сериозни медицински состојби треба да се консултираат со својот лекар пред да започнат со високо-протеинска диета.
Растителни влакна корисен суплемент во борбата со прекумерна телесна тежина!
Што се нерастворливи растителни влакна (фибер) и каков е нивниот ефект во нашиот организам?
Нерастворливите растителните влакна или т.н. фибер се несварливи за нашиот дигестивен систем, поради отсуството на соодветни ензими и тие поминуваат низ цревата без значителни промени. Поради фактот дека се целосно недигестибилни и нерастворливи, овој тип влакна воопшто не е извор на калории. Освен тоа, истите ја попречуваат работата на дигестивните ензими со што се успорува дигестијата на храната, особено на онаа богата со јаглехидрати. На тој начин се избегнуваат пиковите на шеќер во крвта, а потоа и наглите падови кои не прават да се чувствуваме гладни и се ризични по здравјето. Од истата причина фиберот може особено да биде корисен и кај лицата со дијабет, кои веќе имаат нарушена и отежната регулација на шеќер. Во превентивни цели, исхраната богата со фибер, значително го намалува ризикот од развивање на дијабетес тип 2. Поради ваквиот заситувачки ефект на влакната, но и со нивното стабилизирачко дејство врз нивото на шеќер, тие индиректно допринесуваат за намалување на гладот, а со тоа и на телесната тежина. Растителните влакна исто така ја подобруваат цревната перисталтика и го намалуваат ризикот од појава на најчестите дигестивни заболувања (дијареа и констипација). Во цревата, фиберот има улога на пребиотик, односно храна за цревната микрофлора која е клучна за добро цревно здравје и силен имунитет. Покрај тоа, бројни истражувања покажуваат дека растителните влакна може го намалат нивото на холестерол во крвта и покачениот крвен притисок.
Вклучување на растителните влакна во секојдневната диета со цел слабеење?
Прекумерната телесна тежина е сериозен, глобален проблем кој е сè почест и кај нас. Истата сериозно го зголемува ризикот од низа заболувања како што се кардиоваскуларните заболувања, дијабетес тип 2, канцер и други. Промена на прехрамбените навики, соодветен внес на вода (2-3л на ден), намален внес на алкохол и прости шеќери, и засилување на физичката активност се клучни препораки со цел успешно слабеење. Кога станува збор за исхраната, комбинација на растворливи и нерастворливи растителните влакна при појадокот може значајно да помогне во процесот на слабеење. Прв очигледен ефект е нивното заситувачко дејство со што се намалува и чувството на глад. Од друга страна позитивното влијание кое го имаат на метаболизмот, перисталтиката на цревата и цревната микрофлора помага за забрзано разградување на храната и подобро искористување на внесените хранливи материи. Најдобри извори на растителни влакна се сметаат: јаболките, цитрусите, сојата, овесот, лененото семе, кајсиите, мешунките и др. Препорачаниот дневен внес на растителни влакна изнесува 20-25г.
Подочници !?!
Зошто доаѓа до појава на подочници и кеси под очите?
Подочниците се многу чест естетски проблем бидејќи на лицето му даваат уморен изглед кој тешко се отстранува. Тие се голем проблем за многу луѓе бидејќи се многу изразени и тешко се кријат, поради што луѓето имаат големи проблеми на емотивен и на професионален план.
Подочници се појавуваат кај помладите, а вреќичките под очите обично започнуваат по 35-тата година од животот. Со текот на времето, поради дегенеративни промени, ќесите под очите често се поврзуваат со подочниците поради што е тешко да се најде разграничување помеѓу нив.
Подочниците најчесто се карактеризираат со темна боја, отеченост и пигментација под очите, кои можат да се изразат одделно или заедно. Најмногу се предизвикани од лошата циркулација и слаба лимфна дренажа, бавниот метаболизам, структурата и бојата на кожата. Нивниот развој зависи од генетиката, надворешните и внатрешните влијанија.
Ќесите под очите се предизвикани од повеќе причини, а претставуваат дегенеративни промени предизвикани од стареењето поради спуштање на лицето или пенетрација на масното ткиво од очната празнина. Кога ќе се изгуби поддршката на сврзното ткиво, масното ткиво што ја исполнува очната празнина продира нанадвор. Често има опуштеност на кожата под очите, што се гледа како вишок кожа и брчки. Понекогаш со овие промени се изразува и пигментацијата што доаѓа до израз при подолго изложување на сонце особено без заштита. Други фактори за појава на подочници и ќеси под очите се: алергиски болести (невродерматитис), болести на срцето и бубрезите, хипотироидизам, недостаток на сон како и генетски фактори.
Кои тераписки третмани може да ни помогнат при појава на подочници и кеси под очите?
За да третманот биде успешен важно е да се пронајдат причините и да се направи фамилијарна анамнеза. Понекогаш е потребно прво да се направат тестови за да се исклучат алергии, болести на срцето и бубрезите и тироидната жлезда. Се советува комбинација од различни третмани или методи за дејствување на сите причини за појава на подочниците а се со цел: зајакнување на циркулацијата и лимфната дренажа, отстранување на пигментацијата, развој на нов колаген и со тоа ја згуснување и затегнување на кожата под очите.
Кремите базирани на витамини А, Е, Ц и К се чини дека најдобро помагаат при пигментираните и стагнантни темни кругови. Внесување на додатоци на исхраната на база на витамини: Б7, Е, минерали цинк и селен, колаген и хијалуронска киселина помага за добро здравје на кожата. Исто така, постојат некои други процедури кои можат да помогнат; ладни облоги, масажа неколку пати на ден од внатрешниот агол на окото до надворешниот агол на окото како и задолжитрелна употреба на очила за заштита од сонце. Се вршат и бројни дерматолошки третмани: карботерапија, инјектирање на хијалуронска киселина, радио бранови, фракциони радио бранови, ласерска терапија, како и користење на приправки од сопствена крв, сопствено масно ткиво или други сопствени клетки израснати во лабораторија. Секако не треба да заборавиме на здравата исхрана, редовната физичка активност како и мирниот целовечерен сон.
Операцијата не е решение за подочниците, но може да биде опција. Со неа не делуваме на причинителите на подочниците, туку само го отстрануваме вишокот масно ткиво и кожа под очите. Ова резултира со затегнатост на кожата. Операцијата нема ефект врз циркулацијата и лимфната дренажа, но се препорачува за многу изразени вреќички под очите кои се поврзани со подочниците.
Исхрана и суплементација за време на реконвалесценција
РЕКОНВАЛЕСЦЕНЦИЈА ПО ОПЕРАЦИЈА ИЛИ БОЛЕСТ
Реконвалесценцијата е време на опоравок и регенерација на телото по сериозна болест, повреда, или операција. Вообичаено, во ова време се препорачува неколкудневен одмор, потоа соодветна физичка активност, откажување од цигари, алкохол и кофеин, како и исхрана, лекови и суплементи по препорака на лекар. Во некои случаи, вклучувањето на соодветен специјалист, како што е физиотерапевт, диететичар или психолог, е неопходно за време на закрепнувањето.
Човечкото тело има изненадувачка способност да се опорави по некоја болест или повреда, под претпоставка дека му ги обезбедуваме соодветните услови за тоа. Илјадници хемиски и биолошки реакции се случуваат во нашето тело за да можеме да се опоравиме. Кога ќе се повредиме, белите крвни клетки итаат кон местото за да спречат инфекција. Макрофагите го уништуваат мртвото ткиво и помагаат да се контролира воспалението. Ако скршиме коска, коскените клетки наречени остеобласти почнуваат да работат за да ги спојат оштетените рабови. А оштетувањата на клетките предизвикани од болести - или тешки терапии, за рак, хепатитис и други болести - се поправаат од истите микроскопски помошници. Треба да се има во предвид дека ретко реконвалесценцијата е пријатна активност, Многу операции - особено оние поврзани со локомоторниот систем - како дел од реконвалесценцијата бараат долга, систематска рехабилитација под надзор на специјалист за да му се овозможи на пациентот целосно да закрепне.
ИСХРАНА ЗА ВРЕМЕ НА РЕКОНВАЛЕСЦЕНЦИЈА
Покрај одморот, многу е важно да се јаде здрава, лесно сварлива храна, богата со свежо овошје и зеленчук или варени производи полни со протеини (на пр. риба или бело месо), а не заборавајте и на интензивна хидратација (вода + орс). Многу специјалисти препорачуваат нивните пациенти да јадат пет пати на ден: три мали до средни оброци и две хранливи закуски. Ова помага да се спречат сериозни падови на нивото на шеќер во крвта што може да предизвика замор.
Вистински избор на јаглехидрати се јаткастите плодови, семките, мешунките и интегралните житарки бидејќи се разградуваат побавно од едноставните јаглехидрати како што се шеќерот и белиот леб. Колку е побавно разградувањето на јаглехидратите, толку е помала веројатноста дека ќе има скок на шеќерот во крвта. Бидејќи овие пикови на ниво на шеќер во крвта можат да предизвикаат воспаление и да доведат до оштетување на клеточно ниво, тие секогаш треба да се избегнуваат, но особено за време на закрепнувањето.
Соодветен внес на протеини е апсолутно суштински за оптимално заздравување. Протеините се клучен градбен елемент за поправка на клетките, кој исто така обезбедува и енергија. Севкупно, добра идеја е да се добијат околу 15 до 20 проценти од калориите од протеини, иако овие вредности може да бидат повисоки во услови на тренинг и реконвалесценција. При тоа важно е да се внесуваат и растителни и животински протеини. Покрај својствата за изградба на клетките, растителните протеини обезбедуваат фитохемикалии (кои можат да помогнат во заздравувањето) и растителни влакна.
Јадењето најмалку пет видови овошје и зеленчук секој ден е една од најдобрите работи што можете да ги направите за вашето тело. Разновидното овошје и зеленчук обезбедува извонреден избор на лековити хранливи материи, вклучувајќи големи количини на витамини и минерали кои можат да го поттикнат физичкото закрепнување. По правило, темното овошје и зеленчук е побогато од светлото со фитохемикалии и антиоксиданси.
ДОДАТОЦИ ВО ИСХРАНАТА ЗА ВРЕМЕ НА РЕКОНВАЛЕСЦЕНЦИЈА
Во случај на болест, операција или повреда одредени витамини, минерали и ензими можат да ни помогнат побрзо да се опоравиме. На пример, на кожата и на коските им е потребен витамин А за побрза регенерација. Витаминот Ц е клучен за формирање на колаген, главниот протеин во нашето сврзно ткиво. Витаминот Ц помага за заздравување на раните, зајакнување на крвните садови и спречување на инфекции. Бромелаин, ензимска смеса која се наоѓа во свежиот ананас, го намалува отокот, модринките и болката и го подобрува времето на заздравување по повреда или операција. Ликопените се особено моќни антиоксиданси кои го зајакнуваат имунолошкиот систем и се добри за машкото здравје.
Доколку користите антибиотици се препорачува и конзумирање на пробиотски додатоци, кои позитивно ќе влијаат на заштитата на природната цревна флора, ќе го поддржат дигестивниот процес и функционирањето на дигестивниот систем. За да се зајакне телото по некоја болест и да се спречи друга, важно е да се одржува добра хигиена на спиење за да се намали стресот поврзан со непријатните заболувања. Хормонот мелатонин е клучен за мирен сон. Се верува дека овој хормон го зајакнува имунолошкиот систем и помага во поправање на оштетената ДНК. Може дури и да игра улога во спречувањето на некои форми на рак.
ФИЗИЧКА АКТИВНОСТ ЗА ВРЕМЕ НА РЕКОНВАЛЕСЦЕНЦИЈА
Физичката активност има позитивен ефект врз она што е познато како хемостаза: како хемикалиите во крвта се поврзуваат и функционираат заедно. Вежбањето го подобрува и заздравувањето на мускулите, коските, тетивите и лигаментите. На пример, физичката активност го стимулира формирањето на колаген, помагајќи за правилно заздравување на оштетените ткива. Покрај тоа, се чини дека го намалува формирањето на прекумерно ткиво со лузни, познато како фиброза. Вежбањето едноставно ни помага да заздравиме побрзо и поквалитетно.
Дали добро го познаваме нашето око - болести на стаклестото тело ?!
Стаклесто тело – негова градба и улога за добар вид?
Стаклестото тело има повеќе значајни улоги за нашиот нормален вид. Од една страна со својата прозрачност овозможува пренос на светлина кон внатрешните делови на окото, понатаму има важна механичка улога за одржување на големината и обликот на очното јаболко и на крајот овозможува трансфер на хранливи материи во мрежницата. Овие улоги се последица на неговите структурни делови, каде доминира водата но и значајни активни материи како што се: колагенски влакна, гликозаминогликани, хијалуронска киселина, антиоксиданти (витамини Ц и Б2, цинк, селен). Гореспоменатите активни материи вршат неутрализација на слободните радикали (најчесто предизвикани од УВ зрачењето или воспалителни процеси во окото) кои ако не се спречат можат да ја нарушат матичната структура на стаклестото тело и да предизвикаат штетни промени. Со стареењето често доаѓа до агрегација на колагенските влакна, како и до гликација на колагенот во стаклестото тело кои процеси резултираат со негово втечнување и слабеење на постбазалната витреоретинална адхезија. Структурните промени на стаклестото тело започнуваат веќе на возраст од 20-30 години, а поинтензивни промени во структурата на стаклестото тело се очекуваат по 40-50 година. Веќе после 80тата година, повеќе од половина од стаклестото тело е во течна форма. Особено се погодени кратковидите луѓе кај кои клинички знаци на структурни промени во стаклестото тело се очекуваат најмалку 10 години порано.
Симптоми на структурните нарушувања на стаклестото тело?
Први симптоми на структурни промени на стаклестото тело се појава на пловечки честички (мушички) кои се движат слободно низ видното поле на пациентот. Доколку не се реагира соодветно може да дојде до прогресивни болести на стаклестото тело и тоа: воспаление на очните мембрани и последователно формирање на апсцес, крварењето во стаклестото тело, астероидна хијалоза, сцинтилирачка синхиза па се до одвојување на стаклестото тело. Со цел да се менаџираат овие сериозни здравствени состојби кои значајно го нарушуваат квалитетот на живот на пациентите па офталмолозите прибегнуваат кон фармаколошки третман (антибиотици, кортикостероиди), ласерска витреолиза - ласерско кршење на „пловечките објекти“, и на крајот хируршки интервенции (витректомија) за отстранување на стаклестото тело и патолошките промени во внатрешноста на окото кои го загрозуваат видот.
Која е улогата на додатоците на исхраната при дегенерација на стаклестото тело?
Одредени протеини, антиоксиданти, витамини и минерали а пред се: лизин, хесперидин, проантоцијанидини, хијалуронска киселина, витамини Б2, Б6, Ц и Е, цинк и селен можат да помогнат во зачувување на матичната структура на стаклестото тело и за зголемување на неговиот антиоксидативен капацитет. На овој начин гореспоменатите активни состојки вршат забавување/запирање на дегенерацијата на стаклестото тело и ги ублажуваат визуелните непријатности преку отстранување на пловечките објекти (мушички) од видното поле со што значајно го подобруваат визуелниот квалитет на живот.
Комбинација на витамини Б1, Б6 и Б12 за здрав нервен систем!
Зошто Б витамините се неопходни за нашиот организам?
Б витамините се група на хидросолубилни витамини кои имаат широк распон на делување и многубројни позитивни влијанија врз нашето тело. Витамините Б1, Б6 и Б12, се исклучително важни за одржување на нормалната функција на нервниот систем како и за нормална психолошка функција. Токму затоа редовното користење на комбинацијата од овие 3 витамини, дава синергистички ефект кој може да помогне во различни ситуации каде веќе се појавиле симптоми кои укажуваат на оштетување на нервите. Освен тоа Б витамините придонесуваат за нормален енергетски метаболизам, намалување на заморот и исцрпеноста и добар имунитет.
Спротивно од ова, во случај на недостаток на овие витамини може да дојде до пореметувања во функционирањето на нервниот систем и да создаде нелагодни симптоми (трнење) на одредени делови на телото, лошо расположение, раздразливост, слаба концентрација, замор, несоница, депресија итн.
Како да ги внесеме Б витамините преку исхрана во доволни количини?
Со оглед на тоа дека Б витамините, генерално не можат да се складираат во организмот во значајни количини, неопходно е нивно секојдневно внесување со исхраната каде се лесно достапни особено во храна од животинско потекло.
Витаминот Б1 (тиамин) најмногу го има во рибата, во мешункастите плодови, во семките и во интегралниот ориз. Витаминот Б6 го има во пилешкото, мисиркиното месо, скробен зеленчук, во млечните производи итн. Витаминот Б12 го има најмногу во риба (туна), месо, јајца, квасец, млечни производи (јогурт, сирење) итн.
Кога е потребен дополнителен внес на Б – витамини преку додатоци во исхраната?
Дополнителна суплементација со Б витамини е особено важна кај лица со хронични болести (дијабет, реуматоиден артритис, дискус хернија, невролошки и психијатриски пациенти итн.), кај вегетаријанци и вегани (пред се Б12), кај бремени жени и доилки, при инфективни заболувања и проблеми со метаболизмот.
Антиоксиданти – примарна одбрана од развој на дегенеративни болести!
Што се антиоксиданти и зошто се неопходни за нашиот организам?
Антиоксидантите се соединенија кои го спречуваат процесот на оксидација во организмот, при кој се создаваат слободни радикали кои доведуваат до оштетување на клетките. Антиоксидантите ги неутрализираат слободните радикали пред истите да предизвикаат оштетување на ДНК. Телото ги создава слободните радикали преку секојдневните внатрешни метаболички процеси, вклучително и производство на енергија но и како одговор на надворешни стрес фактори како што се УВ зраци, пушење, алкохол, нездрава исхрана, несоница и многу други фактори. Кога количината на слободни радикали го надминува капацитетот на присутните антиоксиданти во телото, може да се развие т.н. оксидативен стрес кој води кон оштетување на ДНК, и понатаму клеточни, ткивни, и органски оштетувања како резултат на кои, може да се појават болести како што се дијабетес, срцеви заболувања, артритис и карциноми.
Телото продуцира најмногу антиоксиданти во периодот на детството, а нивните нивоа опаѓаат со текот на стареењето, поради што растат и потребите за нивно поголемо внесување преку исхраната.
Кои се најкорисни антиоксиданти и како да ги внесеме во организмот преку исхраната?
Најзначајни антиоксиданти се: витамините А, Ц и Е, каротеноидите (алфа и бета каротен, лутеин, зеаксантин и ликопен), коензимот Q-10, селен, манган итн.
Споменатите антиоксиданти, секој со свој механизам на дејство, го забавуваат стареењето,
ја превенираат атеросклерозата, ги намалуваат воспаленијата, го засилуваат имунитетот, го зголемуваат производството на енергија, го намалуваат заморот и исцрпеноста итн. со што спречуваат развој на бројни заболувања.
Споменатите антиоксиданти главно ги наоѓаме во овошјето и зеленчукот, особено во црното грозје, праски, сливи, јаболки, банани, јагоди, цреши, боровинки, капини, малини, агрумите, домати, моркови, спанаќ, грашок итн.
Кога е потребен дополнителен внес на антиоксиданти преку додатоци во исхраната (суплементи)?
Дополнителна суплементација со антиоксиданти е особено значајна кај бремените жени, спортистите и рекреативците, постарата популација, акутни болни, хронични болни (особено дијабетичари) и реконвалесцентите, како и сите лица под зголемен физички и/или ментален стрес или лица кои имаат неправилна/неизбалансирана исхрана.
Коензим ку 10 – есенцијален елемент за целиот организам
Коензимот ку 10 (Q10) е есенцијален елемент, сличен на витамините, кој е растворлив во масти и е присутен во сите клетки на нашето тело. Тоj има важна функција во претворањето на енергијата на хранливите материи во сопствената енергија на организмот, бидејќи е составен дел од процесот со кој енергијата во митохондриите се трансформира во форма на АТП (аденозин трифосфат). Дејствува како еден вид катализатор што ги забрзува и насочува енергетските процеси. Во најголема концентрација се содржи во срцето, црниот дроб, бубрезите и панкреасот поради што нивната способност да вршат физиолошки задачи директно зависи од присутната концентрација на коензимот ку 10. Исто така, коензимот ку 10 е моќен природен антиоксиданс, кој ги штити клеточните мембрани од слободни радикали што се формираат при различни процеси за време на производството на енергија во митохондриите. Поради сите овие својства, тој има повеќе корисни ефекти врз нашата општа состојба, физичката способност, но и работата на срцето.
Неговиот недостиг доведува до нарушувања на енергетската рамнотежа и до разни функционални нарушувања. Нашето тело произведува коензим ку 10 и максимална концентрација се достигнува на возраст од 22 до 23 години. Но со возраста, телото ја губи можноста да го создава, па се смета дека содржината на коензимот ку 10 во организмот е пониска за околу 30 проценти на возраст од 40 години и дури за 60 проценти на возраст од 60 години во споредба со личност на возраст од 20 години. Овој недостиг дополнително се влошува во случаи на: силен стрес, инфекции, хронични заболувања, лекови (бета-блокатори, антилипемици, антихипертензиви, антидијабетици) и лоши прехранбени навики.
Што се однесува до храната, најдобри извори на коензим ку 10 се: растителни масла (соја, сусам), ореви, црвено месо (срце, црн дроб и мускули), сина риба (скуша, лосос, сардини), пилешки црн дроб, соја, спанаќ, кељ, брокула, портокали и јагоди. Обично преку секојдневната исхрана може да внесеме помеѓу 10 и 15 мг на ден, претежно преку риба и месо.
Токму затоа вегетаријанците треба да бидат внимателни затоа што нивното внесување на коензим ку 10 честопати е помало од оптималното поради специфичната исхрана. Во случај на недостиг од коензим ку 10 клетките остануваат без потребната енергија за извршување на своите функции, што има штетни последици по целиот организам. Ниското ниво на коензимот ку 10 во крвта е потенцијален ризик-фактор за развој на: срцева слабост, ангина пекторис, мозочен удар, хипертензија, кардиомиопатија, периодонтитис, мускулна дистрофија, Алцхајмерова и Паркинсонова болест, алергии, астма, мигрена и шизофренија. Затоа, дополнителното внесување на коензимот ку 10 преку додатоци во исхраната во голема мера помага во превенцијата и третманот на овие состојби. Коензимот ку 10 како антиоксиданс го забавува и процесот на стареење на кожата и значително го намалува формирањето брчки.
Исто така, се верува дека помага при неплодност, бидејќи ја зголемува концентрацијата на сперматозоидите и подвижноста на спермата и ја намалува загубата на јајце-клетки кај жените. Поради зголемената потреба за генерирање на клеточна енергија (АТП), спортистите исто така имаат значителна придобивка од земањето дополнителен коензим ку 10. Хроничниот недостиг, од своја страна, доведува до постојан замор и исцрпеност, недоволна концентрација и метаболички нарушувања. Оваа состојба доведува до нарушувања на метаболизмот на јаглени хидрати (дијабетес кај постари лица), нарушувања на метаболизмот на мастите (кардиоваскуларни проблеми) и до забрзано и предвремено стареење на клетките. Препорачаната дневна доза при овие состојби е најмалку 30 мг. Бидејќи најголема концентрација на коензимот ку 10 има во срцето, недостигот од коензим ку 10 се ефектуира во послаба функција на срцевиот мускул, што доведува до срцева слабост.
Затоа, се користи во превенција и олеснување на симптомите кај: срцева слабост, ангина пекторис, срцев удар и висок крвен притисок. Препорачаната дневна доза при овие состојби е 90-100 мг. Како моќен антиоксиданс, во комбинација со витамин Е, учествува во превенција на атеросклероза, затоа што ја спречува оксидацијата на ЛДЛ-холестеролот и неговото таложење во sидовите на крвните садови. Не треба да се заборави дека многу фреквентно користените лекови за намалување на покачен холестерол (статини) ја блокираат синтезата на коензимот ку 10 во организмот, што доведува до намалена концентрација на коензимот ку 10. Затоа, и во овој случај е потребно негово дополнително внесување за да се намали можноста за појава на болки во зглобовите и мускулите. Се препорачува коензимот ку 10 да се зема со оброци, најдобро со храна што содржи повеќе масти заради негова подобра апсорпција.
Како да превенираме и да третираме анемија и недостиг од железо во крвта
Анемија (слабокрвност) е состојба на телото предизвикана од намален број еритроцити и/или намалено количество хемоглобин во нив. Најчесто се јавува како резултат на загуба на крв (повреди, тешка менструација), крвавење во дигестивниот систем (чир, хемороиди, улцеративен колитис, дивертикулоза, тумори…), намалено производство или прекумерно разложување на крвните клетки, веганска исхрана итн. Исто така една од најранливите групи за развој на анемија се бремените жени, децата и адолесцентите поради зголемени потреби за железо за време на раст и развој. Според причината за настанување има повеќе видови анемии.
1. Анемија предизвикана од неправилно производство на еритроцити, која опфаќа неколку поттипа:
• Сидеропенична анемија – предизвикана од недостиг од железо. Се јавува како резултат на намалено внесување, нарушена апсорпција во дигестивниот тракт, губење крв (менструални крвавења) или поради зголемена потреба за железо.
• Мегалобластна анемија – предизвикана од недостиг од витамин Б12 или фолна киселина, но може да се појави и како резултат на метаболички нарушувања на овие два витамина.
• Српеста анемија: наследна форма на анемија во која еритроцитите имаат форма на срп и се нефункционални.
• Пернициозна анемија: предизвикана од недостиг од витамин Б12.
• Апластична анемија: производството на црвени крвни клетки во коскената срцевина е значително намалено.
2. Анемија предизвикана од дефект на еритроцитите, пр. хемолитичка анемија при која еритроцитите брзо се разложуваат.
3. Анемија предизвикана од губење крв: тешка менструација, гастроинтестинални нарушувања (хемороиди, гастритис), тумори, земање одредени лекови, нестероидни антиинфламаторни лекови.
Симптомите на анемија и недостиг од железо во крвта се чувствуваат релативно брзо и опфаќаат:
• Ефекти врз кардиореспираторниот систем: диспнеа (отежнато дишење), тахикардија (зголемено отчукување на срцето), палпитации (нередовно чукање на срцето).
• Ефекти врз централниот нервен систем: замор, летаргија, тинитус, вртоглавици, нарушена концентрација и меморија.
• Ефекти врз васкуларниот систем: бледа кожа, мукозни мембрани и конјунктиви.
• Ефекти врз урогениталниот систем: менструални проблеми, губење на либидото итн.
Дијагнозата за анемија бара детална лабораториска дијагностика за да се утврдат вредностите: број на еритроцити (Ер), хемоглобин (Hb), хематокрит (Htc), број на ретикулоцити (Rtc), пресметка на индекси на еритроцити (MCV, MCH, MCHC, RWD) и феритин (резервно железо). Намаленото ниво на феритин укажува на недостиг од железо во крвта (бременост, намалено внесување железо во исхраната, акутно или хронично крвавење). Индексите на еритроцити ја опишуваат големината на еритроцитите (MCV), средната содржина на хемоглобин во еритроцитите (MCH), просечната концентрација на хемоглобин во единицата за волумен на еритроцитите (MCHC), распределбата на еритроцитите по волумен (RWD).
Пристапот и третманот на анемијата зависи токму од овие вредности. Кога имаме анемија со намалени MCV и MCHC вредности, нарушено е созревањето на еритроцитите како резултат на недостиг од железо и тоа е сидеропенична анемија. Спротивно на тоа при анемија со покачени MCV и MCHC вредности се сомневаме дека има недостиг од витамин Б12 или фолна киселина, т.е. мегалобластна анемија. Во случај на акутно крвавење, ќе се појават намален број еритроцити, намален хематокрит и хемоглобин, со нормални вредности на MCV и MCH. Правилната, разновидна исхрана богата со железо е значаен фактор во спречувањето развој на анемија, а лековите и додатоците во исхраната помагаат што поскоро да се нормализираат нивоата на железо во организмот. Железото се наоѓа и во производи од животинско потекло (посно црвено месо, црн дроб, риба, школки и јајца) и во производи од растително потекло (грав, леќа, наут, спанаќ, капини, цвекло, брокула, сливи и кајсии, лисја од репка, интегрална пченица, јачмен и ореви). За подобро искористување на железото, храната од растително потекло треба да се комбинира со витамин Ц.
Сепак, во ситуација на големи загуби на железо (силни крвавења) или одбивање на внесување храна богата со железо (деца и трудници) недостигот од железо во крвта мора да се компензира со внесување додатоци во исхраната. Најдобра опција се додатоци во исхраната што содржат комплекси на железо-бисглицинат, кои се многу добро апсорбирани и се многу благи за дигестивниот систем, т.е. тие имаат најмалку несакани ефекти од типот на гастрични тегоби и боење на столицата и забите. Со суплементација со железо симптомите на неговиот недостиг исчезнуваат многу брзо (сонливост, замор…), а нормализирање на хемоглобинот може да се очекува по 3-4 недели од терапијата.
Сепак, терапијата се спроведува најмалку три месеци бидејќи животниот век на еритроцитите е 120 дена, така што е потребно толку време за да се дополнат резервите за железо во организмот и да се нормализира феритинот во крвта. Потребна е претпазливост при употреба на лекови со кои железото има интеракција (пр. тетрациклини и антациди). Исто така кафето, чајот, какаото и другите пијалоци што содржат кофеин, теобромин или танини треба да се пијат најмалку еден до два часа пред или по земањето додатоци со железо, бидејќи овие супстанции го отежнуваат апсорбирањето на железото.
Гастритис – причини, симптоми и третман
Гастритисот претставува воспаление на желудочната слузница. Поради современиот начин на живот во кој се вообичаени неизбалансирана исхрана, пушење, прекумерна консумација на кофеин и алкохол и постојан стрес, во моментов владее еден вид „епидемија“ на гастритис. Притоа ниедна возрасна група не е поштедена почнувајќи од средношколците па до постарата популација. Кај младите клучен фактор се стресот и неправилните навики во исхраната, кај постарите лица има зголемен ризик од развој на гастритис затоа што гастричната слузница се истенчува со возраста и затоа што постарите луѓе имаат поголема веројатност да имаат инфекција со х. пилори или некои автоимуни нарушувања. Симптомите на гастритис се појавуваат постепено и можат да траат неколку години, а повеќето пациенти бараат помош само кога симптомите стануваат силно изразени. Најчести симптоми се: болка или непријатност во горниот дел на стомакот, надуеност, икање и подждригнување, киселини, губење на апетитот, гадење и повраќање, па дури и појава на темни столици и повраќање крв. Симптомите честопати се игнорираат во прво време, а пациентите прибегнуваат кон употреба на лекови против болки, антациди и Х2-блокатори, кои се лесно достапни без рецепт.
Некои од самите лекови (аналгетици – нестероидни антиинфламаторни лекови) можат да придонесат за прогресија на болеста, се создава магичен круг во кој поединецот ја губи контролата врз болеста и таа добива хроничен облик. Пациентите со хроничен гастритис може да развијат пернициозна анемија поради недостиг од витаминот Б12, а без соодветен третман може да дојде до формирање чирови на желудникот, а на крајот и до развој на рак на желудникот. Од друга страна, благи форми на гастритис се јавуваат речиси кај сите и веројатно имате гастритис ако сте страстен пушач или редовно консумирате алкохол. Повремените напади на гастритис не претставуваат голема опасност, но ако нападите се чести, придружени со повраќање и силна болка во стомакот, постои ризик од ерозија на желудникот. Прегледот на лекар не е неопходен за секоја болка во стомакот, но дефинитивно е потребен за болки во стомакот што траат подолго од 2-3 дена или се засилуваат.
Неможноста за земање течности и храна преку уста со часови, температура на телото повисока од 38,5 Целзиусови степени, повраќање крв или кафеава содржина, како и појава на крвави столици и ненадејно слабеење без намалено внесување калории, исто така, бараат преглед и дополнителна дијагностичка обработка од соодветен лекар. Постојат неколку причини за гастритис, а најчести се: инфекција со хеликобактер пилори, честа употреба на нестероидни антиревматски лекови (НСАИЛ) (пр. ацетил-салицилна киселина, диклофенак, ибупрофен, кетопрофен), консумирање алкохол, пушење и тешки системски заболувања. Гастритисот може да биде предизвикан и од заразни фактори: бактерии, вируси, па дури и габи и паразити. Автоимуните нарушувања и алергиските реакции во дигестивниот систем исто така придонесуваат за развој на гастритис. Сепак најчеста форма на гастритис е оној предизвикан од хеликобактер пилори. Инфекцијата обично се случува во рана возраст и трае цел живот, а пациентот честопати нема изразена непријатност.
Инфекцијата со хеликобактер пилори може да се докаже со испитување на крв, столица и издишен тест. Доколку се докаже инфекција со хеликобактер пилори, дефинитивно треба да се третира бидејќи продолжената инфекција може да предизвика оштетување на мукозата што е сериозен ризик од рак на желудникот. За третманот на инфекција со хеликобактер пилори се користи комбинација на антибиотици и лекови што го блокираат лачењето на желудочната киселина (ИПП-инхибитори на протонската пумпа). Паралелно со примената на антибиотици задолжително се користат специфични пробиотски комбинации што го унапредуваат успехот на терапијата и ги намалуваат штетите од агресивниот антибиотски третман. Освен тоа, важно е да се ослободите од нездравите навики како што се цигарите и алкохолот, бидејќи никотинот го стимулира лачењето на желудочната киселина, а алкохолот предизвикува оштетување на желудочната слузница.
Не се препорачува употреба на нестероидни антиинфламаторни лекови што директно ја оштетуваат желудочната слузница. Потребни се и коренити промени во исхраната, кои подразбираат: целосно елиминирање на внесувањето кофеин (кафе, црн чај, енергетски пијалоци) избегнување масна храна (црвено месо, масно сирење, путер, пржена храна) незрело и кисело овошје (грозје, агруми, конзервирано овошје) газирани пијалоци, кромид, лук, алкохолен оцет, сенф, лути пиперки, црн и црвен пипер и други силни зачини. Важно е да се јадат неколку помали оброци (4-5 пати) на ден, пред сѐ, врз основа на: двопек, тестенини, ориз, пченка, варен зеленчук (компири, спанаќ, моркови, млад грашок, млад грав, карфиол, брокула, тиквички, излупени домати, цвекло) варено или печено посно месо (телешко, говедско, бело пилешко) или риба, тврдо варени јајца, посно млеко, кравјо сирење, јогурт и благи растителни чаеви (камилица).
Глауком – водечка причина за неповратно губење на видот!
Глауком претставува синдром што се карактеризира со оштетување на оптичкиот нерв со последователни промени во видното поле и повремено или трајно зголемување на интраокуларниот притисок. Интраокуларниот притисок се зголемува поради задржување премногу течност во окото. Ако интраокуларниот притисок е покачен, а не се третира или регулира подолг временски период, поради притисокот врз нервните влакна на оптичкиот нерв, доаѓа до нивно оштетување. Најголем проблем со глаукомот е што пациентот на почетокот нема симптоми, бидејќи штетата е мала и се јавува на периферијата на визуелното поле, а пациентот сѐ уште гледа јасно. Кога се појавуваат проблеми со видот, тогаш оптичкиот нерв веќе е значително и неповратно оштетен, а симптомите се: многу висок очен притисок, значителен пад на видната острина, заматен вид, болки во пределот на очите, главоболка, гадење и повраќање.
Нетретираниот глауком е водечка причина за слепило кај луѓе над 40 години. Поради оваа причина, клучен фактор за превенција од глауком се редовните офталмолошки прегледи кај пациентите над 40-годишна возраст, најмалку еднаш годишно. Глаукомот се дијагностицира со мерење на интраокуларниот притисок и испитување на оптичкиот нерв. Во случај на сомнеж за глауком, правилниот третман може да ја забави или запре понатамошната прогресија на болеста. Третманот со глауком се изведува со капки, ласерски или оперативно, што зависи од состојбата на пациентот, односно колку е оштетен видот во моментот кога ќе се потврди дијагнозата на глауком.
Ризик-фактори за појава на глауком се: покачен крвен притисок, хипотиреоза, дијабетес; возраст над 40 години; генетски предиспозиции; значајна кратковидост; честа и долготрајна терапија со кортикостероиди, како и повреди на очите.
Покрај ова, се смета дека васкуларната дисрегулација и оксидативниот стрес се два механизми што може да доведат до поголем ризик за развој на глауком.
Истражувачите сметаат дека исхраната може да има ефект при контрола на овие два механизми за да се намали ризикот за развој на глауком.
Внесувањето каротиноиди и витамини А, Ц и Е, преку овошје и зеленчук (моркови, брокули, спанаќ, магданос, бадеми, лешници, сончоглед) и јајца, може да биде поврзано со намалена зачестеност на глауком кај постари жени. Каротиноидите – лутеин (10 мг/ден) и зеаксантин (2 мг/ден) имаат силни антиоксидативни ефекти и, преку намалување на нивото на оксидативен стрес, како и спречување на штетните ефекти од сината светлина и УВ-зрачењето, може да имаат невропротективни ефекти при глауком.
Освен тоа, внесувањето на омега-3 масните киселини преку консумација на морска риба (лосос, сардини, туна, харинга) двапати неделно ги заштитува малите крвни садови што се наоѓаат во очите. Затоа, омега-3 масните киселини може да бидат клинички важна опција во третманот на суво око кај пациенти со глауком што користат капки за глауком.
Имуномодулаторни хранливи материи го ослабуваат ковид-19
Во изминатите неколку месеци нашите животи радикално се променија поради пандемијата на ковид-19. Во овој процес стекнавме голем број информации како да се заштитиме од оваа недоволно позната болест. Покрај секојдневните совети за „избегнување“ на инфекцијата (носење маски, физичко растојание од 2 м, хигиена на рацете итн.), денес сакам да обрнам внимание на еден важен сегмент во спречувањето на инфекцијата, а тоа е соодветна употреба на имуномодулаторни хранливи материи.
Искуствата од инфективните и хроничните заболувања, генерално покажуваат дека потхранетоста го ослабува имунолошкиот систем и ги прави индивидуите ранливи на заразни заболувања, така што можеме да очекуваме поголема смртност и потешки форми на болеста кај неисхранети хронични пациенти и постари лица. Од друга страна, нема сомнение дека дебелината е голем проблем при инфекцијата со ковид-19, бидејќи модерната исхрана и седечкиот животен стил ни донесе голема зачестеност на лица со прекумерна телесна тежина.
Познато е дека при патолошка дебелина леукоцитите имаат намален бактериден капацитет, а постои и директна поврзаност помеѓу степенот на дебелина и намалувањето на клеточниот и хуморалниот имунитет. Откриена е и намалена активност на клетките убијци (НК клетки) и намалена функција на Т-лимфоцитите.
Во принцип, се смета дека дебелите луѓе се повеќе склони кон респираторни инфекции поради механички и хормонални причини. Масното ткиво денес се смета за ендокрин орган, додека дебелината се препознава како хронична воспалителна состојба. Затоа превенцијата и третманот на неисхранетоста и дебелината е една од формите на долгорочна стратегија за спречување на развој на тешки форми на заболувања од ковид-19. Суплементацијата со витамини и минерали е дел од конвенционалниот нутриционистички пристап за спречување на вирусни инфекции.
Општо земено ниското ниво или недоволното внесување на хранливи материи како што се витамините: А, Д, Е, Б6, Б12, витамин Ц, омега-3 масни киселини, селен, цинк и железо се поврзани со неповолни клинички исходи за време на вирусни инфекции. Секако, значаен удел во превенцијата на респираторни инфекции има употребата на пробиотици за да се балансира цревната микрофлора и додатоци во исхраната како што се бета-глуканите, кои ги активираат макрофагите, леукоцитни клетки, чија главна задача е да го заштитат организмот од напад на непознати патогени. Затоа се препорачува да се обезбеди внес на дневните потребни количества пробиотици, витамини Ц и Д, и минералот цинк, особено кај неисхранети, дебели и хронични пациенти или пациенти со ковид-19, за да се оптимизира општата антиинфективна нутритивна одбрана.
Ризични групи во пандемијата на ковид-19 се стари лица и пациенти со хронични заболувања, т.е. оние групи кај кои се регистрирани ниски нивоа на витамин Д во крвта. Во ризичните групи со поголема смртност и потешки форми на болеста се и дебелите луѓе и пушачите, кои исто така имаат пониско просечно ниво на витамин Д во крвта.
Научните студии покажаа поврзаност помеѓу ниските концентрации на витамин Д и инциденцата на инфекции на горниот респираторен тракт, пневмонија, инфекции на ушите, хепатитис Б и Ц и ХИВ. Ниското ниво на витамин Д е поврзано и со малигни, кардиоваскуларни, автоимуни и невролошки заболувања, како и со хронични респираторни заболувања, дијабетес и хипертензија. Затоа им се препорачува на сите жители во карантин, кои не излегуваат на сончева светлина, дневна суплементација со препарати, кои содржат 400 ИЕ на витамин Д. Препораката е за целата популација, а не само за ризичните групи поради тоа што во затворен простор, постои висок ризик од развој на недостиг од витамин Д. Витаминот Ц, од своја страна е добро познат по улогата како антиоксиданс и е значаен за синтеза на колагенот и сврзното ткиво. Исто така ја поддржува функцијата на имунолошкиот систем и штити од вирусни инфекции.
Витаминот Ц исто така дејствува како благ антихистаминик и може да помогне за ослободување од симптоми како што се кивање, назална конгестија и проблеми со синусите. Исто така, се покажа дека суплементацијата со витамин Ц (200 мг/ден) е ефикасна во намалувањето на инциденцата на пневмонија, што значи дека овој витамин може да помогне при штетните последици, кои коронавирусот најчесто ги носи на респираторниот систем. Воспалението на белите дробови предизвикано од ковид-19, во суштина, е предизвикано од хиперактивност на клетките на имунолошкиот систем, а витаминот Ц дејствува како ефикасен имуномодулатор и го смирува воспалението. Следствено, општо познати се корисните ефекти на цинкот врз вродената и стекната имунолошка реакција. Недостигот од цинк резултира со дисфункција на хуморалниот и клеточниот имунитет што може да ја зголеми подложноста на заразни болести. Терапијата со дополнителен внес на цинк (10-15мг/ден) кај индивидуи на кои им е дијагностициран недостиг од цинк може да ја намали смртноста предизвикана од инфекции на долниот респираторен тракт. Зголемувањето на концентрациите на меѓуклеточен цинк може ефикасно да ја намали стапката на репликација на разни РНК-вируси. Затоа, дополнителен внес на цинк може да даде добар ефект за олеснување на последиците на ковид-19 како што се респираторни инфекции.
Покачени триглицериди – сериозен индикатор на влошено здравје!
Крајот на јануари, секако, е добар период да направите крвна слика и да ги проверите „штетите“ од празничниот период врз вашиот организам. Еден од параметрите на кој особено се обрнува внимание при читањето на направената крвна слика, секако, е вредноста на триглицеридите. Доколку вредноста на триглицеридите во крвта е над 1,7 ммол/л зборуваме за триглицеридемија (покачени триглицериди). Покачените масти се сериозен индикатор за влошување на вашето здравје, а на долг рок предизвикуваат појава на артериосклероза, која го зголемува ризикот од покачен крвен притисок, срцев удар, мозочен удар и други кардиоваскуларни заболувања. За жал, високите вредности за триглицериди не даваат симптоми кај најголем дел од пациентите.
Токму затоа е многу важно да разбереме која е функцијата на триглицеридите во нашиот организам, но уште повеќе и како да го контролираме нивното ниво во крвта. Триглицеридите се соединенија на глицерол и 3 масни киселини, кои обезбедуваат енергија потребна за нормално функционирање на клетките. Покрај тоа, ги обвиваат и штитат органите, но и учествуваат во апсорпцијата и транспортот на витамини растворливи во масти (А, Д, Е, К). Делумно се внесуваат во организмот преку храна од животинско потекло, а ги произведува и нашиот организам, пред сѐ од вишокот внесени јаглехидрати со исхраната. Од ова станува јасно дека клучен фактор во нарушувањето на нивото на триглицериди во крвта е неправилната исхрана т.е. исхрана богата со масти, особено од животинско потекло, како и прекумерен внес на прости шеќери. Триглицеридите внесени преку храна во организмот се разградуваат на глицерол и масни киселини. Глицеролот се претвора во гликоза (крвен шеќер), која може да се искористи за создавање енергија, а масните киселини се разградуваат до поедноставни при што исто така настанува енергија. Вишокот триглицериди се складираат во масните клетки во телото во случај да му бидат потребни подоцна, при дефицит на храна. Клучен орган за метаболизмот на триглицеридите е црниот дроб, кој со своите ензими и жолчните соли, кои ги создава, е одговорен за регулација на нивото на триглицериди во крвта.
Токму затоа одржувањето на црниот дроб во добра кондиција е важно, меѓу другото, и за одржување нормални нивоа на триглицериди, што подразбира и контролиран внес на алкохол и прекин на пушењето. Други ризик-фактори за покачени триглицериди се дебелината, која најчесто е последица на седечки начин на живот и физичка неактивност, стресот, како и одредени заболувања на бубрезите, дијабетес и хипотироидизам. Со напредувањето на годините, полека се зголемува нивото на триглицериди, поради забавување на метаболизмот, поради што популацијата над 40 години треба редовно (на 1-2 години) да ги контролира вредностите за триглицериди, а истото тоа важи и доколку болеста има фамилијарна историја поради тоа што покачените триглицериди докажано имаат и генетска подлога. Доколку дијагностички се потврди покачено ниво на триглицериди, прва цел е намалување на телесната тежина и доведување на БМИ (body mass index) во нормала (18,5 – 24,9), бидејќи секое намалување на телесната тежина за 5 отсто или повеќе докажано значајно го намалува нивото на триглицериди во крвта. За оваа цел се применува комбинација од соодветна диететска исхрана богата со растителни влакна и течности, а сиромашна со масти и шеќери, како и редовна физичка активност. Оваа комбинација го забрзува метаболизмот и помага за контрола и намалување на телесната тежина и нивото на масти во крвта. Значајно забрзување на метаболизмот и намалување на телесната тежина може да се постигне и со долготраен внес на пробиотици, кои исто така го помагаат здравото варење на храната. Корисно дополнување на овие хигиенодиететски мерки се дополнителен внес на додатоци во исхраната од типот на црвен ориз, артичока, омега 3, коензим Q10, јаболков оцет и други, кои секои на свој начин го намалуваат нивото на масти во крвта и воопшто придонесуваат за подобро кардиоваскуларно здравје. Овде особено вреди да се истакне поволното дејство на црвениот ориз (монаколин К) и артичоката, кои ја стопираат изградбата на масти (монаколин К) и ја зголемуваат нивната разградба (артичока) со што докажано се намалува нивото на триглицериди во крвта за најмалку 20 проценти.
Правилен и навремен третман на дијареја заради избегнување можна дехидратација!
Една од најзагрижувачките симптоматологии што како родител ја гледам кај сопствените деца е секако појавата на дијареја (пролив). Дијарејата се карактеризира со зголемена содржина на вода во столицата и најмалку три течни столици дневно. Вообичаено, со неа се асоцирани и стомачни болки и грчеви, а во некои случаи и крвава столица, премаленост, температура и повраќање. Дијарејата не е болест сама по себе, туку последица на голем број фактори што ја нарушуваат цревната микрофлора и ги уништуваат нормално присутните добри бактерии во неа, а пред сѐ: инфективни агенси (вируси и бактерии), антибиотска терапија, лоша и неизбалансирана исхрана сиромашна со растителни влакна, промена на храна и вода при патувања итн.
Еден од најчестите причинители на дијареја во раната детска возраст е секако ротавирусот, кој особено ги погодува пациентите со послаб имунитет, а се карактеризира со голем број (до 30) водести столици на ден. Овие инфекции се пренесуваат обично преку недоволно измиено овошје и зеленчук, нечиста вода, валкани раце, премети (детски играчки, прибор за јадење) и, секако, во контакт со заболено лице. Ширењето на инфекцијата со ротавирус настанува и како резултат на испраќање недоволно излечено дете во градинка или на училиште, па поради честиот контакт помеѓу децата доаѓа до пренос на причинителот. Децата инфицирани со ротавирусот обично закрепнуваат за три до осум дена, но ако третманот не е соодветен, упорната дијареја станува вообичаена појава. Стомачните бактериски инфекции најчесто се предизвикани од салмонела, кампилобактеријата јејуни, шигела и ешерихија коли и се почести во летниот период, пред сѐ поради консумирање недоволно термички обработена храна (или несоодветно чувана), како: месо, јајца, мајонез, кремови или домашни сладоледи.
Примената на секаков антибиотик, а особено пеницилини и цефалоспорини, предизвикува уништување на нормалната цревна микрофлора и, како последица на тоа, појава на т.н. антибиотски асоцирана дијареја, поради што се сугерира употреба на пробиотик со секој антибиотик. Настрана од големата непријатност, намалената работоспособност и губитокот на тежина, кој обично ја следи дијарејата, најголема опасност претставува дехидратацијата, која кај децата и постарите во некои случаи може да биде и животно загрозувачка состојба. Симптомите на дехидратација кај децата се поизразени. Кожата и мукозните мембрани стануваат суви, а на усните може да се појават пукнатини. Плунката станува доста вискозна, а плачот е без солзи. Кај бебињата, пелената останува сува или количеството на урина е незначително, а урината е темна и со многу силен и непријатен мирис на амонијак. Тешка дехидратација се карактеризира со силна треска и интоксикација на телото. Се јавуваат тешка сонливост и летаргија. Кожата станува студена, особено на екстремитетите, а во подоцнежните стадиуми се можни и конвулзии и напади. Поради сето ова, главна прехранбена и терапевтска цел при дијареја е да се избегне дехидратацијата. Прв избор во терапевтска смисла е комбинација од пробиотици и орални рехидратациски соли (ОРС). Притоа, пробиотиците дејствуваат на причинителот (дијарејата), а ОРС на последицата (дехидратацијата). Пробиотиците, од една страна, ја стабилизираат цревната микрофлора преку зголемување на бројот на добрите бактерии, а од друга страна го инхибираат растот на патогените и го засилуваат имуниот одговор, со што го скратуваат времетраењето на дијарејата.
Корисно е да бидат комбинирани препарати со пребиотици (храна за пробиотиците), цинк и витамин Б6, бидејќи на тој начин ефективноста во сузбивањето на дијарејата е најголема. ОРС треба да се даде веднаш штом ќе почнат симптомите на акутна дијареја, за да се спречи дехидрирањето. Оралните рехидрациски соли обично содржат натриум, хлориди, калиум и гликоза и служат за враќање на електролитниот баланс во организмот. Со оглед на, најчесто, непријатниот благо-солен вкус што го имаат оралните рехидрациски соли, може да се растворат во бистра оладена супа и да се пијат полека, голтка по голтка. Ова е особено важно за да не се индуцира повраќање, кое ќе предизвика дополнителна дехидратација. Исхраната во периодот на дијареја треба да вклучува повеќе растителни влакна – ориз, банани, интегрален двопек, морков, целер. Растителните влакна помагаат да се апсорбира повеќе вода и да се направи нормална столица, а со тоа да се стопира дијарејата. Спротивно на ова, слатките, тестенините и лебот треба да се исклучат од исхраната, бидејќи шеќерите ја разредуваат и онака течната столица.
Во ситуации кога комбинацијата од гореспоменатиот хигиенодиететски режим, пробиотици и ОРС, не дава задоволителни резултати, може да се посети лекар и, во зависност од причинителот, да се добие препорака за соодветни лекови. За симптоматски третман на неинфективна дијареја (иритабилен колон, хронични инфламаторни цревни заболувања, хормонални промени итн.) обично се применува лоперамид. При акутни стомачни бактериски инфекции (дизентерија, колитис итн.) вообичаено се пропишува „нифуроксазид“.
Во случај на неуспех од внес на храна и вода или преголем број течни столици и често повраќање, може да настане дехидратација од тежок степен, поради што треба да се побара итна медицинска помош. При ова, честопати се потребни хоспитализација и замена на недостигот од течност со специјални препарати, кои се администрираат интравенозно.
Има ли скратен пат до вита става и здраво тело?
Како што полека попуштаат ограничувањата на движењето поврзани со ковид-19, време е да се посветиме и на други аспекти на нашето здравје (настрана од инфекциите), кои дефинитивно беа во длабока сенка во изминативе 2-3 месеци. Долготрајната „карантинска“ здравствена политика, високите нивоа на стрес и променетиот животен стил, дополнети со неможноста за извршување на многу важни превентивни (лабораториски анализи, скрининзи, дентални прегледи), но и специјалистички прегледи, многу веројатно создадоа услови за голем број здравствени проблеми кај сите граѓани (особено кај оние над 35 години), почнувајќи од промени во телесната тежина и нарушена крвна слика, проблеми со анксиозност и несоница, очни проблеми итн.
Најчести проблеми се зголемената телесна тежина и нарушувања на крвната слика. Поради специфичната борба против ширењето на коронавирусот базирана на физичка дистанца и значајни ограничувања на движењето, кое се надоврза на зимскиот период, голем дел од граѓаните веќе 4-5 месеци во континуитет физички не се (доволно) активни и нивниот метаболизам е значајно забавен. Ако на ова ја надоврземе тешката и масна зимска храна, ефектите се покачена телесна тежина, но и зголемени нивоа на холестерол и триглицериди. Покачените масти се сериозен индикатор за влошување на здравјето, а на долг рок предизвикуваат појава на атеросклероза, која го зголемува ризикот од покачен крвен притисок, срцев удар, мозочен удар и други кардиоваскуларни заболувања.
Дополнително сите статистики укажуваат на значајно зголемување на консумацијата на прости шеќери, бели печива, конзервирана храна, алкохол и цигари во изминатиов период. Овие фактори кај голем дел од вообичаено „здравата“ популација може да доведат и до покачување на нивоата на гликоза во крвта (можен дијабетес тип 2?) како и нарушување на хепаталните ензими, кои асоцираат на нарушена функција на црниот дроб. Поради сите овие реални здравствени ризици, сугерирам во прва пригода по стабилизацијата на состојбата со епидемијата на ковид-19 да направите рутинска анализа на крвта и на урината, каде што меѓу другото ќе ги проверите нивоата на холестерол, триглицериди, гликоза, хепатални ензими и др.
Доколку од периодов излегувате со вишок килограми или покачен шеќер (важи за секоја здрава индивидуа), значајно е веднаш да почнете со редовна физичка активност од барем триесетина минути дневно. Во однос на исхраната важно е да го намалите внесот на животински масти, пржена храна, бели печива, шеќери, засладени безалкохолни пијалаци и алкохол. За сметка на ова треба да се зголеми внесот на вода, овошје, зеленчук, риба и интегрални жита што ќе ви овозможи здраво варење на храната. За дополнително забрзување на метаболизмот и здраво намалување на телесната тежина корисно е и дополнување на исхраната со препарати на база на пробиотици и јаболков оцет.
Во случај на покачени вредности на холестерол и/или триглицериди, покрај гореспоменатите промени во исхраната и физичката активност се препорачува најмалку тримесечна примена на додатоци во исхраната најдобро на база на комбинација од црвен ориз, артичока и омега 3 масни киселини, кои се комплементарни во намалување на покачените нивоа на мастите. Црвениот ориз (монаколин К-10мг/ден) ја стопира синтезата на холестерол во црниот дроб, а артичоката влијае холеретично и го намалува покачениот холестерол преку засилено претворање на холестеролот во жолчни киселини, а освен тоа е и познат заштитник на црниот дроб.
Физичката активност, здравата исхрана и апстиненцијата од алкохол се многу важни за здравјето на црниот дроб затоа што помагаат да се трошат складираните маснотии од црниот дроб и му овозможуваат да се регенерира. Дополнително е корисно да се внесуваат антиоксиданти од типот на силимарин и витамин Е, кои помагаат во обновувањето на црниот дроб и ги штитат неговите клетки од оксидативен стрес.
При сето тоа, многу битна е и природната контрола на анксиозноста и несоницата. Долгиот период на ограничено движење, големата промена во нашите животи и секојдневното бомбардирање со стресни информации, веројатно психолошки негативно влијаеше и кај најиздржливите од нас.
Во кризниот период значајно се зголемија пациентите со психолошки проблеми, но и со несоница, а нивниот број ќе продолжи да се зголемува и по завршувањето на овој период. Затоа е многу важно да се искористи можноста да се биде во природа изложен на сончеви зраци (освен во најтоплиот период од денот) што значајно ќе придонесе за смирување и за позитивна енергија. Освен тоа, важно е да внесуваме доволни количества магнезиум и витамини од Б-групата (особено Б6) бидејќи тие влијаат на смирување на нашиот нервен систем. Во случај на присутна вознемиреност може да си помогнеме со производи на природна база што содржат екстракти од валеријана, маточина, пасифлора, шафран итн., кои влијаат како природни седативи и антидепресиви, т.е. помагаат за смирување и за добро расположение. Ако имаме проблеми со сонот важно е да внесеме дополнителни количества мелатонин (хормонот одговорен за спиење), кој придонесува за полесно заспивање и за мирен целовечерен сон.
Освен тоа, често се наметнува и проблемот за заштитата на нашето очно здравје. Во изминатиов период поминувавме значително повеќе време дома, во затворен простор што меѓу другото предизвика уште пофреквентно користење на дигиталните технологии (ТВ, компјутери, паметни телефони, лаптопи, таблети итн.). Со ова значајно ја зголемивме изложеноста на нашите очи на т.н. сина светлина, која ја оштетува мрежницата! На ова сега се надоврзува летниот период кога изложеноста на УВ-зраците е највисока што исто така ги оштетува нашите очи. Ефектите се нејасен вид, намален фокус, проблеми со контрастот, проблеми со одблесоци итн. За таа цел (особено по 45-та година) важно е континуирано внесување соодветни антиоксиданти, кои се клуч за зачувување на очното здравје и за превенција на голем број болести на окото како што се макуларната дегенерација и катаракта. Најзначајни антиоксиданти за очното здравје се: лутеин (10мг/ден), зеаксантин (2мг/ден), витамин Ц, витамин Е, омега 3 и др.
Прва помош при вагинални инфекции
Вагиналните инфекции се релативно честа појава во животот на најголем дел од жените. Иако причинителите се во принцип, очекувано, од бактериско и габично потекло, сепак, првиот услов да дојде до вагинална инфекција е нарушување на нормалната вагинална микрoфлора. Во здравата вагина доминираат млечнокиселински бактерии што продуцираат високи концентрации на млечна киселина и одржуваат кисела пХ = 3,5-4,5, која дејствува заштитно против инфекции. При нарушување на нормалната вагинална микрoфлора, се губи киселоста на вагината и се создаваат услови за појава на вагинални инфекции.
Многубројни се причините поради кои доаѓа до нарушување на вагиналната микрофлора: намален имунитет, ПМС, исхрана богата со шеќери и кисела храна, внесување големи количества алкохол, често користење базени и спа-центри, престој во ладна вода и долго носење мокра облека, носење синтетичка и премногу тесна облека, стрес и недоволно сон, лошa интимна хигиена и употреба на тампони, незаштитени полови односи, бременост, дијабетес и долготрајната употреба на антибиотици и хормонски препарати.
Најчести вагинални инфекции се бактериски вагинитис, трихомонијаза и кандидијаза, при што секоја од нив има соодветни симптоми и начини на третман.
Бактериски вагинитис е предизвикан обично од анаеробни бактерии (најчесто гарднерела вагиналис), кои го користат падот на отпорноста на организмот и прекумерно се размножуваат во вагината. Симптомите опфаќаат: перинеално чешање, пецкање, болки при полов однос, обилен секрет, непријатен мирис. Трихомонијаза е честа сексуално пренослива болест (незаштитен полов однос), која се карактеризира со жолто-зелен секрет со непријатен мирис. Пациентките се жалат на печење и чешање во пределот на надворешните гениталии и болки при мокрењето. Особено е опасна доколку настане во бременоста, бидејќи доколку остане непрепознаена и нетретирана, може да биде ризик-фактор за спонтан абортус.
Бактерискиот вагинитис и трихомонијазата се третираат антибиотски, задолжително со пробиотска поддршка.
Кандидијаза е најчеста габична инфекција (кандида албиканс), која се карактеризира со чешање, зголемена вагинална секреција (урдест бел секрет), непријатна миризба (мирис на квасец), а често пациентките се жалат и на болно мокрење. Терапијата е со локален антимикотик во облик на вагиналети, како и орален и/или вагинален пробиотик за да се забрза обновувањето на нормалната вагинална микрофлора.
Поради сето ова, кај жените е особено важно да се одржуваат концентрациите на млечнокиселински бактерии и млечна киселина, а со тоа и кисела пХ во вагината. За оваа цел е важно да почитуваме некои правила во однос на соодветна исхрана, суплементација и вагинална хигиена.
Во поглед на исхраната, корисно е да се исклучат јаглехидратите, а да се зголеми внесот на течности, пред сѐ чаеви, како што се чај од рузмарин, чај од мајчина душица итн. Суплементацијата треба да биде во насока на засилување на вашиот имунитет преку редовен внес на витамин Ц (минимум 200 мг дневно), пробиотици, бетаглукани и цинк (10 мг/дневно). Во однос на правилната вагинална хигиена, важно е да не користите тампони или парфимирани продукти во вагината. Наместо тоа, одржувајте ја интимната нега со пХ неутрални средства. Облеката треба да биде памучна и комотна и треба да се избегнува долго седење во влажни костими за капење. Уринирајте фреквентно, и секогаш по сексуален однос, кој редовно треба да биде со заштитни средства (презервативи).
За добро вагинално здравје може да помогне и повремена вагинална апликација на вагинални пробиотици (пр. лактобацилус ацидопилус), како и препарати на база на млечна киселина и изофлавони. Пробиотиците ја обновуваат вагиналната микрофлора, ја инхибираат колонизацијата на патогени, ја враќаат природната кисела пХ на вагиналната слузница и на сите овие начини помагаат за искоренување на вагиналните инфекции. Млечната киселина ја намалува вагиналната пХ, со што ги инхибира патогените соеви и ги намалува инфекциите на горниот генитален тракт.
Изофлавоните го зголемуваат нивото на гликоген и на тој начин ги намалуваат симптомите на атрофија на слузницата (јадеж, болка, еритем). Доколку вагиналните проблеми траат повеќе од 7-14 дена, или се повторуваат, тогаш задолжително јавете се кај вашиот гинеколог, поради ризик од посериозни инфекции и последици по фертилноста.
Практични здравствени совети за помош при замастување на црниот дроб!
Замастениот црн дроб е здравствен проблем што се јавува кај 10-24 проценти од популацијата (дури и кај деца) и доколку не се реагира навремено може да биде многу опасен. Сите знаеме дека консумирање алкохол во големи количества и во подолг временски период води кон оштетување на црниот дроб. Сепак, уште почесто доаѓа до замастување на црниот дроб од неалкохолно потекло. Тука припаѓаат неколку заболувања: стеатоза (акумулација на маснотии во црниот дроб), потоа безалкохолен стеатохепатитис, кој е потешка форма и подразбира воспалителен процес во црниот дроб, а најсериозната форма е т.н. цироза на црниот дроб, која е неповратно оштетување како резултат на хронично воспаление и формирање сврзно ткиво во црниот дроб, со што тој ја губи својата функција. Овие три заболувања се смета дека се резултат на отпорност на инсулин, а БМИ (индекс на телесна маса) многу често е во корелација со степенот на оштетување на црниот дроб. Со други зборови – поголема тежина, поголемо оштетување на црниот дроб!
Токму затоа намалувањето на тежината е прв чекор во третманот на оваа болест, бидејќи се покажа дека намалувањето на тежината доведува до пониско ниво на ензимите на црниот дроб во крвта. За оваа цел, клучно е приспособување на исхраната т.е. замена на масната храна и простите шеќери со поздрави опции, а пред сѐ со зголемување на уделот на свежо овошје, зеленчук и здрави протеини во исхраната (посни меса, риба, грав, мешунки, ореви) и секако намалување на дневниот калориски внес. Оброците треба да бидат богати со растителни влакна (интегрални житарки) и пробиотици што ќе го забрза метаболизмот.
Особено е важно да се заменат безалкохолните пијалаци, кои вообичаено содржат големи количества шеќер со обична вода или незасладени овошни сокови. Генерално треба да се избегнува храна со висок гликемиски индекс, која брзо го подига шеќерот во крвта, како што се бел леб и бели печива, слатки, тестенини, бел ориз и обичен шеќер. Треба да се избегнуваат и масни меса (пр. свинско) и месни преработки (паштети, виршли, колбаси итн.), нездрави пржени грицки (чипс, флипс итн.), мајонез и др. Треба да се пие многу вода (2-3 л на ден) за да им помогнеме на бубрезите да ги излачат токсините ослободени од црниот дроб.
Другите насоки подразбираат апстиненција од алкохолни пијалаци и пушење, како и намалена консумација на кафе до максимум 2-3 чаши на ден. Како дополнување на промените во исхраната важно е да се воведе и секојдневна физичка активност – барем пешачење во време од 30 минути на ден. Физичката активност е многу важна за здравјето на црниот дроб затоа што помага да се трошат складираните маснотии од црниот дроб (како и од остатокот од телото). Вежбањето во комбинација со променета диета ги зголемува мускулната маса и чувствителноста на инсулин.
Покрај ова, честопати треба да се третираат истовремено присутни болести, како што се: дијабетес тип 2 и покачено ниво на холестерол и триглицериди. Во овој контекст може да си помогнеме и со користење природни продукти на база на силимарин, артичока, црвен ориз, витамин Е итн. Артичоката е познат заштитник на црниот дроб, а помага и за намалување на покачените количества холестерол и триглицериди преку стимулација на излачување на жолчката. Силимаринот е силен антиоксиданс, кој помага во обновувањето на клетките на црниот дроб, а екстрактот од црвен ориз преку активната компонента монаколин К (во доза од 10мг/ден) влијае како природен статин и докажано ги нормализира покачените нивоа на холестерол и триглицериди во крвта.
Лошата циркулација во рацете и нозете – сигнал за артериосклероза!
Секој од нас познава барем неколку луѓе што имаат „лоша циркулација“ и постојано се жалат на студенило во рацете и нозете. Од друга страна, има и такви што се жалат на шум во ушите или повремена вртоглавица, појави што повторно се често поврзани со нарушена циркулација. Влошената циркулација е еден од симптомите на атеросклероза и најчесто се јавува по 50-та година од животот. Сепак, овие атеросклеротични промени во крвните садови, започнуваат многу порано и се развиваат постепено, речиси незабележливо и затоа често се лекуваат само во напредната фаза на болеста.
При атеросклероза доаѓа до намалување на обемот на крвните садови (поради складирање маснотии и др. материи во внатрешниот ѕид на артериите), поради што доаѓа до намалување на протокот на крв, а со тоа и снабдувањето со кислород и хранливи материи, кои се неопходни за нормално функционирање на сите ткива во организмот. Најчестите симптоми на нарушена циркулација во рацете и нозете се: чувство на студ, грчеви, болка и умор на нозете. Симптомите на нарушена циркулација се појавуваат прво за време на одење, а подоцна и во мирување. Атеросклеротичните промени во крвните садови на вратот и мозокот, од друга страна, го намалуваат протокот на крв во мозокот и доведуваат до намалени мозочни функции, што резултира со главоболки, намалена концентрација и меморија, шум во ушите и вртоглавица.
Постојат голем број ризик-фактори за развој на циркулаторните болести: зголемено ниво на маснотии во крвта, висок крвен притисок, пушење, алкохол, кофеин, недоволна физичка активност и седечки начин на живот, неправилна исхрана и дебелина, нарушувања на тироидната жлезда, стрес итн. Пациентите со циркулаторни заболувања опфаќаат голема популација, претставуваат голем трошок за здравствените системи во секоја држава и имаат сериозно нарушен квалитет на животот. Затоа е многу важна превенција од најрана возраст преку водење здрав животен стил, како комбинација од избалансирана исхрана, редовна физичка активност и намалено внесување токсини во организмот.
Покрај тоа, при циркулаторни проблеми може да си помогнеме и со правилно одбрани додатоци во исхраната на база на гинко билбоа, ДХА – омега-3 масни киселини и Б-витамини. Овие природни компоненти помагаат за подобрување на периферната и централната циркулација и нормализирање на вискозноста на крвта. Екстрактот од гинко се смета дека ја зголемува церебралната и периферната микроциркулација и ја намалува васкуларната пропустливост при што зголемувањето на протокот на крв е особено видливо кај мозокот, очите и екстремитетите.
Подобрена циркулација се постигнува со намалување на вискозноста на крвта и преку дејствување на мазните мускули на крвните садови со подобрување на вазорегулацијата. На овој начин, гинко ги релаксира спазматично контрахираните крвни садови и ги контрахира абнормално проширените крвни садови.
Студиите покажуваат дека ДХА – омега-3 масните киселини, ја намалуваат можноста од атеросклерозни плаки и згрутчување на крвта, придонесуваат за подобар проток на крв низ целото тело, ги омекнуваат крвните садови и помагаат во регулацијата на крвниот притисок. Некои од витамините од групата Б (ниацин) дејствуваат на вазодилатација и придонесуваат за подобрување на циркулацијата, особено во екстремитетите, додека други, како што се витамин Б6, Б12 и фолна киселина, ги забавуваат атеросклеротичните промени преку намалување на хомоцистеинот во крвта.
Во однос на фармаколошките тераписки опции, тие кај циркулаторните болести се концентрирани на решавање на последиците и вклучуваат широка палета лекови: статини за регулација на покачениот холестерол; АКЕ-инхибитори, сартани, диуретици и др. за стабилизација на покачениот крвен притисок; бетахистин при шум во ушите и вртоглавици; антикоагуланси за намалување на вискозноста на крвта и спречување на појава на тромбови итн.
Вртоглавици во рана пролет
Променливото и нестабилно време, проследено со чести промени на воздушниот притисок и со појава на сезонски алергени, е карактеристично за периодот на рана пролет. Овие фактори влијаат негативно не само на болните со алергиски и кардиоваскуларни нарушувања туку и значајно го интензивираат проблемот со вртоглавици кај голем број пациенти.
Вртоглавицата (вертиго) е субјективна сензација на кружно движење (ротација) поврзано со тешкотии во одржувањето рамнотежа или држењето на телото. Проблемот со вртоглавица е доста чест – цели на 20-30 проценти од целата популација, а дури 50 отсто од луѓето со над 75-годишна возраст, при што почесто се јавува кај женскиот пол.
Нападот на вертиго може да се јави неочекувано и да трае само неколку секунди, но понекогаш може да трае многу подолго и да се повторува, што ги попречува секојдневните активности и го става пациентот во ризик од телесни повреди. Вртоглавицата честопати е асоцирана и со други телесни манифестации, како што се: гадење и повраќање, треперење на окото (нистагмус), главоболка, зуење во ушите и ослабен слух, како и со чувство на губење рамнотежа и навалување на едната страна, што може да резултира со пад и скршеници. Голем број фактори може да тригерираат вртоглавица, почнувајќи од сезонски алергени, недоволен внес на вода и храна, недостиг од витамин Д и остеопороза, па до вестибуларни нарушувања, воспаленија на внатрешното уво предизвикани обично од вирусни инфекции и др.
Вертиго често се јавува и при повреди на главата и/или вратот, мозочен удар или тумор на мозокот, мигрена, цереброваскуларни болести, користење лекови што ја нарушуваат функцијата на увото и на крајот, но многу често, кај стари лица со намалени визуелни, вестибуларни и проприоцептивни способности. Лицата што се склони кон вртоглавици мора да направат значајни корекции во животниот стил за да спречат потешки последици. Тоа пред сѐ подразбира соодветен хигиенодиететски режим, во кој нема место за кофеин, пушење и алкохол, а количествата сол треба да се сведат на минимум. Наместо тоа, важно е да се јаде храна богата со овошје, зеленчук и интегрални житарки и да се внесува доволно количество вода.
Одбегнувајте возење, пливање, качување по скали и други активности кај кои нападот на вртоглавица би можел да доведе до посериозни повреди. Доколку некое движење вообичаено предизвикува вртоглавица, тогаш тоа движење треба да се прави бавно, а штом личноста почувствува дека губи рамнотежа, треба веднаш да седне и да мирува некое време. Во случај на чести проблеми со вртоглавица, секако, треба да му се обратиме на нашиот матичен лекар, кој може да побара и консултација со ОРЛ-специјалист или невролог, за да се истражи точната причина за проблемот и да се ординира соодветна терапија.
Во однос на фармаколошката терапија и суплементите во исхраната, тие зависат од причините за појавата на вртоглавица и секогаш треба да се третира примарниот проблем (пр. aлергија, недостиг од витамин Д, тумори итн.) Сепак, имајќи предвид дека најчесто вртоглавиците се јавуваат како последица на циркулаторни проблеми или проблеми со центарот за рамнотежа во внатрешното уво, вообичаено за нејзин третман се користат медикаменти на база на бетахистин, цинаризин, гинко билоба итн. Овие компоненти, секој со свој механизам на дејство, дејствуваат кон овозможување подобра циркулација и подобар проток на крв (вазодилатација) и намалување на честотата и интензитетот на вртоглавиците. Друг дел од терапијата е симптоматски третман на гадењето, повраќањето и главоболките што се третираат со соодветни антиеметици и анксиолитици за смирување на симптоматологијата.
Макуларна дегенерација (или СМД – сенилна макуларна дегенерација) е прогресивнa окуларно-макуларна болест, на макулата – област на мрежницата што ви овозможува да креирате јасни слики, бои и да ги гледате најмалите детали. Првично пациентите гледаат нејасни и замаглени слики, но болеста во напредна фаза се развива до целосното губење на визуелната острина во централното поле. Притоа видливоста на периферното поле останува зачувана. Проблемот настанува поради фактот што, поради постојана интеракција со светлосните зраци, фоторецепторите во мрежницата започнуваат да се оштетуваат и изумираат, а еднаш оштетените клетки веќе не може да се обноват. Фактор на ризик се постара возраст од 50 години, физичка неактивност и дебелина, пушење и висок крвен притисок, како и светла боја на очите и други наследни фактори. Освен тоа, модерното време носи сѐ пофреквентно користење дигитални технологии (ТВ, компјутери, паметни телефони, лаптопи, таблети итн.), кои ја зголемуваат изложеноста на сина светлина со што се зголемува оштетувањето на мрежницата!
Исхрана богата со соодветни антиоксиданти се смета за клуч за зачувување на очното здравје и превенција на голем број болести на окото, како што се макуларната дегенерација и катаракта. Антиоксидантите се спротивставуваат на штетните ефекти што се предизвикани од слободни радикали, кои можат значително да придонесат за прогресија на катаракта и макуларната дегенерација. Значи, важно е во секојдневната диета да внесуваме растителна храна, од типот на: спанаќ, блитва, брокула, кељ, грашок, пиперки, моркови и дињи. Од храната од животинско потекло важно е да се внесуваат јајца. Овие намирници се богати со антиоксиданти: лутеин, зеаксантин, витамин Ц, витамин Е и други хранливи материи, за кои се смета дека имаат најголема улога не само во превенцијата туку и во забавување на прогресијата и олеснување на симптомите на очните болести.
Притоа со голем број студии е потврден конкретниот ефект за очното здравје на каротеноидите лутеин и зеаксантин, кои човечкото тело не може да ги произведе и треба да се внесат соодветно преку исхраната или со суплементација. Најголеми концентрации на лутеин и зеаксантин во нашиот организам биле откриени во жолтата точка (макула лутеа) во мрежницата и во леќите од окото.
Лутеинот и зеаксантинот се всушност заштитниот ретинален пигментен слој каде што се филтрира синиот дел од светлиот спектар – главниот виновник за оксидативно оштетување на структурите на очите. Задржување на ретиналниот пигментен слој е исклучително важно да се зачува централната визија. Концентрација на лутеин и зеаксантин во окото и макулата е директно поврзана со нивната концентрација во крвта и зависи на неговиот дополнителен внес. Суплементацијата со 10 мг лутеин и 2 мг зеаксантин дневно во подолг период доведува до за 60 проценти зголемена толеранција на интензивна светла и за до 15 отсто побрзо закрепнување од фотострес што е особено важно при зголемена изложеност на УВ-зраци во летниот период. Зголемен внес на лутеин и зеаксантин во форма на додатоци во исхраната ја зголемува густината на макуларниот пигмент и значително го намалува ризикот макуларна дегенерација, катаракта и глауком. Дополнително корисно е да се внесуваат и омега 3 масни киселини (ДХА), кои најмногу ги има во морската риба и кои во комбинација со витамин Е придонесуваат за заштита на чувствителните делови од мрежницата и ја намалуваат прогресијата на макуларната дегенерација и последователното оштетување на видот. Витаминот Ц од своја страна како добро познат антиоксиданс дејствува како филтер за УВ-зраците, кои достигнуваат до рожницата и леќата, и ги штити клетките од оксидативен стрес со што го намалува ризикот од: глауком, катаракта и макуларна дегенерација.
Коронавирус – силниот имунитет е клучен за добра прогноза на болеста!
Додека ја пишувам оваа колумна (25.2.2020), за нешто повеќе од 1 месец, глобално со коронавирус (2019-нКоВ) се заразени 80.227 лица, од кои 2.705 починале (3,4 отсто стапка на смртност), а 27.471 успешно закрепнале од инфекцијата. Прашање на денови е кога ќе пристигне во Македонија, што е доволно сериозна причина за да ги изложам досега познатите факти во врска со здравствената топ тема во 2020 г., како и најновите препораки за заштита од новата пандемија! Тековното разбирање за коронавирусот (2019- нКоВ) во голема мера се заснова на она што е познато за слични коронавируси (МЕРС, САРС итн.). Коронавирусот се шири од човек на човек и од животно на човек, пред сѐ со близок контакт (до 2метри), преку респираторни капки произведени кога заразено лице кашла или кива, како и преку контакт со површини или предмети што ги користело заразено лице. На метална површина, вирусот може да преживее во рок од 12 часа. Затоа секогаш при допирање кваки и други метални површини, мијте ги рацете со сапун. На ткаенина, вирусот може да остане активен во период од 6 до 12 часа. Затоа, редовно перете ги алиштата, шаловите и капите, или оставете ги на сонце, бидејќи УВ-зраците уништуваат најголем дел од патогените.
Најризични групи се лицата постари од 65 години, малите деца, пушачите и имунокомпромитирани лица. Иако првобитно се веруваше дека симптомите може да се појават во рок од 2 до 14 дена по изложеноста, според последните информации, некои пациенти може да развијат симптоми дури и по 27 дена од контактот. Симптомите на коронавирусот може да вклучуваат: покачена температура, треска, болно и воспалено грло, сува кашлица, назална конгестија и губење здив, а во потешки случаи проблеми со дишењето и акутен респираторен дистрес. Симптомите најпрвин се јавуваат во грлото и во носот, а потоа може да дојде до компликации, пред сѐ, во белите дробови (пневмонија), а поретко и бубрезите, црниот дроб и срцето. Со оглед на тоа што во моментов нема вакцина за спречување на коронавирусната болест, најдобар начин да се спречи оваа болест е да се избегне изложеноста на овој вирус.
Препораките сугерираат избегнување близок контакт со луѓе што се болни, минимизирање на контактите на рацете со очите, носот и устата, и зачестено и темелно миење на рацете со сапун и вода најмалку 20 секунди (особено по користење тоалет, пред јадење, по кашлање/кивање) или со алкохолни раствори (над 60 отсто алкохол). Во случај на симптоми на болест, особено е важно да се спречи понатамошното ширење поради што се сугерира останување дома, освен за неопходна лекарска помош и особено избегнување користење јавен превоз, одење на работа, училиште или јавни места.
Во случај на нагон на кашлање/кивање треба да се кашла во марамче или лакт, а допрените предмети и површини треба да се исчистат и дезинфицираат. Болните лица треба да носат маски за лице, како и здравствените работници и луѓето што се грижат за некого во блиски околности. Болните, колку што е можно, треба да останат во одредена просторија што често се проветрува и да бидат подалеку од другите луѓе и од домашните миленичиња во домот. Исто така, доколку е достапно, болните треба да користат посебна бања. Болните не треба да споделуваат садови, чаши, прибор за јадење, крпи или постелнини со други луѓе или домашни миленици во домот.
По користењето на овие предмети од страна на болните, тие треба темелно да се мијат со сапун и вода. Со оглед на тоа што во моментов не постои специфичен антивирусен третман за коронавирусот, терапијата е во насока на олеснување на симптомите (антипиретици за температура, локални антисептици во грло, чистење на назалната слузница со солени раствори, назални деконгестиви), а во случај на компликации, болничка нега, која вклучува грижа за поддршка на функциите на виталните органи (третмани со кислород, дијализа итн.). Со оглед на тоа што 80 отсто од случаите завршуваат со полесни симптоми не треба да се крева паника, меѓутоа неоспорен е фактот дека најлесно оздравуваат лицата со добар имунитет. Затоа е важно да се внесуваат големи количества свежо овошје, зеленчук и вода, а дополнително имунитетот да се засилува со пробиотици, витамин Ц и Д, цинк, бетаглукани и/или инозин.
Како да ја превенираме појавата на хемороиди и да ги ублажиме нивните симптоми
Хемороидите се најчеста болест во аналниот регион (регион на крајот на дебелото црево), која зафаќа речиси половина од популацијата на возраст над 50 години, независно од полот. Хемороидите претставуваат отечени синусоиди (сунѓерести влошки исполнети со крв) во и околу анусот и долниот ректум, кои имаат улога на затворање на аналниот канал. Дијагнозата најчесто се потврдува со ректален преглед, анаскопија или проктостопија. Покрај присутните генетски предиспозиции, најчести фактори што придонесуваат за појава на хемороиди се: физичка неактивност (продолжено седење или стоење), исхрана сиромашна со растителни влакна, бременост, дебелина, зголемена иритација на аналниот отвор (на пр. хронична дијареја, прекумерна употреба на лаксативи), локален стрес (запек или отежнато празнење, често кревање тежок товар), пушење и зголемен внес на алкохол. Хемороидите, во зависност од локализацијата, може да бидат внатрешни или надворешни. Внатрешните хемороиди се јавуваат кај аналниот канал, а со оглед на тоа дека во оваа област нема рецептори за болка, тие не болат, па луѓето и не знаат дека се зголемени. Надворешните хемороиди се наоѓаат во непосредна близина на надворешниот дел од анусот при преминот на мукозната мембрана во кожата и се многу чувствителни. Најпрвин се чувствуваат како мали нодули што не болат, меѓутоа ако во нив се развие згрутчување (тромб), се создава оток на излезот од аналниот канал, што предизвикува болка, а во случај на пукање на кожата доаѓа и до крвавење. Други чести симптоми се: чешање и пецкање во аналната регија, траги од крв на тоалетна хартија, извалкана долна облека, зголемена влажност и чувство на притисок во аналниот отвор.
Појавата на хемороиди честопати има прогресивен тек и повеќе стадиуми, почнувајќи од ситуација во која самите се повлекуваат со зголемена хигиена, преку состојба во која се потребни медицински кремови за нивно повлекување, па до неопходност од хируршка интервенција за нивно решавање. Затоа е многу важно да се преземат соодветни мерки за превенирање на нивната појава, а пред сѐ: исхрана богата со овошје (најдобро наутро на празен стомак), зеленчук и житарки и зголемен внес на течности (2-3 л на ден), за постигнување здрава столица. Лаксативи може да се користат само краткотрајно, во ситуација на акутен проблем со болни хемороиди.
Од друга страна, треба да се намали внесот на млечни производи, лута и зачинета храна, како и алкохол (дехидрација). Треба да се избегнува долготрајно седење, како и често кревање тешки предмети. Особено внимание треба да се обрне на одржување правилна хигиена на аналната регија, особено по дефекација. Ова подразбира миење со ладна или млака вода со малку сапун и добро последователно бришење со крпа наместо со сува тоалетна хартија. Во обратната ситуација, миење со топла или врела вода и бришење со сува хартија придонесува за појава и воспаление на хемороидите.
Во ситуација кога имаме присутни симптоми на воспалени хемороиди може да си помогнеме со промивање на аналната регија со млак чај од камилица 2×15 минути дневно, решавање на евентуално присутна опстипација, како и примена на соодветни кремови за хемороиди. Притоа најпрво треба да им се даде предност на природните масти и кремови што содржат алантоин, д-пантенол, камилица и бета-глукани, кои ефикасно ги намалуваат болката, печењето и воспалението и промовираат заздравување на надворешните и внатрешните хемороиди без опасност од придружни несакани ефекти. Во случај на неуспех на гореспоменатите мерки или силни болки, во краток период може да се користат и медицински кремови што содржат локални анестетици, хепарин и/или кортикостероиди, кои ќе ја ублажат болката и ќе ги намалат отокот и воспалението. Последна можност во случај на хронични проблеми, секако, е хируршка интервенција по консултација со соодветен специјалист по гастоентерохепатологија.
Авторот е м-р по фармација и топедукатор
Синуситис – сериозен проблем што бара подолготраен и дисциплиниран третман!
Зимскиот период носи студено и влажно време што во комбинација со зголемената загаденост на воздухот во градовите и со престој во зачадени простории честопати тригерира појава на воспаление на слузокожата на синусите или т.н. синуситис. Синусите се парни празнини во скелетот на главата сместени околу носната празнина, исполнети со воздух и обложени со лигавица. Синусите се поврзани со носот со мали отвори низ кои во синусите влегува воздух, а од нив излегува секретот што го излачува лигавицата, која ги обложува синусните шуплини. Токму затоа состојбите што доведуваат до оток на носната и синусната лигавица и до блокада на нормалната дренажа на секретот преку синусните отвори, создаваат поволни услови за развој на акутно воспаление на синусите.
Акутниот синуситис е воспаление што трае помалку од 12 недели и најчесто настанува по несоодветно третирана вирусна инфекција на горните дишни патишта. Вирусните инфекции често доведуваат до оток на носната и синусната лигавица и засилена назална секреција, што резултира со блокада на синусните отвори, собирање обилен секрет во синусните шуплини и се создаваат поволни услови за развој на бактериски инфекции. Искуствено, најчести бактериски причинители за синуситис се стрептокока пнеумона, мораксела катаралис, хемофилус инфлуенца итн. Сепак, кај околу 30 проценти од пациентите брисевите се негативни. Во прилог на развој на синуситис се: присутен алергиски ринитис, девијација на носната преграда, природно мали синусни отвори, назални полипи и заби со кариес во горната вилица. Секој што барем еднаш се соочил со воспаление на синусите лесно ќе ги препознае симптомите: зголемено лачење жолтозелен секрет од носот, кој се спушта и кон грлото и белите дробови, главоболка и притисок на главата, очите и лицето. Пациентот може да пати од слаба треска, недостиг од апетит и отежнато дишење. Воспалението предизвикува лош здив и намалено сетило за мирис, како и кашлање што води и до проблеми со спиењето.
Од горенаведеното е јасно дека синуситисот е комплицирана инфекција, која бара прецизен и долготраен третман, како и внимателно однесување од страна на пациентите што имаат ваков проблем, со намера болеста да не добие хроничен тек. Во таа смисла многу е важно да се третира алергискиот ринитис (антихистаминици, инхалациски кортикостероиди итн.), да се избегнуваат базени со хлорирана вода, да се избегнува поминување подолго време на загаден и зачаден воздух а при ветровито и студено време соодветно да ги заштитиме главата, носот и устата (капа, шал). При појава на акутен синуситис пациентите може да преземат повеќе чекори, кои би им ги олесниле симптомите, а пред сѐ: испирање на носната шуплина со солени раствори, инхалација на комбинација од хипертоничен солен раствор, муколитик (пр. ацетил цистеин) и/или етерични масла, за разводнување на густиот секрет, одзатнување и добра дренажа на синусите. Навечер е практично да се користат деконгестиви (до 7 дена) за да се намалат отокот на слузницата и лачењето на секрет, и да се овозможи добар сон и одмор.
Притоа е важно правилно да се користат капките за нос и тоа: да се лежи на грб со главата зафрлена кон назад и десно, по што се ставаат капки во десната ноздра и се останува во истата положба 1-2 минути. Потоа истата постапка ја повторувате и лево. На тој начин капките пристигнуваат во синусните отвори и се постигнува максимален ефект. Користење топли облоги и зрачење на синусите со инфрацрвена ламба, исто така, ги чисти синусите и ја намалува секрецијата.
Во случај на силни главоболки може да се користат аналгетици, а како и при секоја друга активна инфекција важно е да се засилува имунитетот преку соодветна минералновитаминска поддршка (витамини Ц и Д, цинк), како и повеќемесечна употреба на пробиотици и бетаглукани. Ако симптомите перзистираат подолго од 10 дена, индицирано е спроведување на 7-дневна терапија со антибиотици, обично пеницилини, па во случај на неуспех цефалспорини, макролиди итн.
Сепак, голем број студии за терапија на акутен синуситис покажаа дека значењето на антимикробната терапија е мало и тоа треба да се земе предвид кога ќе се донесе одлука да се започне терапија. Во случај на алергиска компонента во терапијата се вклучуваат и кортикостероиди и антихистаминици. Доколку имаме појава на рецидивирачки (3-4 епизоди годишно) или хроничен синуситис, кој и покрај соодветен третман трае повеќе од 12 недели, индицирана е и консултација со ОРЛ-специјалист, кој во случај на неуспех на конзервативната терапија може да советува и хируршки третман. Компликациите од нелекување субакутен или хроничен синуситис може да бидат спуштање на инфицираниот секрет во долните дишни патишта со рецидивни бронхитиси со можно оштетување на белодробното ткиво, како и гнојни воспаленија на мозокот. Затоа од есенцијално значење е да прифатиме дека синуситисот е сериозен здравствен проблем и да ја почитуваме пропишаната терапија од лекар!
Инфекција со хеликобактер пилори – кога да се побара лекарска помош?
Повеќе од 50 проценти од светската популација е инфицирана со хеликобактеријата пилори, засега единствена позната бактерија што има способност да преживее во киселата средина на желудникот. Сепак, кај поголем дел од нас, оваа спирална, грам-негативна бактерија живее притаено прикачена на желудочната слузница и не исполнува негативни дејства. Во некои случаи, под дејство на надворешни фактори, а пред сѐ: стрес, тешка храна, алкохол и пушење, може значајно да се размножи и да предизвика воспаление и оштетување на клетките од желудочната лигавица при што се јавуваат првите стомачни проблеми: желудочна болка, жарење/печење, киселини, надуеност и чувство на брзо заситување, гадење и повраќање. Хеликобактериите негативното дејство го остваруваат преку излачување цитотоксини, кои заедно со веќе создадениот амонијак го разградуваат заштитниот мукозен слој што ја штити слузокожата од гастричната киселина. Хеликобактериите предизвикуваат зголемено лачење желудочна киселина, која штетно влијае врз незаштитената гастрична слузокожа и затоа ако не се третираат може да се развијат сериозни компликации: гастритис, гастричен или доуденален чир, нехоџкинсов лимфом на желудникот или аденокарцином на желудникот. Затоа во случај на повторливи искуства со горенаведените стомачни проблеми треба да се посомневаме на хеликобактер, да се обратиме на лекар и да направиме соодветно тестирање за присуство на хеликобактер.
Сепак, сите позитивни пациенти на инфекцијата со хеликобактер пилори немаат апсолутна индикација за лекување. Групата пациенти што треба да се лекуваат се: пациенти со изразени симптоми на воспаление на желудникот и дванаестпрсното црево; пациенти со чир на желудник и дванаестпрсното црево; пациенти оперирани од карцином на желудник; блиски роднини на пациенти со желудочен карцином; пациенти со атрофичен гастрит; пациенти со анемија поради недостиг од железо итн.
Кога лекарот ќе одлучи дека е неопходна терапија многу е значајно пациентите да се придржуваат кон советите со оглед на тоа дека хеликобактериите се многу отпорни на разни антибиотици и честопати има потреба од повторување на третманот што го исцрпува пациентот. Од друга страна, во случај на успешна ерадикација, повторна инфекција со хеликобактер пилори е исклучително ретка. Иако терапијата на хеликобактер еволуира значајно во последните триесетина години, генерално дискутираме за комбинирана терапија со 2-3 антибиотика (кларитромицин, амоксицилин, левофлоксацин итн.) и инхибитор на протонска пумпа (пр: есомепразол, лансопразол, пантопразол) за регулирање на желудочната секреција на HCl, која трае 7-14 дена. Сепак, според најновите насоки, она што во голема мера го одредува успехот на терапијата е примената на соодветни пробиотици, заедно со гореспоменатите лекови. Првата причина за ова е фактот што антибиотската терапија е агресивна и предизвикува голем број несакани дејства (мачнини, гадење, дијареа, стомачна болка), кои често се причина за прекин на терапијата. Пробиотиците ги намалуваат несаканите ефекти на стандарден третман на инфекцијата со хеликобактер пилори, особено дијарејата. Дополнително, во последните десетина години се развиени и специјални пробиотици, кои имаат антимикробен ефект, на тој начин што специфично коагрегираат со хеликобактериите, ги неутрализираат и ги исфрлаат од организмот преку фецесот. На овој начин физички се намалува концентрацијата на хеликобактериите во организмот со што значајно се унапредува антибиотската терапија и се намалува веројатноста за рецидиви. Кога се комбинира на таков начин, важно е употребата на пробиотикот да биде најмалку три часа пред или по земањето на антибиотиците, заради постигнување на оптимален ефект. За комплетно стабилизирање на цревната микрофлора, корисно е да се продолжи со горенаведените пробиотици и во период од 1 месец по завршувањето на антибиотската терапија.
Анксиозноста не се лекува само со анксиолитици!
Проблемот со зачестена појава на анксиозни нарушувања (над 15 отсто од целата популација) достигнува фрапантни размери, а потрошувачката на анксиолитиците е сѐ поголема и, со самото тоа, претставува сериозен здравствен и економски предизвик. Да биде штетата поголема, појавата на анксиозни растројства е најчеста во раната адултна возраст (луѓе на возраст 20-35 г.), повеќе кај женската популација, и значајно негативно влијае на работоспособноста. Причините за развој на анксиозност ги бараме во генетските предиспозиции, силни трауми (смрт на близок, животозагрижувачки настани) и во разни ситуации на долготраен стрес (проблеми во семејството и работното опкружување, загрозена финансиска стабилност).
Во голем број случаи анксиозноста влече корени уште од раната детска возраст и адолесцентниот период (симптоми на претерана срамежливост или нагласена агресивност) и затоа е важно навремено да се препознае, да се превенира и соодветно да се третира. Анксиозните растројства вклучуваат чести, претерани или несоодветни реакции, карактеризирани со чувство на сомнеж, интензивен страв, несигурност и беспомошност, кои не се предизвикани од надворешна опасност. Анксиозните пациенти покажуваат психолошки и соматски симптоми со различен интензитет.
Од физичките знаци, најафектирани се: кардиоваскуларниот систем (палпитации, притисок и болки во градите, забрзана срцева работа), респираторниот систем (хипервентилација, чувство на задишување), невромускулниот систем (вртоглавица, главоболка, трпнење, болки и напнатост во мускулите) и гастроинтестиналниот систем (сува уста, мачнина, повраќање, пролив). Психолошките симптоми варираат од раздразливост, несоница, намалена концентрација и замор, па до чувство на полудување и смртен страв.
Поради шареноликоста на знаците и органските системи што се опфатени со споменатата симптоматологија, честопати е потребно повеќе време за да се потврди дијагнозата за анксиозност (од страна на психијатар), откако претходно ќе се исклучат органските заболувања, преку соодветни интернистички и невролошки прегледи. Освен тоа, пациентите со поблаги психолошки симптоми, за жал честопати на своја рака „ги намалуваат стресот и анксиозноста“ преку (зло)употреба на бензодијазепини, алкохол и психотропни супстанции (на пр. марихуана). На тој начин на краток рок ја контролираат анксиозноста и ги одложуваат поставувањето исправна дијагноза и започнувањето со соодветна терапија.
Современите тераписки насоки за третман на анксиозните растројства подразбираат комбинација од психотерапија заснована на техники на когнитивно-бихејвиорална терапија и фармаколошка терапија. Притоа, вообичаено се користи комбинација од антидепресиви (ССРИ – селективните инхибитори на повторно преземање на серотонинот), вообичаено околу шест месеци, и анксиолитици (бензодиазепини) само во првите 2-6 недели од терапијата. Бензодијазепините треба да се употребуваат во мали дози и третманот треба да е со најкраток можен рок. Пред да се прекине со лекот, дневните дози треба полека да се намалат за да се избегнат можните проблеми при откажување.
Основна причина за ова се несаканите ефекти на бензодијазепините, кои вклучуваат седација, влошување на психомоторните функции, преодни нарушувања на меморијата, навикнување и толеранција што бара примена на сѐ поголеми дози. Во натамошниот третман се ослободуваме од анксиолитикот и продолжуваме само со антидепресивот. Третманот на анксиозни растројства со антидепресиви ни дава подобри резултати во однос на третманот само со анксиолитици, пред сѐ поради нивната побезбедна апликација на подолги патеки, без опасност од појава на зависност од лекот и без потреба од постојано покачување на дозите. Пациентите во текот на терапијата редовно се следат и се евалуираат со скали за процена (14-от, 30-от, 90-от ден од третманот). Позитивните ефекти од терапијата се видливи веќе по третата недела, а во случај на потреба, почетните дози на антидепресивот може постепено да се зголемуваат. Пациентите треба да го земаат лекот доволно долго, односно онолку долго колку што е потребно за пациентот да биде без симптоми.
Најзначајните несакани ефекти на ССРИ-антидепресивите се: гадење и повраќање, несоница и главоболка, а поретко манични реакции, вртоглавица, внатрешна агитација и одложени ејакулации. Треба да се користат со претпазливост доколку пациентот користи НСАИЛ (нестероидни антиинфламаторни лекови) поради зголемен ризик од крвавење.
Спречување опасни компликации од дијабетес
Само мал поглед на статистиката, која вели дека повеќе од 120.000 луѓе во Македонија боледуваат од дијабетес, јасно покажува дека недоволно знаеме и правиме за превенција на оваа подмолна болест. Шеќерна болест или т.н. дијабетес мелитус е метаболно нарушување што се карактеризира со хипергликемија (покачени вредности на шеќер во крвта), кој се јавува поради недостиг или намалена секреција на инсулин, негово намалено дејство (резистенција) или поради двете причини. Дијагнозата за дијабетес е потврдена доколку концентрација на глукоза во плазма на гладно е поголема од 7,0 ммол/л. Сепак, за да бидеме сигурни, во случај на позитивен тест се препорачува крвната слика да се повтори, по можност во друга лабораторија. Во 10 отсто од случаите зборуваме за дијабетес тип 1, каде што поради автоимуна деструкција на панкреасните клетки организмот не може да произведува инсулин – хормон што е клучен за регулација на нивото на гликоза во крвта.
Пациентите со дијабетес тип 1 мора да примаат инсулин како основна терапија. Мнозинството од 90 проценти од сите дијабетичари имаат т.н. дијабетес тип 2, кој е инсулин-независен, и кој се јавува поради постоење инсулинска резистенција. Во голем број случаи настанувањето на дијабетесот тип 2 е индуцирано од нашиот несоодветен животен стил, поради што ќе обрнам повеќе внимание на овие пациенти. Најризични се пациенти над 45 години, со покачена телесна тежина (БМИ>27), слабо физички активни, пушачи и пациенти што имаат редовна и зголемена консумација на алкохол и масна храна. Пациентите со дијабетес тип 2 честопати може да немаат симптоми подолг временски период, а доколку состојбата не се третира соодветно кај пациентите се појавуваат: жед, зачестено мокрење, сува иритирана кожа придружена со зголемен број кожни и габични инфекции, глад и слабост, заматен поглед, замор и зголемена потреба за спиење.
Во однос на штетите во организмот, дијабетесот тип 2 повеќе е артериска болест отколку болест на гликозниот метаболизам и треба да се сфати многу сериозно. Хроничната хипергликемија предизвикува оштетувања на повеќе органи, особено на очите, црниот дроб, периферниот нервен систем и кардиоваскуларниот систем и затоа е важно соодветно да се контролира. Притоа активното учество на пациентот во терапијата е особено важно за позитивен исход и задржување на квалитетот на животот.
Главни цели во третманот се да се превенираат развојот и влошувањето на васкуларните компликации. Стратегијата на третманот треба да е насочена во коригирање на хипергликемијата, хипертензијата, дислипидемијата и на зголемената коагулабилност. Пациентите треба се едуцираат за соодветна исхрана, намалување на телесната тежина (кај пациенти со прекумерна тежина), прекин на пушењето и консумација алкохол, како и воведување редовен режим на вежбање и физичка активност (најмалку 3 пати неделно по 30 минути). Здравиот режим на исхрана подразбира оброците да се базирани на храна богата со растителни влакна (интегрален леб, овошје со низок гликемиски индекс, зеленчук и мешункасти плодови). Масти и масла треба умерено да се консумираат, а да се избегнуваат заситени масти (пржена храна, сувомесни производи, масно месо, чипс), како и артикли во кои е додаден шеќер (бонбони, газирани пијалаци, чоколади, торти, бисквити). Дополнително пациентот треба да врши секојдневна самоконтрола на шеќерот во крвта, со намера количеството глукоза во крвта да се одржува во нормални граници: 4-7 ммол/л.
Редовните лекарски контроли на дијабетичарите подразбираат и: мерење на крвниот притисок (одржување во граници до 130/85 ммХГ), мерење на телесната тежина (целта е одржување на БМИ<25), проверка на стапалата на секои 6 месеци (ризик од дијабетичко стапало), контрола на крвта на фактор HbA1C на секои 6-12 месеци (целта е одржување на HbA1C<7 отсто), проверка на холестерол (цел за ЛДЛ<3) и триглицериди (целна вредност за ТГ<2) на секои 12 месеци, проверка на бубрежна функција на секои 12 месеци (серумски креатинин, уринарна албуминска секреција) и проверка на видот на секои 12-24 месеци.
Во случај на неуспех на овие хигиенодиететски мерки во период од 6 месеци (кај 50-70 проценти од пациентите) во терапијата се вклучува еден т.н. орален антидијабетик (метформин, сулфонилуреа, глитазони или репаглинид). Зависно од успехот на терапијата понатаму може да се додаде уште 1 антидијабетик од друг тип (пр. комбинација метформин+репаглинид), а во подоцнежна фаза и инсулин еднаш дневно (пред спиење). Еднаш пропишан инсулински третман не мора да е неопходен постојано, и тој може да биде прекинат, како и оралните лекови, ако едукацијата за начин на живот се покаже успешна. При терапијата со орални антидијабетици треба особено да се внимава на ризикот од т.н. хипогликемија – пад на концентрацијата на глукоза во крвта под 4 ммол/л. Хипогликемиските пациенти имаат симптоми на: треперење, потење, бледило, глад, замор, губење сила, вртоглавица, замаглен вид, сонливост, тетеравење и несвестица. Затоа дијабетичарите секогаш со себе треба да имаат шеќерни коцки, мед, или газиран или овошен сок, кои треба да се внесат за да дојде до стабилизација на пациентот.
Лаксативите не се замена за здрава и избалансирана исхрана!
Речиси секој повозрасен човек барем еднаш во животот се соочил со проблеми со нередовно, нецелосно и тешко празнење на цревата, или т.н. опстипација (запек). Притоа, најпогодени се постарите и слабо подвижни лица, како и жените (особено трудници). Опстипацијата може да се препознае преку појава на напрегање, тврда столица, некомплетно празнење и намалување на бројот на испразноци на помалку од три неделно. Други придружни симптоми се премаленост, надуеност, стомачни грчеви и стомачна болка. Во суштината на проблемот лежат, од една страна, дехидрираноста на организмот и недоволниот волумен на столицата, кои се директна последица на малиот внес вода и на сува исхрана, а, од друга страна, намалената подвижност на цревата (мотилитет) како резултат на физичката неактивност и седечки начин на живот. Други ризик-фактори за појава на опстипација се: игнорирање/одложување на потребата за празнење на цревата, стрес и анксиозност, болести (хипотиреоидизмот, шеќерната болест, хипокалиемијата, хиперкалциемијата), користење некакви лекови (опиоиди, калциум-антагонисти, невролептици, антидепресиви, антипаркинсоници), како и промена на околината, храната и водата при патувања или преселби.
Доколку опстипацијата не е последица на болест или третман со други лекови, во најголем број случаи можеме сами да ја регулираме, во прв ред со промена на животниот стил: внесување храна богата со растителни влакна (овошје, зеленчук, интегрални житарки, грав, сливи итн.), во комбинација со внес на 2-3 литри вода на ден.
За да се обезбеди соодветна подвижност на цревата и да се засили метаболизмот, важно е да се движиме барем 30-60 минути на ден и да го извежбаме организмот редовно да врши дефекација во исто време (на пр. по појадок). За добар метаболизам и соодветно користење на хранливите материи помага и редовна употреба на пробиотски препарати што ја стабилизираат цревната микрофлора и помагаат во регулацијата на варењето на храната. Доколку на овој начин не се постигне ефект и во период од три до пет дена не може да се воспостави нормална столица, корисна е консултација со фармацевт во аптека, каде што може да се добие совет за употреба на дополнителни лекови или додатоци во исхраната, т.н. лаксативи. Поради безбедносниот профил, во прва линија доаѓа предвид примена на т.н. осмотски лаксативи, а пред сѐ лактулоза. Лактулозата е вид шеќер, кој во цревата се разложува на делови што на себе ја „навлекуваат“ водата, со што се омекнува столицата и се олеснува нејзиниот проток. Бидејќи осмотските лаксативи го зголемуваат волуменот на столицата и механички го чистат цревото, за најдобар ефект треба да се пијат со многу вода, а дејството може да започне и по повеќе часови (8 часа). Корисни се и комбинации на лактулоза со камилица и коморач, кои ги смируваат стомачните непријатности, кои се најчесто присутни при опстипацијата, а за посилен ефект и комбинации на лактулоза со растителни екстракти, како на пр. крушина, кои го стимулираат мотилитетот на цревата.
Друга опција се т.н. сенозиди-природни растителни екстракти и хемиски средства од типот бисакодил, кои работат на тој начин што ги „иритираат“ нервите на ѕидот на цревото, кои потоа го стимулираат движењето на дебелото црево да се ослободи од опстипацијата. За жал, кај голем број пациенти овие иритативни лаксативи предизвикуваат непријатности од типот на грчеви и стомачна болка. Поради ова, а и со оглед на фактот дека претераната употреба на лаксативи доведува до т.н. навикнување (неможност за дефекација без нив), нивното користење треба да се ограничи на најкраток можен период и не подолго од 14дена.
Лаксативите не треба да се применуваат при постоење на одредени контраиндикации, како на пример цревна опструкција, илеус или, народски кажано, преплет на цревата. Што се однесува до бремените жени, а особено по третото тримесечје на бременоста, забранета е примената на клизми и чепчиња, како и лаксативи, кои дејствуваат на принцип на зголемена контракција на мазната цревна мускулатура, односно сенозидите и бисакодилот. Во ваква ситуација безбедни за примена се осмотски активни лаксативи, кои не причинуваат дополнителна иритација. Во случај на појава на силни стомачни болки, перзистентно повраќање, крвава столица или столица со црна боја, пациентот треба задолжително да му се обрати на лекар.
Лековите за полесно заспивање – меч со две сечила!
Прва сцена: часовникот покажува 1.23 ч. Веќе цел час се вртите во креветот безуспешно обидувајќи се да заспиете… Го земате мобилниот телефон и ги проверувате уште еднаш новостите на вашата омилена социјална мрежа. Утре имате важен состанок во 8 часот и уште отсега сте загрижени како ќе изгледате и дали ќе бидете на нивото на задачата, по уште една непроспиена ноќ…
Втора сцена: се будите среде ноќ од непријатниот сон. Часовникот покажува 3.27 ч. Станувате и пиете чаша вода. Сакате да заспиете повторно, но вашиот мозок е веќе буден и оптоварен со голем број грижи и наместо да заспиете вие „ги решавате“ до 5.15 ч. Одненадеж се будите, часовникот покажува 8.42 ч. Повторно задоцнивте на работа…
За жал, ова не се сцени од евтин филм. Несоницата е една од болестите на модерното време, која нѐ демне сите нас. Современиот човек е под континуиран притисок од очекувањата на семејството, работодавците и општеството и згора на сѐ секојдневно е бомбардиран од сите страни со голем број информации. Современиот човек едноставно нема приватност, секогаш е достапен за сите и нема време за себе, поради што е изложен на огромен стрес, кој честопати се ефектуира во несоница. Освен тоа, модерниот животен стил често подразбира: слаба физичка активност, прекумерна употреба на кофеински напитоци и други стимуланси, пушење и (зло)употреба на алкохол. Сите овие фактори во комбинација со фреквентната изложеност на т.н. сина светлина (ТВ, лаптоп, таблет, паметен телефон) создаваат подлога за долготрајни проблеми со спиењето. Неквалитетното ноќно спиење е причина за голем број здравствени проблеми, а пред сѐ хроничен замор и неспособност за вршење на секојдневните обврски, кардиоваскуларни проблеми и голем број психијатриски растројства. Затоа е многу важно сериозно да ги сфатиме првите знаци на несоница како што се: потребно време за заспивање подолго од 30 минути, будење во текот на ноќта повеќе од 3 пати, рано будење без можност повторно да се заспие, спиење помалку од 6 часа и/или спиење со слаб квалитет.
И како што се случува обично, бидејќи долготрајната несоница нѐ исцрпува и нѐ онеспособува, голем број од нас прибегнуваат кон примена на т.н. хипнотици или средства за спиење како инстант решение за проблемот со спиењето, честопати и без лекарски рецепт. За жал, и покрај големата делотворност на хемиските агенси во брзото и успешно заспивање, хипнотиците не ни носат мирен и квалитетен сон. Напротив, иако спиеме цврсто под нивно дејство, се будиме изморени, а покрај ова носат и ризик од навикнување и толеранција што едноставно значи дека со текот на времето нема да можеме да заспиеме без нив и повремено ќе мора да ги зголемуваме нивните дози…
Така влегуваме во магичен круг и секојдневно робуваме на примена на лек за да заспиеме, понекогаш и доживотно. Поради сево ова круцијално е да знаеме како всушност природно заспиваме и соодветно да си помогнеме на природен начин за да го одложиме земањето хипнотици колку што е можно подолго. Нашето заспивање природно се случува благодарение на секреција на хормонот мелатонин во нашиот организам (хормонот одговорен за спиење). Мелатонинот се излачува од епифизата пред сѐ во ноќните часови, бидејќи е потребна темнина за негова соодветна продукција и на тој начин го диригира нашиот деноноќен ритам. Токму затоа е многу важно да одиме на спиење во одредено време (најдобро околу 23 ч.) и да спиеме во текот на ноќта кога може да добиеме квалитетен одмор. Во овој контекст еден од советите за помош при несоница е укинување на попладневното спиење. Исто така во контекст на продукцијата на мелатонин и квалитетниот сон се препорачува да се спие во мирна, темна и не презатоплена просторија. Редовната физичка активност помага за сузбивање на стресот и за соодветно изморување на организмот и придонесува за полесно заспивање, но сепак не треба да се вежба најмалку два часа пред спиење, бидејќи присутниот адреналин може да нѐ држи будни. За релаксација и за полесно заспивање помага и практикувањето медитација, јога, како и топла, ароматична бања пред спиење.
Доколку промените во животниот стил не ги дадат саканите резултати, може да примениме и природни продукти, со кои дополнително ќе внесеме мелатонин (во количество од 1 до 5 мг) и растителни екстракти од валеријана и маточина, кои помагаат за смирување и за полесно паѓање во сон.
Екстрактите од валеријана и од маточина се природни седативи и антидепресиви, т.е. помагаат за смирување и за квалитетен сон, ги подобруваат расположението, когнитивните способности и меморијата.
Изградбата на добар имунитет е трка на долги патеки!
Есенско-зимскиот период традиционално носи зголемен број болни во лекарските ординации и аптеките, најчесто од респираторни заболувања на горните дишни патишта. Главната причина за тоа лежи во падот на нашиот имунитет. Имунитетот е природна или стекната физиолошка способност на организмот да се брани од штетните надворешни дејства. Во овој период од годината голем број фактори придонесуваат нашиот имунитет да ослабне. Времето е променливо и влажно, утрата се студени, а во текот на денот се потиме, што е идеална подлога за разни настинки. Деновите стануваат пократки, бројот на сончевите часови се намалува, а загадувањето на воздухот се зголемува. Ако на ова додадеме дека сѐ повеќе време поминуваме во затворен простор и имаме намалена физичка активност, станува сосема јасно дека сме многу поподложни на разни инфекции отколку во летниот период. Веројатно секој од нас посакува добро здравје и сака да ги сведе на минимум деновите прележани во кревет поради болест. Сепак, во нашиот код е да дејствуваме кога веќе сме се разболеле, наместо да направиме превенција преку соодветно засилување на нашиот имунитет. Мора да бидеме свесни дека изградбата на добар имун одговор не се прави со пиење неколку „магични“ таблетки. Тоа е долготраен процес, кој започнува уште во раното детство, и се гради преку формирање навики за правилна исхрана и здрав животен стил, а дури како надградба на оваа база може да следува повремено (сезонско) превентивно користење соодветни додатоци во исхраната на база на пробиотици, бетаглукани, витамини и минерали.
За да може нашиот имун систем соодветно да одговори на патогените, неопходно е да имаме високо ниво одбранбени клетки (леукоцити) во организмот. Ова се постигнува во прв ред со добро избалансирана исхрана богата со интегрални житарки, свежо сезонско овошје и зеленчук и висок внес на вода (2-3 литри дневно). Сепак за да може организмот да се избори со специфични предизвикувачи на болести (бактерии и вируси) неопходно е да креира соодветни антитела, кои се создаваат како резултат на контакт со патогените. Антителата служат за високоспецифично препознавање антигени и нивно отстранување, како и за памтење на еднаш внесените антигени. Затоа, за да не се разболиме или болеста да има поблаг тек, значајно е да имаме претходно создадени антитела во организмот, кои се врзуваат со бактериите и вирусите и на тој начин го спречуваат инфицирањето на клетките.
Поради ова корисно е редовно да се внесуваат специфични видови пробиотици (пр. Bacillus subtilis), кои организмот ги препознава како антигени и почнува имунолошка реакција за заштита на организмот од инфекции. На овој начин пробиотиците го стимулираат развојот на нашиот имун одговор без да го инфицираат нашиот организам, пред сѐ преку значајно покачување на концентрацијата на IgA (имуноглобулин А) во цревната и респираторната слузница. Со ова придонесуваат за спречување или скратување на респираторните и стомачните инфекции. Освен тоа, за добар имун одговор особено е значајно во организмот да имаме соодветни нивоа на витамините Ц и Д, како и на минералот цинк.
Витаминот Ц го има во високи концентрации во леукоцитите, при што го стимулира зголемувањето на бројот на неутрофили, моноцити и Т-лимфоцити при имунолошките реакции. Поради ова многу се троши во текот на инфекциите и, во случај на болест, се препорачува внес до 1 г витамин Ц на ден, а во превентивни цели околу 200 мг дневно. Витаминот Д има антиинфламаторно дејство и влијае на растот и диференцирањето на имуномодулаторните клетки, поради што е многу корисен за превенција од инфекции и алергии. Бидејќи неговото производство во организмот е директно поврзано со изложување на сонце, важно е да ги користиме сончевите есенски денови за движење во природа. Цинкот, од своја страна, е клучен за диференцијација на Б и Т-лимфоцитите и ги поттикнува леукоцитите да отидат на местото на инфекцијата. Затоа, во смисла на превентивно засилување на имунитетот, треба да се внесува во дневни количества од 10 мг. Доколку веќе одлучиме да вршиме засилување на нашиот имунитет со додатоци во исхраната што содржат некои од гореспоменатите компоненти, треба да ги користиме правилно и доволно долго. Тоа подразбира користење имуностимуланси барем три месеци во континуитет двапати годишно, најдобро во следните периоди: септември-ноември и февруари-април.
На крајот, но не и помалку важно, за спречување на инфекциите треба да одржуваме добра хигиена на рацете со темелно миење со антибактериски сапуни, како и на респираторната слузница со промивање со спреј од хипотоничен NaCl и, секако, избегнување загаден воздух и простории во кои се пуши.
Доколку, сепак, се разболите, никако немојте да користите антибиотици на своја рака! Антибиотиците не се ефикасни при настинка, грип и вирусни инфекции, туку само ја нарушуваат дигестивната микрофлора и го ослабуваат вашиот имунитет. Не заборавајте дека одењето болни на работа и носењето болно дете во градинка не само што е одраз на здравствена некултура туку и претставува ризик по вашето здравје и здравјето на другите!
Летото и раната есен носат уринарни инфекции
Крајот на летото и раната есен како по правило се периоди во кои се зголемува фреквенцијата на уринарни инфекции. Во летниот период поминуваме голем дел од времето во вода, седиме во влажни костими за капење и посетуваме базени и спа-центри, кои во себе кријат голем број патогени. Раната есен, од своја страна, носи поладни утра и големи температурни разлики во тек на само еден ден, што само по себе значајно го зголемува ризикот од настинка. Статистиката вели дека уринарните инфекции се втора најчеста причина за посета на лекар кај женската популација. Најчеста уринарна инфекција е воспалението на мочниот меур (цистит), кое се појавува кај околу две третини од жените барем еднаш во животот, а дури во 25 отсто од случаите инфекцијата се повторува.
Циститот претставува уринарна инфекција што најчесто е предизвикана од бактеријата ешерихија коли, која природно е присутна во човечкиот дигестивен тракт. Поради анатомската блискост на отворите на дигестивниот и урогениталниот тракт кај жените, честопати уште во детството, бактеријата ешерихија коли го населува урогениталниот тракт. Сепак за да дојде до воспаление е потребно бактериите да се размножат во доволен број, а ова се случува како резултат на намален локален имунитет на мочниот меур. Причините за пад на урогениталниот имунитет, покрај влажната облека, ладната вода и настинувањето, се и: сексуално преносливи патогени (незаштитен полов однос), физичка иритација на мочниот меур (бубрежни камења, катетеризација, цистоскопија), одложување на потребата за мокрење, слаба подвижност, уринарна инконтиненција, БПХ (мажи), бременост, дијабет и секако долготраен стрес.
Бидејќи циститот е, најчесто, упорна и повторлива состојба пациентите го препознаваат по појава на: потреба за итно но отежнато и болно мокрење, печење и крв при мокрењето, болка и/или грчеви во долниот дел на стомакот над срамната коска. Овие симптоми се доста болни и знаат да го спречат болниот во извршувањето на домашните и работните обврски во период од 2 до 3 дена. Нетретираниот или погрешно третиран цистит ќе води кон чести повторувања на инфекцијата (во просек на околу 45 дена – 6 месеци) како и до опасност од инфекции на бубрезите (пиелонефрит). Особено се важни откривањето и третманот на уринарните инфекции кај бремените жени поради опасност од пукање на плодовите обвивки и предвремено породување. Поради сево ова е многу важно чувствителните личности да работат на превенција на уринарните инфекции, а во случај на нивна појава соодветно и доволно долго да се третираат.
Во превентивна смисла може значајно да помогне соодветен хигиенодиететски режим, кој подразбира: квалитетен ноќен одмор, внесување на 2-3 л вода дневно, редовен внес на овошје (брусници, праски, јаболка) да не се одложува потребата на мокрење, комплетно измокрување (со мускулна масажа), користење кондом при полов однос и мокрење по секој полов однос, хигиенско бришење (од напред кон назад). Доколку дојде до појава на симптоми на цистит (или друга уринарна инфекција) важно е да се потврди дијагнозата кај вашиот матичен лекар или гинеколог, а во некои случаи преку уринокултура да се утврди точниот бактериски причинител. Ординираната антибиотска терапија треба да се зема доволно долго, и тоа не само до исчезнување на клиничките симптоми туку до искоренување на инфекцијата преку ерадикација на причинителот, за да не дојде до појава на рецидив.
Иако изборот на антибиотикот е на лекарот и зависи од направениот антибиограм, поради сѐ поголема бактериска резистенција, тренд е да се избегнуваат стандардните антибиотици со широк спектар (пенцилини, цефалоспорини, макролиди, кинолони) и да се користат соодветни уринарни антибиотици и уроантисептици (фосфомицин, нитрофурантоин), кои имаат конкретно дејство во мочниот меур и минимална штета на другите системи. При антибиотската терапија задолжително треба да се користи соодветен пробиотик за да се намалат нуспојавите (антибиотски асоцирана дијареа) и тоа најчесто 3 часа пред или по антибиотикот. Корисно е да се земаат и додатоци во исхраната на база на Д-маноза и специјални пробиотици (S.boulardii) во период од 1 недела до 6 месеци, бидејќи значајно ја зголемуваат ефикасноста на антибиотската терапија преку намалување на концентрациите на ешерихија коли во мочниот меур и цревата, и спречуваат повторување на инфекциите.
Читателите на „Нова Македонија“, од денеска, секој четврток, ќе имаат можност на оваа страница да ги следат советите и размислувањата на магистерот по фармација и топедукатор Филип Ачкоски.
Правилната хидратација – клуч за добро здравје, младешки изглед и долговечност!
Сметам дека нема да биде претерување ако заклучам дека е по малку невкусно во 21 век и во услови на широка, а кај нас и (сѐ уште) евтина достапност на чиста вода за пиење да бидат потребни силни кампањи за едукација на населението за потребата од доволен дневен внес на вода. Па, сепак, голем дел од популацијата пие многу помалку од потребните 2-3 л вода на ден. Да биде проблемот позначаен, голем дел течности што ги внесуваме се газирани (или негазирани) пијалаци, кои во себе содржат големи количества шеќер и носат дополнителни штети по нашиот организам, а пред сѐ претставуваат ризичен фактор за зголемена телесна тежина, развој на дијабетес, лошо дентално здравје и други проблеми. Водата не само што чини над 70 проценти од човечкиот организам туку е и неизоставен дел од сите хемиски процеси во него, клучна е за процесот на детоксикација и отстранување на штетните материи преку бубрезите, како и за здрава кожа. Недоволен внес на вода резултира со: жолта урина и намалено мокрење, замор, главоболка, сувост на устата, очите и кожата, како и лошо варење на храната и опстипација.
Потребите за внес на вода значајно се зголемуваат во летниот период и при силна физичка активност (поради зголемено потење) но и при разни заболувања, покачена телесна температура, како и симптоми на дијареја и повраќање. При овие состојби постои голем ризик од т.н. дехидратација, која може да биде загрозувачка состојба по животот, особено кај бебињата, малите деца и геријатриската популација.
Во ваква ситуација, покрај водата, организмот забрзано губи големи количества електролити (пред сѐ натриум и калиум), кои се клучни за функционирањето на секоја наша клетка, а особено за одржување на ацидобазната рамнотежа и функционирањето на мускулите и нервите. Токму затоа, при голем број заболувања, но и секојдневно за спортисти и луѓе изложени на голем физички напор, се препорачува користење хипоосмоларни ОРС (орални рехидратациски соли) раствори, кои успешно и во краток период го рехидрираат организмот. ОРС-растворите најчесто во својот состав содржат: натриум, калиум, бикарбонати, магнезиум, калциум и глукоза. ОРС-растворот треба да се пие полека, по неколку голтки, за да испиеме барем 250 мл во период од еден до три часа. Треба да бидеме внимателни во случај на повраќање (особено кај деца), бидејќи пребрзо пиење на ОРС-растворот може да индуцира нова серија повраќање и дополнителна дехидратација. Со оглед на специфичниот, слатко-солен вкус, може да биде потребно ОРС да се раствори во чај, супа или јогурт, за да биде полесно прифатлив за малите деца.
Во случај дехидратацијата да е предизвикана или проследена со стомачни тегоби (дијареја, гадење, повраќање), идеално е да се користи готова комбинација од пробиотици (S. Boulardii) и ОРС. Во ваква ситуација пробиотиците дејствуваат на причината (дијареја, повраќање) преку стабилизација на цревната микрофлора, инхибирање на патогените и индукција на имунитетскиот одговор, а ОРС дејствува на последицата (дехидратацијата), и со ова симултано дејство значајно се намалува времетраењето на тегобите, како и здравствените ризици за најосетливата популација.
Инаку, во контекст на одржување добра хидратација кај здравите луѓе најдобро е да се користи свежа вода збогатена со лимон или цедени сокови, и тоа најдобро уште од утринските часови, кога дехидратациската способност на организмот е најголема.
Авторот е магистер по фармација и топедукатор
Што претставува LUTS?
LUTS (анг. lower urinary tract symptoms) означува збир на симптоми на долниот уринарен тракт кои значително влијаат на квалитетот на животот на средовечните и постарите мажи и претставуваат значаен економски и јавно-здравствен проблем. Кај мажите, симптомите на LUTS се традиционално поврзани со опструкција на излезот на мочниот меур и најчесто се предизвикани од бенигно зголемување на простатата (BPH). Преваленца на LUTS кај мажите е во просек од 10,3% до 25,1% и истата значајно се зголемува со возраста. Над 90% од мажите над 45 години имаат некои симптоми на LUTS, 50% од мажите помеѓу 50-60 години имаат BPH а дури 90% од мажите над 80 години имаат BPH.
Со оглед на сериозноста на симптомите и етиологијата на основната болест, опциите при LUTS се:
активно следење, терапија со лекови или хируршки третман. Активно следење (будно чекање) се препорачува за мажи чии симптоми не се значајни, односно не влијаат на нивниот секојдневен живот и кај кои прогресијата на болеста не се јавува со текот на времето.Медицинскиот третман се користи кај пациенти со умерени до тешки симптоми на LUTS. Во медицинскиот третман се користат блокатори на алфа 1 рецептори, 5 инхибитори на алфа редуктаза, антихолинергици, инхибитори на 5-фосфодиестераза, бета-3 агонисти итн. Во случај на неуспех на медикаментозната терапија, значајна уринарна ретенција, или други причини утврдени од страна на уролог се оди на хируршка интервенција.
Зошто настанува LUTS и кои се најзначајните ризик фактори?
Точната етиологија на LUTS не е целосно позната. Најзначајните фактори на ризик поврзани со LUTS се метаболички синдром, дијабетес, дебелина и кардиоваскуларни болести.
Дисфункција на мочниот меур може да биде една од причините за LUTS, вклучувајќи хиперактивен мочен меур (OAB), намалена детрусорна активност (UB), како и други структурни и функционални абнормалности на уринарниот систем и околните структури (дистални уретрални камења, страни тела, тумори на мочен меур, уринарни инфекции итн.)
Воспалението на простатата исто така игра улога во патогенезата и прогресијата на БПХ.
Многу други невролошки состојби, исто така, можат да придонесат за појава и прогресија на симптомите, особено ноктурија. Неодамнешните докази од опсервационите студии укажуваат на двонасочна поврзаност помеѓу симптомите на долниот уринарен тракт (LUTS) и депресијата кај мажите.
Кои се највпечатливите симптоми на LUTS?
Симптомите на LUTS може да бидат:
-
опструктивни (симптоми на мокрење): чекање за почеток на мокрење, ослабен млаз на урина, испрекинат млаз, мокрење во два чина, напрегање при мокрење, терминално капење на урина.
-
иритативни (симптоми на складирање): уринарна инконтиненција, итно мокрење, често мокрење, ноќно мокрење (ноктурија).
-
Симптоми после мокрење: чувство на некомплетно празнење на мочниот меур, капење на урина, постмикциска ургенција, инконтиненција после мокрење.
Нарушувањата можат да бидат минимални, па се до оние кои можат значително да го нарушат квалитетот на животот и здравјето на мажот. Честото мокрење го нарушува општествениот живот, ноктуријата го нарушува сонот и доведува до хроничен замор, поради што се нарушува сексуалниот живот и психолошкото здравје на мажот. Понатамошната прогресија води до хронично задржување на урината со последователни чести инфекции, формирање на камења и евентуално оштетување на функцијата на бубрезите.
Заради сето ова особено е важно мажите после 45тата да спроведуваат редовни уролошки контроли, а во случај на појава на некои од горенаведените симптоми да се јават на својот лекар за понатамошни испитувања.
Вегетаријанска/веганска исхрана тренд или пат до подобро здравје?
Во последните децениии трендот на вегетаријанска и веганска исхрана зема замав во светски рамки но и кај нас. Аргументацијата за исклучување/ограничување на внесот на храната од животинско потекло се темели на евентуални придобивки поврзани со губење на тежината, намален ризик од некои типови на рак, подобрување на нивото на шеќер во крвта и подобро кардиоваскуларно здравје. Сепак исклучување на месото и производите од животинско потекло од исхраната може да го зголеми ризикот од нутритивни недостатоци. Ова особено доаѓа до израз доколку ваква исхрана применуваат ризични групи како што е случајот со децата, бремените жени, доилките и спортистите. Во ситуација кога има интензивно формирање/ремоделирање на телесните структури, како што се крвта, мускулите, коските или кожата, неопходно е да се консумира животинска исхрана која обезбедува хранливи материи кои не можат да се добијат само со храна од растително потекло. Практикувањето на ваков тип на исхрана кај многумина ќе резултира со замор, исцрпеност па дури и промени во расположението.
Главни недостатоци на веганската исхрана
-
Есенцијалните масни киселини не се консумираат.
Есенцијалните масни киселини телото не може да ги синтетизира природно и мора да се внесат со исхраната. Истите се присутни во протеините од месото и рибата. Есенцијалните масни киселини се клучот за оптимално здравје бидејќи тие се составен дел на клеточните мембрани (мозокот, очите, срцето, итн.).
-
Внесот на витаминот Б12 е многу ограничен.
Овој витамин е од суштинско значење, бидејќи е одговорен за одржување на здравјето на невроните, ДНК на клетките, метаболизмот на протеините, липидите и другите материи, неопходен е за мозокот и нервниот систем, овозможува формирање на црвени крвни зрнца итн.
Истиот е присутен речиси ексклузиво во храна од животинско потекло и при веганска исхрана неопходно е да се земаат суплементи за да се избегне ризикот од анемија, губење на меморијата, кардиоваскуларен ризик, деменција, проблеми со очите, промени во однесувањето итн.
-
Ризик од недостаток на калциум и витамин Д.
Недостатокот на млечни производи, јајца, месо и риба може да доведе до дефицит на калциум и витамин Д што е погубно за нашите коски (губење на коскена маса и остеопороза), кожа, очи, мозок но и имунитет. Суплементација во вакви ситуации е неопходна за да се сочува задоволителна здравстена состојба.
Наместо заклучок, вегетаријанската/веганска исхрана не е за секого. Доколку сепак одлучите да ја практикувате правете редовни крвни ( и други) анализи и практикувајте добро балансирана исхрана во комбинација со додатоци во исхраната (омега 3, витамини Б12 и Д, калциум итн.) со цел да се спречат недостатоците на клучните нутриенти.
Депресијата и анксиозноста се во пораст и се голем јавно-здравствен проблем
Депресија е колективно име за група нарушувања кои се карактеризираат со чувство на тага, безволност и незадоволство, кои симптоми траат повеќе од 2 недели и ги попречуваат секојдневните активности на пациентот. Мешаното анксиозно-депресивно растројство, кое се карактеризира со истовремено присуство на симптоми на блага или умерена депресија и анксиозност (вознемиреност, нервоза, несоница), е исто така многу често кај пациентите. Зачестеноста на депресивните пореметувања постојано се зголемува, при што нарушувањата се јавуваат почесто кај жените, а депресијата и анксиозноста, стануваат еден од најголемите јавно-здравствени проблеми во развиените земји. Посебно зголемување на фреквенцијата на благи и умерени депресивни нарушувања е забележано за време и после пандемијата на COVID 19.
Третманот на депресија најчесто вклучува комбинација од психотерапија и антидепресивен третман. Несаканите ефекти на антидепресивите вклучуваат, меѓу другото, појава на серотонергичен синдром и хипертензивни кризи, намалена сексуална функција и зголемување на телесната тежина, а голем број антидепресиви влегуваат во клинички значајни интеракции со други лекови. За да се постигнат значителни антидепресивни ефекти, неопходно е терапијата да се зема најмалку неколку недели, а трае минимум 6-9 месеци. Рецидивите се екстремно чести. Заради сето ова, пациентите кои страдаат од блага до умерена депресија често прибегнуваат кон алтернативна терапија, која вклучува додатоци во исхраната.
Додатоци во исхрана со цел подобрување на симптомите на депресијата и анксиозност
Препаратите на база на кантарион (стандардизирани за содржината на хиперфорин и хиперицин) најдолго се користат како природни препарати за лекување на депресија. Нивната ефикасност и безбедност на употреба се докажани со бројни клинички студии, и покажуваат ефекти споредливи со оние на конвенционалните антидепресиви, благодарение на нивнто серотонично дејство. Сепак, нивната примена во клиничката пракса не е значајна, пред се поради варијабилниот квалитет на препаратите на пазарот и фактот што екстрактите од кантарион влегуваат во клинички значајни интеракции со голем број на лекови кои овие пациенти секако ги земаат. Други додатоци во исхраната со познати антидепресивни и анксиолитични ефекти се омега 3 масните киселини, шафран, биоактивни пептиди (лактиум), Б – витамини, магнезиум мелатонин, валеријана, маточина и др.
Докажано е дека ниското ниво на омега-3 масни киселини негативно влијае на менталното здравје. Луѓето кои не јадат риба и морска храна, се изложени на поголема веројатност да добијат депресија, биполарно растројство и пост породилна депресија. Со зголемување на дневниот внес на омега-3 масни киселини преку додатоци во исхраната, овие состојби може да бидат успешно спречени и третирани.
Екстрактот од шафран има антиоксидативно и антиапоптотично дејство, ја балансира концентрацијата на невротрансмитери (допамин, серотонин, гама-аминобутерна киселина и норадреналин) во синапсите на мозокот и го намалува нивото на стрес со тоа што влијае на лачењето на кортизол. Покрај тоа што е антидепресив, екстрактот од шафран има и анксиолитичко дејство, што го прави особено применлив за ублажување на симптомите на анксиозност и несоница кај мешани депресивно-анксиозни нарушувања. Препаратите од шафран се безбедни за употреба, но поради можниот абортус докажани со студии на животни, тие не се препорачуваат за бремени жени.
Лактиумот е хидролизат на алфа-с1 казеин, добиен од млеко кој помага во ублажување на симптомите на вознемиреност и блага до умерена несоница. Посебна предност од користењето на лактиум како анксиолитик е неговиот одличен безбедносен профил, што го прави погоден за употреба кај бремени жени. За најголема ефикасност лактиумот се комбинира со други растителни екстракти (валеријана, маточина), мелатонин, магнезиум, Б-витамини и др. Екстрактите од валеријана и маточина помагаат за смирување и го подобруваат расположението. Магнезиумот и Б-витамините се одлични за смирување на целиот нервен систем а мелатонинот е хормон кој овозможува брзо заспивање и мирен целовечерен сон.
Успешна рехабилитација на скршеници – клучна за враќање на функционалноста на зглобовите и мускулите!
Основни принципи на рехабилитација на скршеници
Рехабилитацијата е неизбежен дел од секој третман на фрактура. Крајната цел на процесот на рехабилитација на која било фрактура е да се врати функцијата на повредената област на ниво пред повредата. Притоа, мора да се исполнат некои важни фактори:
• Да се постигне заздравување на фрактурата во анатомски или речиси анатомски однос.
• Да се врати целиот опсег на движење на зглобовите во близина на фрактурата.
• Да се врати нормалната мускулна сила на повредената област и придружните мускулни групи.
• Да се спречи развојот на можни компликации.
• Пристапот кон пациент со повреда во процесот на рехабилитација мора да биде индивидуален и прилагоден на поединецот и видот на повредата.
При рехабилитација по фрактури, почитуваме пет основни принципи:
• Сите зглобови кои не бараат имобилизација мора веднаш да се мобилизираат, за да се спречи појава на контрактури.
• Во случај на повреди на долните екстремитети и 'рбетот, вклучете го тренингот за одење што е можно порано.
• Мобилизирањето на повреденото место започнува кога има соодветна стабилност на скршеницата. Го изведуваме според атрауматски принципи за да избегнеме дополнително оштетување на меките ткива.
• Доколку е потребно, локално применуваме различни модалитети на физикална терапија.
• Зајакнување на мускулатурата на повреденото место се воведува кога тоа ќе го дозволи стабилноста на скршеницата.
Процедури за физикална терапија и кинезитерапија
Клучот за успехот на рехабилитацијата е раниот почеток на лекувањето, мотивацијата на пациентот, континуитетот на лекување по закрепнувањето и секако раното спречување и лекување на компликации со адекватен избор на кинезитераписки процедури и други процедури за физикална терапија. Во акутната фаза на повредата, кога има оток, најчесто применуваме криотерапија- употреба на студ за терапевтски цели, што предизвикува вазоконстрикција со последователно намалување на отокот и крварењето. Студот има и аналгетски ефект - директно преку дејство на сетилните нервни завршетоци и ноцицепторите, и индиректно преку намалување на поврзаниот мускулен спазам. Најдобро време на апликација на мраз е во првите 48-72 часа по повредата а постапката обично трае 5-15 минути. По минливото бледило и вкочанетост, на местото на апликација се јавува хиперемија со субјективно пријатно чувство на топлина и аналгезија, што е знак дека терапијата е завршена. Термотерапија се користи во подоцнежните фази на лекување на повредите. Примената на топлина овозможува зголемување на растегливоста на колагенот, намалување на вкочанетоста на зглобовите, намалување на болката и ослободување на мускулен спазам. Во процесот на рехабилитација, можеме да примениме и различни модалитети на електротерапија, ултразвук, кратки бранови и магнетотерапија.
Кинезитерапијата како дел од рехабилитацијата на повредите на екстремитетите има за цел враќање на функцијата, перформансите, мускулната сила и издржливоста на ниво пред повредата. Важна компонента на рехабилитацијата на повредите на локомоторниот систем е обновувањето на опсегот на движење на зафатениот зглоб. Првиот чекор во мобилизацијата на зглобовите по повредата е одржување на целосниот опсег на движење на незасегнатите зглобови. Веќе во првите 24 часа е потребна рана мобилизација со поместување на сите зглобови кои не треба да се имобилизираат. Се препорачува активно движење низ целиот опсег на движења 2-3 пати на ден и најмалку 2-3 движења за да се спречи појава на контрактури. Видовите вежби што ги користиме за одржување на опсегот на движења може да се поделат на пасивни, активно потпомогнати, активни и вежби со тежина Пасивните вежби се користат во раниот период по повреда и придонесуваат за одржување на должината на мускулните влакна и тетивите, намалување на лузните во и околу зглобовите, исхрана на зглобната 'рскавица и помагаат во ресорпција на присутниот хематом. Активно потпомогнатите вежби се изведуваат со активна мускулна контракција на пациентот со помош на физиотерапевт или самостојно. Ова овозможува активно функционирање на мускулите и во исто време спречува прекумерно оптоварување околу мускулатурата на зглобот. Вежбите за активен опсег на движења се изведуваат со тоа што пациентот самостојно ги собира и опушта мускулите одговорни за одредено движење.
Кога ќе постигнеме делумно обновување на опсегот на движења, воведуваме вежби за истегнување. Целта на вежбите за истегнување е да се врати нормалниот опсег на движење на зглобот доколку постои ограничување поради губење на еластичноста на мекото ткиво, односно во случај кога има контрактура на мекото ткиво. Кога ќе се постигне целосен или речиси целосен опсег на движења, воведуваме вежби за зајакнување на мускулите. Зајакнувањето на мускулатурата е важна компонента за рехабилитација на повреда на локомоторниот систем. Со одмор, мускулите губат сила од 5% дневно до 8% неделно. Ако пациентот лежи 3-5 недели, тој може да изгуби до половина од својата мускулна сила. Оваа генерализирана мускулна слабост може да резултира со лоша координација и квалитет на движење кога пациентот се мобилизира. Вежбите за сила се изведуваат против оптоварувањето обезбедено од физиотерапевт или со помош на помагала (тегови, ленти). Тренингот за сила често се смета за завршна фаза на рехабилитација на повреда на локомоторниот систем, но сепак, идеално е да се започне со него во што порана фаза на рехабилитација со цел побрзо и поквалитетно закрепнување.
Селен – есенцијален микронутриент со бројни придобивки за човечкиот организам!
Корисни ефекти на селенот
Селенот е суштински микронутриент. Најбогатите извори на селен во храната се месото, рибата, морските плодови, бразилските ореви и други јаткасти плодови и некои житарки. Селенот е составен дел на селенопротеините, кои се инкорпорирани во ензими неопходни за бројни физиолошки процеси во организмот. Најпознати се глутатион пероксидаза, тиоредоксин редуктаза и јодотиронин дејодиназа. Овие селеноензими се вклучени во метаболизмот на тироидните хормони, редокс регулација и заштита од оксидативно оштетување. Иако точниот механизам на дејство не е целосно разјаснет, селеноензимите се важен фактор во канцерогенезата и намалената прогресија на туморите поради нивната антиоксидантна улога. Селенот ја стимулира работата на имунолошкиот систем: го стимулира формирањето на антитела, ја зголемува активноста на Th-клетките, цитотоксичните Т-клетки и NK-клетките.
Селенот е вклучен во растот на клетките, програмираната клеточна смрт и клеточното сигнализирање. Кај луѓето со хепатитис Б и Ц и оние кои се заразени со ХИВ вирусот, селенот ја поддржува одбраната на телото и на тој начин ја забавува прогресијата на болеста. Го менува метаболизмот на некои отровни метали (кадмиум, олово, арсен, жива), со што се намалува нивната токсичност.Потребен е за биосинтеза на тестостерон, како и за создавање и развој на сперматозоиди. Ткивото на тестисите содржи високи концентрации на селен и е одговорно за квалитетот на спермата и машката плодност.
Последици од недостаток на селен
Недостатокот на селен во човечкото тело може да доведе до сериозни заболувања на различни системи: кардиоваскуларниот, ендокриниот, имунолошкиот, мускулно-скелетниот, нервниот и репродуктивниот систем. Притоа можеби најзначајна е врската меѓу селенот и доброто функционирање на тироидната жлезда.
Влијанието на дефицитот на селен врз тироидната жлезда е забележано со појавата на ендемски кретенизам во некои области на Африка. Се карактеризира со недостаток на јод и селен, хипотироидизам, тешкотии во развојот и намалување на интелектуалната способност. Селенот е од големо значење кај автоимуните болести на тироидната жлезда. Хашимото тироидитис е автоимуна болест на тироидната жлезда која се карактеризира со присуство на антитела насочени кон протеинот тироглобулин или кон ензимот тироидна пероксидаза, две компоненти неопходни за производство на хормони. Суплементацијата на селен во доза од 200 µg за неколку месеци доведува до значително намалување на нивото на антитела (30-50%). Ниските дози на селен се поврзани и со појавата на зголемена тироидна жлезда и формирање на тироидни јазли.
Кај Грејвсовата болест, форма на хипертироидизам, се покажа дека суплементацијата на селен кај пациенти третирани со лекови за тироидна жлезда помага во побрзо обновување на нормалната функција на тироидната жлезда.
Недостатокот на селен доведува до зголемена активност на некои вируси (Кешанска болест). Кешанската болест се манифестира во намалена функција на срцевиот мускул, а појавата на болеста Кешан-Бек се карактеризира со остеоартритис со оштетување на 'рскавицата во зглобовите на рацете и нозете.
Истражувањата покажаа дека недостатокот на селен може да доведе до лошо расположение и раздразливост, па дури и е поврзана со развој на Алцхајмерова болест.
Витамин Д клучен зајакнувач на Вашиот имунитет!
Кои групи на пациенти имаат потреба од дополнителен внес на витамин Д?
Витаминот Д не е класичен витамин. Во исто време, тоа е хормон, имуномодулатор и есенцијален микронутриент кој се создава во кожата кога е изложен на УВ зрачење. Бидејќи само мал дел од нашите дневни потреби ги задоволуваме преку храната, зависиме од изложувањето на сончевите зраци. Затоа, во текот на постудениот дел од годината, поголемиот дел од населението што живее во нашата климатска зона е склоно кон хиповитаминоза на витамин Д. Ова особено се однесува на постарите лица кои често престојуваат во затворени простории, хроничните пациенти, но и останатата популација која негува седечки стил на живот или живее во урбани центри со зголемено загадување. Други ризични групи се луѓе со потемна кожа, дебели луѓе, луѓе кои земаат лекови кои го попречуваат метаболизмот на витамин Д (антиконвулзиви, глукокортикоиди, антимикотици), пациенти со остеопороза, заболувања на бубрезите и црниот дроб, автоимуни, малигни, ендокринолошки, невролошки, кардиоваскуларни, психијатриски заболувања и др.
Клучни бенефити од редовен внес на витамин Д?
Најпознатата улога на овој витамин е регулирање на метаболизмот на калциум и фосфати и одржување на соодветна коскена минерална густина, односно заштита од рахитис, остеопенија и остеопороза. Меѓутоа, витаминот Д го штити и кардиоваскуларниот систем, важен е за регулација на гликозата во крвта, влијае на цревната бариера и составот на цревната микрофлора, штити од невролошки и кожни болести, а особено е интересно неговото влијание врз имунитетот. Интересот за додатоци во исхраната препорачани за зајакнување на имунитетот апсолутно експлодира при Ковид-19 пандемијата. Витаминот Д стана препознатлив како моќен заштитник на имунитетот, особено кога станува збор за заштита од вирусни респираторни инфекции. Експерименталните студии покажаа дека активната форма на витамин Д има имунолошки ефекти врз неколку компоненти на вродениот и стекнатиот имунолошки систем. Потврдена е поврзаност помеѓу ниските концентрации на витамин Д во организмот и зголемениот ризик од развој на бројни заразни и автоимуни болести како што се дијабетес тип 1, псоријаза, ревматоиден артритис, туберкулоза, сепса, респираторни инфекции и болеста СОВИД-19. Исто така, недостатокот на витамин Д е поврзан со поголема инциденца на дијабетес тип 2, тој е забележан кај луѓе со покачен крвен притисок и кај разни болести на дигестивниот систем, вклучувајќи целијачна болест, воспалителна болест на цревата и заболување на црниот дроб.
Оптимално дозирање на витамин Д за заштита од респираторни инфекции
Пред ерата на антибиотиците, терапијата за туберкулоза се засновала на изложување на пациентите на сончево зрачење во санаториумите, а истата стратегија била забележана и при пандемискиот грип од 1918-1919 година. Имено, се смета дека зголемената фреквенција на настинки и пневмонија во текот на зимата, меѓу другото, е поврзана и со намалена изложеност на сончева светлина и следствено намалени вредности на витамин Д во крвта. Бројни истражувања недвосмислено докажаа дека континуираната суплементација на витамин Д го намалува ризикот од инфекции на респираторниот систем. Притоа потврдена е супериорноста на дневната администрација на витамин Д во однос на неделното, месечното или кварталното дозирање. Европската управа за безбедност на храната (EFSA) препорачува внесување на минимум 600 и.е. витамин Д дневно за здрави луѓе, а 4000 и.е. дневно се наведуваат како максимално дозволено дневно внесување на витамин Д за здрави луѓе.
Што е ревматоиден артритис и како да ги препознаеме неговите рани симптоми?
Што е ревматоиден артритис?
Ревматоидниот артритис е хронично системско автоимуно воспалително заболување на сврзното ткиво кое првенствено се манифестира со болка, вкочанетост и отекување на зглобовите, а може да има и системски манифестации. Се карактеризира со симетричен полиартритис, обично на малите зглобови на рацете и нозете. Болеста започнува со продромални симптоми во форма на слабост, малаксаност, намален апетит, болни зглобови со чувство на вкочанетост особено наутро. Без третман, постојаното воспаление доведува до оштетување и деформација на зглобната 'рскавица и предизвикува траен инвалидитет.
Процесот започнува во синовиумот, мембраната што го опкружува зглобот, формирајќи заштитна кеса. Оваа кеса е исполнета со течност која го подмачкува зглобот, т.н. синовијална течност. Освен што ги штити зглобовите, оваа течност обезбедува хранливи материи и кислород до 'рскавицата и мазното ткиво кое ги обложува краевите на коските. 'Рскавицата е изградена првенствено од колаген, структурен протеин, кој формира мрежа од влакна и на тој начин ги поддржува зглобовите. Кај ревматоидниот артритис, постојаниот воспалителен процес кој влијае на синовиумот постепено го уништува колагенот, при што се намалува просторот во зглобот и на крајот се уништува самата коска. Болеста е долготрајна со наизменични периоди на ремисија и егзацербација на симптомите. Ревматоидниот артритис предизвикува анемија и влијае на нервите. Пациентите се изложени на ризик од склеритис, воспаление на крвните садови на окото што може да предизвика оштетување на рожницата. Најчесто се заболени луѓе на возраст од 35 до 55 години. Просечниот животен век на мажите со тежок РА е намален за 7 години, а на жените за 4 години. Најчестите обрасци на смрт се васкуларни инциденти поради атеросклероза, малигнитет и инфекции.
Третман на ревматоиден артритис
Ревматоидниот артритис се лекува со лекови и промени во животниот стил. Многу препарати се користат за ублажување на болката и забавување на прогресијата на болеста, но се уште нема соодветна програма за лекување. Целта на повеќето медикаментозни терапии е долгорочно намалување на воспалителниот процес, намалена болка, спречување на оштетувањето на коските и лигаментите на зглобовите и зачувување на подвижноста. Во почетокот обично се користат нестероидни антиинфламаторни лекови (НСАИЛ), кои ја ублажуваат болката со намалување на воспалението. Корисна може да биде и долготрајна употреба на додатоци во исхраната на база на колаген, куркума, глукозамин, ѓумбир, индиски темјан итн. Истите помагаат за здравје на зглобовите, тетивите и лигаментите.
Исхрана кај ревматоиден артритис
Принципите на исхрана кај ревматоидниот артритис се засноваат на здрава, редовна и умерена исхрана. Ова подразбира диета базирана на овошје, зеленчук и житарки од цели зрна, поголем внес на риба и помал внес на месо и замена на мастите од животинско потекло со растителни масти. Ваквиот начин на исхрана ќе помогне да се одржи идеалната телесна маса и да се подобри општата здравствена состојба. Користење на медитеранска исхрана покажа помага за спречување на атеросклероза и кардиоваскуларни заболувања, кон што овие пациенти се исклучително склони. Медитеранската исхрана се базира на маслиново масло, сина риба, горчлив зеленчук и чаша црвено вино со оброк, додека употребата на месо, млеко, сирење и сложени јаглехидрати е умерена. Истата помага за намалување на воспалението, болката, вкочанетоста и чувствителноста на зглобовите. Исхраната без алергени е исто така корисна, а најчестите алергени кои се елиминираат во исхраната се млечни производи, соја, јаткасти плодови, јајца, бело брашно, некои риби и школки поради нивната висока содржина на хистамин, како и сусам и квасец. На болните од артритис им се препорачува да бидат на свеж воздух и на сонце, бидејќи тоа ја забрзува синтезата на витаминот Д, кој е неопходен за правилно функционирање и синтеза на калциум во организмот.
Бета-глукани и имунитет
Што е имунитет, како функционира и зошто доаѓа до пад на нашиот имунитет и се разболуваме?
Имунитет е природна или стекната физиолошка способност на организмот да се брани од штетните надворешни дејства. Имунолошкиот систем е формиран од органи и клетки дистрибуирани низ целото тело, а неговата улога е да го заштити организмот од надворешни напаѓачи (вируси, бактерии, паразити и габи), токсините што ги лачат, но и од сопствените изменети и истрошени клетки. Кога тој систем работи совршено, честопати не знаете дека сте биле под дејство на причинител за инфекција - организмот го уништува причинителот и не дозволува да се развие инфекција. Органите одговорни за производство и активирање на клетките на имунолошкиот систем се: коскената срцевина, тимусот и другите лимфни ткива, како и голем број на основни хранливи елементи како што се витамини (Ц и Д), минерали (цинк и селен) или фитонутриенти. Одредени надворешни фактори го ослабуваат нашиот имунитет и го прават нашиот организам подложен на разболување. Тоа се пред се: исхрана со слаб квалитет, недоволна телесна тежина, несоодветна хигиена, загаден воздух и храна, пушење ( ДА и пасивно!), недоволен престој на отворено, престој во градинка/училиште, слаба физичка активност и преголема примена на електронски уреди.
Што се имуномодулатори и зошто бета-глуканите се имуномодулатори од прв избор?
Супстанциите кои преку нивниот механизам на дејствување го зајакнуваат имунитетот и со тоа ја зголемуваат отпорноста на организмот и неговата ефикасност во одбраната од туѓите штетни влијанија се нарекуваат имуномодулатори. Меѓу најсилните имуномодулатори кои обезбедуваат силен имунитет се вклучуваат бета-глуканите, полисахариди чии молекули се поврзани со бета-гликозидни врски. Бета-глуканите работат на стимулација на формирање на коскената срцевина, а со тоа се активира и производството на леукоцити и тромбоцити одговорни за борба против инфекции. Ги активираат макрофагите, леукоцитни клетки, чија главна задача е ингестија на туѓи клетки во нашето тело. Бета-глуканите индиректно го зголемуваат ослободувањето и засилената активност на ензимите: лизозим, еластаза, колагеназа и ослободувањето на цитокини. Сето ова придонесува за побрз и посилен одговор на организмот кон патогените што е докажано со зголемена отпорност на организмот на инфекции, но и намалување на симптомите и побрзо закрепнување на постојните инфекции. Бета-глуканската активност започнува уште од 24 до 72 часа по земањето, па има смисла да се земаат бета-глукански производи и кога симптомите на болест се веќе присутни, а не само превентивно. Минималните препорачани дози со одредена очекувана ефикасност се 250-500 мг бета-глукан. Бета-глуканот најдобро е да се зема на празен стомак (1/2 час пред или 2 часа после јадење) - тој е отпорен на желудечна киселина. Заради сите гореспоменати дејства бетаглуканите се корисни при бројни здравствени состојби а пред се: алергиски ринитис, афти во устата, настинка, грип и други респираторни инфекции на горниот респираторен систем предизвикани од вируси. Притоа е важно и потеклото на бетаглуканите а како најефикасен се покажал бета-глуканот добиен од квасец.
Алое Вера - корисни дејства!
Зошто екстрактот од алое вера е корисен за нашиот организам?
Екстрактот од лист од алое вера наоѓа медицинска примена уште од антиката. Истиот содржи мноштво корисни активни супстанци а пред се:
- витамини (Б група, Ц и Е);
- минерали (цинк, железо, магнезиум, калиум, натриум, фосфор, бакар, хлор, манган, хром,);
- моно и полисахариди (целулоза, гликоза, маноза, алдонентоза, алиназа, рамноза, ацеманан);
- 7 есенцијални аминокиселини;
- каротеноиди, ензими, растителни стероли, сапонини и др. корисни материи.
Благодарение на својот богат состав екстрактот од алое вера има бројни здравствени придобивки за нашиот организам а пред се: имуномодулаторно, антимикробно/антигабично, антиинфламаторно, антиоксидантно, антитоксично дејство а и значајно го забрзува метаболизмот и помага за подобра апсорпција на хранливите материи, витамини и минерали.
Притоа најдобар ефект се постигнува кога ескстрактот од алое се зема наутро, на празен стомак со чаша вода.
При кои здравствени состојби е корисна долготрајна примена на алое вера?
Со оглед на бројните наведени корисни дејства употребата на алое вера ќе донесе бенефити кај речиси целата возрасна популација. Имајќи го во предвид позитивното дејство на дигестивниот тракт, забрзувањето на метаболизмот, и способноста за детоксикација алое вера е особено корисна за луѓе кои имаат проблеми со стомакот, покачена телесна тежина и/или запек. Алое вера го зајакнува имунитетот поради што е важна за сите луѓе со намален имунитет, акутни инфективни болести или хронични болни. Алоето е прва помош за изгореници, рани, габични инфекции на кожата и устата а помага и при воспаленија на вените.
Дијабетична ретинопатија – најчеста компликација на неконтролиран дијабетес!
Што е дијабетичка ретинопатија и зошто се појавува?
Дијабетична ретинопатија е најчеста компликација на долгорочен и недоволно контролиран дијабетес. Главни ризик фактори за појава на дијабетична ретинопатија се зголемени нивоа на глукоза во крвта, хипертензија, дислипидемија, дебелина, пушење, оксидативен стрес, хомоцистеинемија, недостаток на витамин Д итн. Кај пациентите со недоволно контролиран дијабет прогресивно се развиваат микроангиопатии (промени на малите крвни садови) и атеросклероза. Дијабетичната микроангиопатија ги зафаќа и капиларите на ретината во окото и е главна причина за развој на дијабетична ретинопатија. Најпрвин доаѓа до тн. точкасти крварења и макуларен едем кои се едни од најчестите причини за намалување на видот кај дијабетичарите. Понатаму се случува развој на ретинална неоваскуларизација што подразбира создавање на нови крвни садови со лош квалитет кои прскаат и предизвикуваат крварења во окото. Како последица од овие крварења се создава сврзно ткиво меѓу ретината и стаклестото тело што може да доведе до одлепување на ретината и комплетен губиток на видот. Други можни последици се формирање на непроѕирна мембрана пред макуларната регија или појава на неоваскуларен глауком кој не се подобрува со медикаментозна терапија.
Кои се симптомите на дијабетичка ретинопатија и како го менуваат животот на пациентот?
Како резултат на оштетувањето на мрежницата кое го предизвикува дијабетичната ретинопатија, пациентот почнува да чувствува ненадејни промени во квалитетот на видот и заматување. Во неговото видно поле почнуваат да се појавуваат лебдечки точки и/или флеки а некои слики ги гледа ‘’двојно’’. Болката во окото истотака е очекуван симптом. Ваквиот развој на настаните води до оштетување и/или губење на видот. Заради сето ова е особено важно успешно да се регулира нивото на шеќерот во крвта но и да се користи дополнителна терапија која ја подобрува оксигенацијата на ретината како и витаминска терапија.
Која е улогата на додатоците на исхраната при дијабетична ретинопатија?
Одредени антиоксиданти, витамини и минерали може значајно да го унапредат очното здравје а пред се, лутеин, зеаксантин, рутин, фолна киселина, витамини Б1, Б6 и Б12, цинк и селен. Гореспоменатите активни компоненти имаат антиангиоген ефект – спречувајќи абнормален раст на нови крвни садови, како и ретинопротективен ефект преку зголемување на антиоксидантниот и антиинфламаторниот капацитет на мрежницата. На овој начин овие додатоци во исхраната помагаат за забавување/стопирање на невродегенерацијата, т.е. прогресијата на дијабетична ретинопатија и, можеби уште позначајно, ублажување на визуелната непријатност и подобрување на визуелниот квалитет на живот.
Астма – ризик-фактори, препознатливи симптоми и начини за успешна контрола
Зголемената загаденост на воздухот во зимскиот период е проблем за сите, но особено ја чувствуваат хронично болните. Можеби најзасегнати меѓу нив се астматичарите и болните со ХОББ (хронична опструктивна белодробна болест), кои во овој период уште повеќе се „борат да дојдат до здив“. Освен загадувањето на воздухот, други значајни ризик-фактори за развој и езгацербација на астмата се и пушењето, некои респираторни инфекции, силен стрес и голем број алергени (грини од домашна прашина, животински влакна, лебарки, полен, храна и лекови). Овие фактори во комбинација со генетските предиспозиции на пациентот може да доведат до хронично воспалително заболување, кое се карактеризира со хиперреактивност на бронхите (долниот респираторен тракт) на разни дразби и резултира во бронхоспазам, кој е реверзибилен (спонтано или со користење лекови), а кое го нарекуваме астма!
Пациентите со астма чувствуваат опструкција на протокот на воздух во белите дробови и манифестираат симптоми на кашлање, свирење и стегање во градите, отежнато дишење и недостиг од здив. Со оглед на тоа што астмата во основа има алергиска природа, особено е важно пациентите да избегнуваат контакт со потврдените причинители (алергени) на астматични напади. Во смисла на превенција, особено е важно да ја заштитиме младата популација од прекумерна изложеност на горенаведените ризик-фактори, бидејќи статистичките податоци потврдуваат дека распространетоста на астмата континуирано се зголемува (над 300 милиони болни во целиот свет), а дури 30 проценти од пациентите се деца до 14 години.
Во однос на третманот на астма треба да ги земеме предвид карактеристиките на болеста: присутно воспаление и едем на бронхите од една страна, како и хиперсекреција на слуз и бронхоконстрикција од друга страна, фактори што заеднички водат кон намален проток на воздух во белите дробови. Затоа, основна терапевтска цел при астма е да се намалат воспалението и придружните симптоми (оток, хиперсекреција), што се постигнува со примена на т.н. контролори или основни лекови при астма, а пред сѐ инхалациски кортикостероиди (флутиказон, будесонид) и нивни комбинации со салметерол и формотерол (бронходилататори со долго дејство).
Овие антиинфламаторни лекови се користат секојдневно и треба да постигнат воспоставување и одржување контрола врз болеста. Вториот проблем при астма, бронхоконстрикцијата, се решава со примена на т.н. лекови за брзо олеснување на симптомите (relievers), односно бронходилататори со брзо дејство (салбутамол и/или ипратропиум). Се користат по потреба, при влошување на симптомите. Дејствуваат брзо (по 3-5 мин.), ги шират дишните патишта преку релаксирање на мазните мускули што ги опкружуваат дишните патишта и го олеснуваат дишењето. Дејството не е подолго од 4 до 6 часа и се користат при егзацербации за ублажување на симптомите, пред тешки физички напори или кај пациенти со ХОББ. Со оглед на тоа што астмата е хронична болест, заради одржување соодветен квалитет на живот од особена важност е добра едукација на пациентите и развој на партнерство помеѓу лекарот и пациентот.
Пациентите треба да бидат способни да ја контролираат својата состојба со помош на нивните лекари. Тие треба да знаат како да ги спречат симптомите и егзацербациите, да ја следат нивната состојба и соодветно да реагираат на влошување на астмата, како и да имаат знаења и вештини за употреба на уреди за инхалација. За поуспешна контрола на астмата и постигнување подобра комплијанса на пациентот, современите тераписки насоки сугерираат комбинирана терапија на антиинфламаторен и бронходилататорски лек во еден уред (на пр. флутиказон и салметерол). Притоа уредот за дозирање е многу важен и предност им се дава на т.н. pMDI-уреди (дозен инхалер под притисок) поради поголема сигурност дека активните компоненти ќе стигнат во бронхите.
Зголемената употреба на лекови за олеснување укажува на несоодветна контрола на астмата и бара повторна процена на третманот.
Превенирајте ја појавата на надуеност и гасови
Појавата на надуеност на стомакот и интестинални гасови се едни од највообичаените стомачни тегоби со кои се среќава секој од нас во секојдневниот живот. Овие појави најчесто се бенигни и се предизвикани од голтање воздух или од неправилно варење на храната поради нарушен цревен баланс. Сепак, честата појава на овие проблеми има штетни последици врз нашето функционирање, а може да биде и симптом на посериозни заболувања (пр. гастритис).
Затоа е важно да обрнеме внимание на некои наши животни и прехранбени навики што доведуваат до надуеност и гасови. На пример, пребрзото јадење и пиење (особено со сламка), потоа зборувањето за време на јадењето и честото користење гуми за џвакање честопати води кон голтање многу воздух. Причина за надуеност и тежина во стомакот може да биде и масна, пржена и сува храна храна, бидејќи ѝ треба подолго време за варење, а општо познато е и дека одредени зеленчуци како: грав, грашок, брокула, зелка и карфиол предизвикуваат гасови. Исто така при пиење газирани пијалаци се ослободува јаглерод диоксид што доведува до надуеност.
Други причини се: прекумерно внесување сол што предизвикува задржување на течности во телото, антибиотска терапија или некои инфекции што доведуваат до промени во цревната микрофлора со што се нарушува варењето на храната, силен стрес и прекумерно уживање во цигари, алкохол и кофеински напитоци. Значајна надуеност, гасови и болка во стомакот може да се јават и кај лица што се интолерантни на глутен или на лактоза, а притоа внесуваат на пр. бели печива или млечни производи.
Затоа е важно да се избегнува храната што ни предизвикува гасови, меѓутоа е потребно и придржување до балансирана исхрана, која ќе содржи доволно количества растителни влакна (овошје и зеленчук) со што ќе се забрза метаболизмот. Корисно е да не се брза при оброците и да се избегнува пиење со сламка со што ќе го намалите количеството на проголтаниот воздух.
Од друга страна, треба да се намали внесувањето сол и конзервирана храна за да ја намалите задршката на течности. Важно е да се избегнува користење газирани пијалоци и пиво и да се намали пушењето, кое води до дополнително внесување чад и воздух. Наместо тоа, консумирајте чаеви од нане и од камилица. Камилицата содржи многу терпеноиди и флавоноиди, кои придонесуваат за нејзините лековити својства.
Камилицата е позната по своите релаксирачки и смирувачки дејства со што ги ублажува болките во стомакот, ги олеснува симптомите на синдром на нервозни црева и во комбинација со нане, помага во варење на храната. Позната по благото дејство, камилицата може да се примени и кај деца против грчеви во стомакот. Нането содржи полифеноли, флавоноиди и тритерпенски киселини, кои помагаат во смирување на воспалителните процеси во организмот. Особено поволно влијае на дигестивниот систем и ги отстранува тегобите во стомакот, ги смирува грчевите во желудникот и цревата, и ги намалува мачнината и подуеноста во стомакот. Комбинацијата од камилица и нане доведува до поголемо олеснување во дигестивниот тракт.
Но доколку на оваа комбинација се додадaт и пробиотици можеме значајно да подобриме повеќе дигестивни проблеми. Со нивно тројно комбинирање се создава совршен баланс меѓу метаболизмот и варењето на храната, како и зголемување на имунолошката отпорност на организмот. Затоа редовно користете пробиотици. Пробиотиците ја стабилизираат цревната микрофлора и помагаат за добро варење на храната и за комплетно искористување на хранливите состојки од организмот. На крајот, неопходно е да најдеме време за соодветна физичка активност, бидејќи движењето ја забрзува перисталтиката на цревата.
Цинк – есенцијален минерал со многу витални улоги во нашето тело
Во последните години минералот цинк е доста актуелен во голем број фармацевтски и прехранбени производи. Имајќи го предвид фактот дека во нашата почва има недостиг од овој минерал со многу витални улоги во нашето тело, сметам дека вреди да се обрне внимание на бенефициите од неговото редовно внесување. Цинкот припаѓа на групата есенцијални минерали што нашето тело не ги произведува и затоа треба да се внесува преку балансирана исхрана или со додатоци во исхраната. Цинкот е вклучен во голем број физиолошки процеси во човечкото тело, одговорен е за активноста на околу 300 различни ензими, придонесува за нормална функција на имунолошкиот систем, учествува во синтезата на протеините и генетскиот материјал (ДНК), заздравувањето на раните и делбата на клетките. Стимулира нормален раст и развој за време на бременоста, детството и адолесценцијата, а исто така е потребен за одржување на нормално чувство за вкус и мирис.
Цинкот е важен за сите системи на телото каде што клетките се делат брзо, како што се имуниот и репродуктивниот систем, како и кожата, косата и ноктите. Континуираната употреба на цинк доведува до засилување на имунитетот, заштита на клетките од оксидативен стрес, заздравување на раните, одржување на нормално ниво на тестостерон во крвта, подобрување на когнитивните функции, регулирање на нормалното ниво на шеќер во крвта, намалување на ризикот од срцеви заболувања, помага во борбата против акните итн.
Од друга страна, силниот недостиг од цинк ја намалува имунолошката функција на организмот бидејќи цинкот е одговорен за активирање на Т-лимфоцитите, еден вид бели крвни клетки одговорни за контролирање и регулирање на имунолошкиот одговор и отстранување (убивање) на заразените и канцерогените клетки.
Други вообичаени знаци на недостиг од цинк вклучуваат губење на апетитот, бавно зацелување на раните, сува и испукана кожа, дерматитис и други проблеми со кожата како што се акни, кршливи нокти, опаѓање на косата, намален вкус и мирис, необјаснето слабеење, дијареја, хроничен замор, слабост на мускулите, импотенција, па дури и депресија. Еден од очигледните знаци на недостиг од цинк се неправилни бели дамки на ноктите. Недостигот од цинк може да доведе до ниско ниво на тестостерон и следствено на тоа да се намали машката плодност. Покрај нискиот тестостерон, недостигот од цинк негативно влијае на производството и подвижноста на спермата и се препорачува при третман на неплодност кај мажите.
Недостигот од цинк може сериозно да ја наруши функцијата на имунолошкиот систем. Затоа цинкот често се користи во третманот на обичната настинка, бидејќи се покажа дека ги намалува интензитетот и времетраењето на инфекцијата. Цинкот дејствува и како антиоксиданс што ги штити клетките од оксидативен стрес. Оксидативниот стрес е состојба на преоптоварување на телото со слободни радикали, кои доведуваат до оштетување на клетките, забрзано стареење и до хронични воспаленија што се во заднината на многу хронични и малигни заболувања.
Придобивката од цинк е тоа што ги намалува оксидативниот стрес и воспалението дејствувајќи антиинфламаторно со намалување на нивото на одредени воспалителни протеини.
Интересно е што некои хронични заболувања, како што се кардиоваскуларните заболувања и дијабетес тип 2, се поврзани токму со недостиг од цинк. Треба да се истакне дека недостигот од цинк е особено присутен кај постарите лица, кои најчесто ги манифестираат овие заболувања. Поради својата важна улога во синтезата на колагенот, цинкот се користи за забрзување на заздравувањето на раните, особено изгорениците, одредени чиреви и за лекување на некои вообичаени состојби како што се акните. Топикално аплицирани, креми со цинк се користат за лекување исип од пелени и други иритации на кожата. Цинкот е неопходен за создавање и ослободување на мелатонин, неврохормон неопходен за полесно заспивање и квалитетен сон. Консумирањето цинк и магнезиум пред спиење има позитивен ефект врз квалитетот на спиењето и се препорачува за луѓе што страдаат од несоница.
Цинкот се наоѓа природно во многу видови храна како што се школки, црн дроб, семки од тиква, семе од сусам и сончоглед, говедско месо, мисиркино месо, јајца, грашок, леќа, леблебија, грав, соја, бадеми, овес, кикирики, ореви, сирење итн.
Сепак, недостиг од цинк е забележан најчесто кај деца, адолесценти, бремени жени и доилки, стари лица, вегетаријанци и вегани, хронични алкохоличари, неисхранети луѓе и пациенти со воспалителни заболувања на цревата, како што се Кронова болест и улцеративен колитис. Како и со другите хранливи материи, се препорачуваат природни извори на цинк, но при одредени здравствени услови, неопходна е употреба на додатоци во исхраната што содржат цинк. При тоа првенствено се мисли на недостиг на овој минерал, ослабен имунитет или закрепнување од повреда, ограничувања во исхраната (алергии, интолеранција на храна, вегетаријанска исхрана), лоши навики во исхраната и услови на зголемена потреба од одредени елементи како што се бременост и доење. Цинкот е најефикасен ако се зема најмалку еден час пред или два часа по оброкот.
Меѓутоа, во случај на стомачни тегоби, треба да се зема со оброк. Најдобро е да се зема со вода, а никогаш со млеко или со кафе. Производите што содржат калциум, железо или кофеин можат да ја намалат апсорпцијата на овој минерал. Количеството на дополнително внесен цинк зависи од потребите на организмот (одредени заболувања, бременост, доење), возраста и полот. Препорачаната дневна доза цинк за возрасна популација е 10-15 мг.
Витаминска поддршка за здрава коса, кожа и нокти
Кожата ја покрива целата површина на телото и е најголемиот орган на нашето тело. Кожата, но и кожните израстоци: косата и ноктите ја претставуваат првата бариера на телото за надворешниот свет, ги штитат внатрешниот органи и ни овозможуваат сетилно осознавање на светот околу нас и затоа е важно да се грижите за нив на вистински начин. Ова првенствено може да се постигне со дневна нега и внес на храна што е богата со нивните градбени елементи, како што се витамини од Б-групата, витамините А, Е и Ц, бакар, железо и цинк. На овој начин се зголемува производството на колаген, еластин и кератин, се поддржуваат виталните функции на кожата и овозможуваме заштита од штетните ефекти на слободните радикали. Косата ќе биде подебела, поздрава и посјајна, а ноктите поцврсти. Популарниот Б-комплекс е група од 8 витамини растворливи во вода, кои учествуваат во снабдувањето со енергија на организмот и се неопходни за метаболизмот на протеините и мастите.
Витамините од Б-групата најчесто се поврзани со корисен ефект врз: нервниот систем, заморот и исцрпеноста, но и проблемите со косата, кожата и ноктите. Б-витамините се достапни во голем број прехранбени продукти, како што се: месо, риба, јајца, млечни производи, спанаќ, грав, интегрални жита итн. Сепак, важно е да се напомене дека витамините од Б-комплексот се растворливи во вода, што значи дека тие не се складираат во организмот и затоа треба да се земаат секојдневно. Иако се наоѓаат во најразлична храна, Б-витамините лесно можат да се уништат за време на транспортот, складирањето и приготвувањето храна, и затоа голем дел од преработената храна не содржи доволни количества Б-витамини поради што треба да се внесат со употреба на најразлични додатоци во исхраната. Најважни од нив се додатоци во исхраната што содржат биотин (витамин Б7) – клучен витамин за здравјето на кожата, косата и ноктите, кој е вклучен во биосинтезата на масни киселини, производство на енергија и синтеза на некои аминокиселини. Биотинот е ценет поради учеството во формирањето на кератин, главниот градежен елемент на косата.
Луѓето што консумираат само белка од јајце или користат антибиотици долго време, се изложени на ризик од појава на недостиг од биотин. Има научни докази дека недостиг од биотин доведува до истенчување и опаѓање на косата, првутење на кожата и пукање на ноктите. Други типични симптоми на недостиг од биотин во организмот се: дерматитис, исип, акни, псоријаза, чешање на кожата, како и депресија, анемија, гадење. Добри природни извори на биотин се: месо, жолчка од јајце, соја, печурки, банани, кикиритки, овес, пивски квасец и др. Други важни витамини за кожата, косата и ноктите се витамините А, Ц и Е. Витаминот А е одличен во борбата против акните, ги намалува малите брчки и го блокира дејството на слободните радикали. Овој витамин е антиоксиданс, кој е особено добар за луѓето со сува коса. Исхраната слаба со витамин А придонесува за кршливи и суви нокти и затоа соодветна исхрана е неопходна и за здравјето на ноктите.
Ако на вашето тело му треба повеќе витамин А, јадете: јајца, диња, спанаќ, моркови, сладок компир, интегрални жита итн. Витаминот Ц е од суштинско значење за производство на колаген, протеин што дава форма и сила на многу ткива, особено ноктите, коса и заби. Недостигот од витамин Ц во исхраната може да предизвика кршливи нокти и нивен забавен раст. Витаминот Ц е исто така важен за здрава и убава боја на ноктите. Покрај здравјето на ноктите, витаминот Ц е исто така многу важен за здравјето на косата бидејќи го намалува рацепувањето на косата и ја одржува густата и силна коса. Цитрусните овошја (портокал, лимон), како што е познато, се богати со витамин Ц, но богати со витамин Ц исто така се и: доматите, компирите, јагодите итн.
Витаминот Е е моќен антиоксиданс, кој ефикасно ја штити кожата од штетните ефекти на УВ-зраците. Неговиот недостиг може да доведе до побавно заздравување на раните. Затоа исхраната богата со витамин Е е важна за здрава и убава кожа и поуспешна регенерација на оштетената кожа. Витаминот Е може да придонесе за: стимулирање на циркулацијата на скалпот, нормализирање на пе-ха на кожата на скалпот, производство на себум и исхрана на фоликулите на косата. Витаминот Е се наоѓа во: оревите, лиснатиот зеленчук, сончогледовото масло и во лененото семе.
Клучни витамини и минерали за време на бременост и доење!
Бременоста е период во кој прехранбените потреби на женскиот организам значајно се променети и е неопходно да се приспособат на растот и развојот на фетусот. Имајќи предвид дека многу студии потврдуваат дека недоволна и неквалитетна исхрана на мајката во текот на гравидитетот доведува до пониска телесна тежина на бебето за 400-600 грама, многу е важно идните мајки да бидат добро информирани и да се придржуваат кон лекарските совети. Недостигот од некои витамини и минерали во исхраната може да доведе и до појава на сериозни последици во развојот на плодот, т.н. конгенитални малформации на поединечни органи и системи. Затоа во овој период особено е важна правилната и балансирана исхрана, но и правилната и навремена суплементација со одредени витамини и минерали.
Причина за ова е консензусот меѓу здравствените работници дека со вообичаена исхрана не можеме да го гарантираме внесот на клучните витамини и минерали во количествата потребни за специфичниот период на бременост и доење. Затоа во текот на бременоста и доењето дополнително треба да се внесуваат: фолна киселина, железо, витамин Ц, омега3 масни киселини, магнезиум, цинк, калциум, витамин Д и други. Фолната киселина треба да се зема уште во периодот на планирање на бременоста, бидејќи е важнa за соодветна подготовка на телото на жените за зачнување, но и за правилен раст и развој на фетусот. Претставува главен фактор во синтезата на ДНК и учествува во изградба на сите нови клетки, вклучувајќи ги и клетките на ембрионот и фетусот. Недостигот од фолна киселина во периодот на органогенеза може да предизвика дефекти на неуралната туба (пр. спина бифида).
Препорачаната дневна доза е 400 ug фолна киселина, а бремените жени и жените што планираат бременост треба да ја внесуваат во т.н. активен облик (5-метилтетрахидрофолат), бидејќи во спротивно, честопати, телото не може да ја користи. Железото е составен дел на хемоглобинот и овозможува нормално создавање и функционирање на еритроцитите, како и пренесување на доволно количество кислород во ткивата на фетусот.
Последица од недоволен внес на железо, кај мајката, е анемија, која се манифестира со замор, истоштеност, површно дишење, тахикардија, аритмија, проблеми со концентрацијата и когнитивните способности.
Во однос на плодот последиците од недостиг од железо можат да бидат предвремено породување или раѓање новороденче со мала телесна тежина. Со оглед на неговиот непријатен вкус, особено е важно железото да биде во обложена (микроенкапсулирана) форма, која не остава метален вкус во устата, не предизвикува гадење и не предизвикува т.н. црна столица. За соодветна апсорпција на железо е неопходно да се консумира заедно со витамин Ц, кој создава потребна кисела средина.
Освен тоа, витаминот Ц е познат антиоксиданс и имуномодулатор и е важен за здравјето на кожата, која честопати претрпува непријатни промени во текот на бременоста. Магнезиумот е значаен минерал што ја стабилизира молекулата на ATP, која е основа за создавање хемиска енергија во клетките. Поради тоа учествува во активирање на околу триста ензими, а недостигот од магнезиум се манифестира како слабост, грчеви во мускулите, занесеност, зголемена подложност на стрес и проблеми со спиењето. Дневните потреби на трудниците се 300-400 мг магнезиум. Цинкот од своја страна е клучен за имунитетот и исто така придонесува во нормалната синтеза на ДНК. Дневен препорачан внес за цинк е 10 мг на ден. Калциумот кај бремените жени е клучен за развој на коскеното ткиво на плодот и за зачувување на мајчините коски од мобилизација на калциумот од нив.
Витаминот Д помага за вградување на калциумот во коските и треба да се суплементира во доза од 400 ие на ден, особено доколку бременоста се одвива во текот на есенско-зимскиот период (октомври – април), бидејќи синтезата на витаминот Д во голема мера зависи од сонцето. Суплементацијата со горенаведените витамини и минерали треба да продолжи и во периодот на доење бидејќи, особено во првите 6 месеци, мајчиното млеко е најважниот извор на овие многу важни елементи за здравјето на новороденчето.
И на крајот, но не и помалку важно, бремените жени треба редовно да го посетуваат својот матичниот гинеколог и навремено да ги вршат предвидените тестови. Тоа е најсигурниот пат до безбедна бременост и здраво потомство.
Неколку мита за здравата исхрана
Во морето различни информации во современиот свет, честопати обичниот човек се наоѓа на кртстопат каков избор на храна да направи за себе и за семејството, за да постигне оптимално здравје. Иако има различни гледишта и „програми“ за здрава исхрана, а и различните временски периоди ги следат соодветни трендови во здравиот животен стил, сепак она што преовладува како доктрина во денешниот моментум се секако: умереност, индивидуализиран пристап и балансиран внес на клучните нутриенти. И покрај ова, луѓето, во основ,а сакаат да генерализираат и да градат митови за некои клучни тези поврзани со здравата исхрана и добриот физички изглед, па затоа решив денеска да дискутираме за неколку такви „вообичаени“ тврдења.
Здравата храна е скапа!?
Голем дел од популацијата на прва ја одбива идејата за редовен внес на здрава храна, со оправдување дека е прескапа или недоволно заситува (овошје и зеленчук). Можеби навистина органската храна е поскапа од конвенционалната, но, сепак, постои голем избор на здрава храна што не е скапа. На пример гравот, грашокот, леќата, јајцата се пример за здрави намирници што содржат многу протеини по прифатлива цена. Сезонското овошје и зеленчук исто така се клучни продукти за внес на минерали и витамини, а кај нас се навистина достапни за секого. Интегралните житарки настрана што се многу покорисни за нашето здравје, туку и заситуваат многу повеќе од белите печива. Не треба да заборавиме и дека инвестицијата во здрава храна денес е финансиска заштеда за утре, преку подобрено здравје и намален ризик од развој на голем број болести. Здравата храна сигурно не е нешто на кое се исплати да се штеди!
Јадењето масти е нездраво и дебелее!?
Оваа теза потекнува од поврзаноста помеѓу внесот на животински масти и покачениот холестерол и срцеви заболувања, но сепак не треба да заборавиме дека мастите се клучен елемент во градбата на нашето тело и никако не смеат да се изостават од исхраната. Освен тоа, преку нив ги внесуваме во организмот витамините растворливи во масти (А, Д, Е, К), кои се клучни за голем број метаболички процеси во нашиот организам. Сепак, покрај умереноста во количествениот внес, важен е и видот – заситените масти се поврзани со повеќе ризици од разни заболувања во споредба со незаситените. Затоа треба да се избегнуваат пржената храна и масните меса, сончогледовото масло да се замени со маслиново, а нездравите комерцијални „грицки“ со сурови или печени јаткасти плодови (бадеми, лешници, ореви). На овој начин ќе внесеме доволни количества здрави масти во организмот.
Вегетаријанската храна е поздрава!?
Иако производите од т.н. црвено месо и месните преработки се поврзуваат со голем број здравствени ризици (кардиоваскуларни болести, канцерогеност итн.), целосното елиминирање на животинските продукти од исхраната не гарантира подобро здравје, а носи и значајни здравствени ризици. Невнесувањето храна од животинско потекло е пред сѐ ризик за дефицит на витамините Б12 и Д3 (холекалциферол), кои практично ги има само во животинска исхрана! Витаминот Б12 има клучна улога во нормалното функционирање на мозокот и нервниот систем и формирањето на црвените крвни клетки. Недостигот од витаминот Б12 може да доведе до анемија, проблеми со помнењето и концентрацијата, нервоза, депресија, замор, проблеми со кожата (бледа и жолтеникава) и со косата, болки во мускулите, вкочанетост или трпнење на рацете и на нозете и слично. Витаминот Д3 помага при апсорпцијата на калциумот и ги поттикнува растот и здравјето на коските и на забите. Важен е и за правилниот развој на клетките, имунитетот и за намалување на воспаленијата. Масните риби, како што се лососот и бакаларот, содржат најголема концентрација, но витаминот Д најчесто се внесува преку млечни производи и интегрални житарки во кои е додаден. Затоа во случај на долготрајна вегетаријанска/веганска исхрана, задолжително користете додатоци во исхраната што содржат витамин Д3 и витамин Б12.
Намален број на оброци ќе ви помогне да ослабите!?
Можеби изгледа математички прецизно дека помалку оброци значат помалку калории, а помалку калории ќе доведат до слабеење, но сепак ефектот често е обратен. Прескокнувањето на оброците, особено на појадокот, го забавува метаболизмот. Освен тоа, нема никаква смисла да се намали бројот на оброци, а потоа да се прејадуваме во единствениот оброк во денот и така да акумулираме масти што организмот не може да ги потроши веднаш. За да слабеете, не прескокнувајте ги оброците, туку направете ги помали, и тоа најдобро 4-5 дневно.
Сите калории се исти и за да ослабиме, треба само да го намалиме бројот на калории т.е. да спроведеме строга диета!?
Да, навистина треба да внесуваме помалку калории отколку што трошиме во текот на еден ден за да ослабиме. Сепак, тука има многу други фактори, при што клучни се изборот на храна и балансираниот пристап. На пример процесираната храна, или популарните производи „без шеќер“ може да бидат полоши за здравјето, иако се нискокалорични, во споредба со вообичаените оброци. Исто така додека сте на строга диета, телото се навикнува да работи со помалку внесени калории и метаболизмот забавува. Поради ова честопати се случува луѓето да ја постигнат целта со диетата, но потоа, кога ќе се вратат на вообичаена исхрана, повторно многу брзо да се здебелат. Да не зборуваме дека некомплетниот внес на потребни минерали и витамини при гладувањето може да доведе до анемија, хроничен замор, вртоглавици, несвестици и депресија. Штетни последици може да претрпат и нашите кожа, коса и нокти. Затоа е важно да се внесуваат сите клучни нутриенти (протеини, јаглехидрати, масти, витамини, минерали), а дополнително да се забрзува метаболизмот со: засилена физичка активност, зголемен внес на вода, дополнителен внес на пробиотици, Б-витамини, јаболков оцет итн.
Спречување опасни компликации од дијабетес!
Само мал поглед на статистиката, која вели дека повеќе од 120.000 луѓе во Македонија боледуваат од дијабетес, јасно покажува дека недоволно знаеме и правиме за превенција на оваа подмолна болест. Шеќерна болест или т.н. дијабетес мелитус е метаболно нарушување што се карактеризира со хипергликемија (покачени вредности на шеќер во крвта), кој се јавува поради недостиг или намалена секреција на инсулин, негово намалено дејство (резистенција) или поради двете причини. Дијагнозата за дијабетес е потврдена доколку концентрација на глукоза во плазма на гладно е поголема од 7,0 ммол/л. Сепак, за да бидеме сигурни, во случај на позитивен тест се препорачува крвната слика да се повтори, по можност во друга лабораторија. Во 10 отсто од случаите зборуваме за дијабетес тип 1, каде што поради автоимуна деструкција на панкреасните клетки организмот не може да произведува инсулин – хормон што е клучен за регулација на нивото на гликоза во крвта.
Пациентите со дијабетес тип 1 мора да примаат инсулин како основна терапија. Мнозинството од 90 проценти од сите дијабетичари имаат т.н. дијабетес тип 2, кој е инсулин-независен, и кој се јавува поради постоење инсулинска резистенција. Во голем број случаи настанувањето на дијабетесот тип 2 е индуцирано од нашиот несоодветен животен стил, поради што ќе обрнам повеќе внимание на овие пациенти. Најризични се пациенти над 45 години, со покачена телесна тежина (БМИ>27), слабо физички активни, пушачи и пациенти што имаат редовна и зголемена консумација на алкохол и масна храна. Пациентите со дијабетес тип 2 честопати може да немаат симптоми подолг временски период, а доколку состојбата не се третира соодветно кај пациентите се појавуваат: жед, зачестено мокрење, сува иритирана кожа придружена со зголемен број кожни и габични инфекции, глад и слабост, заматен поглед, замор и зголемена потреба за спиење.
Во однос на штетите во организмот, дијабетесот тип 2 повеќе е артериска болест отколку болест на гликозниот метаболизам и треба да се сфати многу сериозно. Хроничната хипергликемија предизвикува оштетувања на повеќе органи, особено на очите, црниот дроб, периферниот нервен систем и кардиоваскуларниот систем и затоа е важно соодветно да се контролира. Притоа активното учество на пациентот во терапијата е особено важно за позитивен исход и задржување на квалитетот на животот.
Главни цели во третманот се да се превенираат развојот и влошувањето на васкуларните компликации. Стратегијата на третманот треба да е насочена во коригирање на хипергликемијата, хипертензијата, дислипидемијата и на зголемената коагулабилност. Пациентите треба се едуцираат за соодветна исхрана, намалување на телесната тежина (кај пациенти со прекумерна тежина), прекин на пушењето и консумација алкохол, како и воведување редовен режим на вежбање и физичка активност (најмалку 3 пати неделно по 30 минути). Здравиот режим на исхрана подразбира оброците да се базирани на храна богата со растителни влакна (интегрален леб, овошје со низок гликемиски индекс, зеленчук и мешункасти плодови). Масти и масла треба умерено да се консумираат, а да се избегнуваат заситени масти (пржена храна, сувомесни производи, масно месо, чипс), како и артикли во кои е додаден шеќер (бонбони, газирани пијалаци, чоколади, торти, бисквити). Дополнително пациентот треба да врши секојдневна самоконтрола на шеќерот во крвта, со намера количеството глукоза во крвта да се одржува во нормални граници: 4-7 ммол/л.
Редовните лекарски контроли на дијабетичарите подразбираат и: мерење на крвниот притисок (одржување во граници до 130/85 ммХГ), мерење на телесната тежина (целта е одржување на БМИ<25), проверка на стапалата на секои 6 месеци (ризик од дијабетичко стапало), контрола на крвта на фактор HbA1C на секои 6-12 месеци (целта е одржување на HbA1C<7 отсто), проверка на холестерол (цел за ЛДЛ<3) и триглицериди (целна вредност за ТГ<2) на секои 12 месеци, проверка на бубрежна функција на секои 12 месеци (серумски креатинин, уринарна албуминска секреција) и проверка на видот на секои 12-24 месеци.
Во случај на неуспех на овие хигиенодиететски мерки во период од 6 месеци (кај 50-70 проценти од пациентите) во терапијата се вклучува еден т.н. орален антидијабетик (метформин, сулфонилуреа, глитазони или репаглинид). Зависно од успехот на терапијата понатаму може да се додаде уште 1 антидијабетик од друг тип (пр. комбинација метформин+репаглинид), а во подоцнежна фаза и инсулин еднаш дневно (пред спиење). Еднаш пропишан инсулински третман не мора да е неопходен постојано, и тој може да биде прекинат, како и оралните лекови, ако едукацијата за начин на живот се покаже успешна. При терапијата со орални антидијабетици треба особено да се внимава на ризикот од т.н. хипогликемија – пад на концентрацијата на глукоза во крвта под 4 ммол/л. Хипогликемиските пациенти имаат симптоми на: треперење, потење, бледило, глад, замор, губење сила, вртоглавица, замаглен вид, сонливост, тетеравење и несвестица. Затоа дијабетичарите секогаш со себе треба да имаат шеќерни коцки, мед, или газиран или овошен сок, кои треба да се внесат за да дојде до стабилизација на пациентот.
Препознавање и самопомош при менопаузални тегоби!
Менопаузата е неизбежен период од животот на секоја жена (обично по 45-та година), коj го означува завршувањето на нејзината репродуктивна способност. Менопаузата е потврдена кога една жена 12 последователни месеци е без менструални крвавења, што е последица на недостиг од естрогени, при што јајниците повеќе не овулираат. Менопаузата е неизбежна, сосема природна, физиолошка појава, која носи значајни промени во животот и однесувањето на жената. Поради престанокот на функцијата на јајниците доаѓа до појава на голем број карактеристични менопаузни тешкотии и други придружни болести, чија симптоматологија често е испреплетена со проблемите што ги носи менопаузата.
Препознатливи симптоми на менопаузата се: топли бранови и напади на црвенило на лицето и вратот, зголемено потење, срцебиење, главоболка, нагли промени на расположението (апатија, раздразливост, анксиозност, плачливост, депресија), несоница и намалена сексуална желба.
Притоа, не секоја жена ги искусува сите симптоми и тие може да бидат со различен интензитет. Покрај овие, несомнено, непријатни симптоми, отсуството на естрогени хормони во подоцнежниот период од животот (т.н. постменопауза) може да доведе и до позначајни нарушувања на здравјето, како што се: покачен холестерол и крвен притисок, остеопороза, сувост на кожата и мукозните мембрани, вагинални инфекции, слабеење на мозочната функција, уринарна инконтиненција, зголемен ризик од рак на дојка итн.
Поради сето ова, значајно е да се направат одредени промени во животниот стил кај жените во менопауза, кои првобитно ќе вклучат: зголемена физичка активност и престанок на пушење, како и урамнотежена исхрана, која подразбира намален внес на заситени масти и шеќери поради зголемениот ризик од кардиоваскуларни проблеми.
Дополнително е корисно во секојдневната исхрана да вклучат одредени додатоци во исхраната што ги намалуваат тегобите во менопауза. Една од варијантите е примена на т.н. цимицифуга, растителен екстракт што се врзува за естрогенските рецептори и ги модулира, со што ги намалува интензитетот и зачестеноста на топлите бранови, прекумерното потење и срцебиењето.
За истата намена се користат и екстракти од црвена детелина, ленено семе и ангелика, додека, пак, за намалување на симптомите на немир, раздразливост и несоница се користат комбинации од Б-витамини, магнезиум, валеријана, маточина и мелатонин.
Никако не смее да се занемари значајно зголемениот ризик од остеопороза, поради што треба да се зголеми внесот на калциум и витамин Д, како и редовно да се контролира густината на коските. Редовната посета на гинеколог не смее да изостане во периодот на менопауза, а раниот скрининг на дојка е клучен за брзо препознавање и навремено третирање на евентуален канцер на дојка.
Што треба да содржи вашата домашна аптека во пролетниот период!
Иако лекарите и фармацевтите вообичаено не препорачуваат во домот да правите големи резерви од лекови, сепак домашната аптека мора да постои како прва помош при одредени состојби што се јавуваат често. Вообичаено, во текот на целата година треба да имаме при рака средства за симптоматски третман, а пред сѐ: лекови за намалување на телесната температура (антипиретици), лекови за намалување болка (аналгетици), препарати за намалување на дигестивните нарушувања – дијареја, констипација, надуеност, гадење (пробиотици, лаксативи, ОРС итн.), како и средства за прва помош (гази, завои, фластери, средства за дезинфекција на рани итн.). Сепак во зависност од сезоната, домашната аптека треба да се проверува и приспособува редовно за да бидат пресретнати најчестите здравствени ризици и да можеме брзо да си помогнеме во случај на несакан здравствен проблем.
Кои се најчестите здравствени проблеми во пролетниот период?
l Ослабен имунитет по долгиот период на живот во затворен простор (корона-криза) и недостиг од квалитетно сезонско овошје и зеленчук во зимскиот период.
l Процесот на цветање на растенијата и присутните полени значајно ги зголемуваат алергиските манифестации, а пред сѐ т.н. алергиски ринитис.
l Убоди од разни инсекти (комарци, оси, пчели, крлежи), кои резултираат со болка, црвенило, чешање, а понекогаш се проследени и со сериозни алергиски реакции.
l Променливото и нестабилно време, проследено со чести промени на воздушниот притисок и појава на сезонски алергени, значајно го интензивира проблемот со вртоглавици кај голем број пациенти.
l Зголемена телесна тежина и покачени нивоа на холестерол и триглицериди како резултат на тешката зимска храна и претежно седечкиот начин на живот.
l Ризик од сончево зрачење со висок УВ-индекс, кој може да предизвика изгореници на кожата, алергии, сончаница, дехидрација.
l Повреди на зглобови, фрактури, гребаници, исеченици, поврзани со зголемена физичка активност на отворено.
Што треба да содржи вашата домашна аптека во пролетниот период? Поради гореспоменатите ризици, добро е да ја приспособиме нашата домашна аптека и да ја дополниме со:
l Препарати за подобрување на имунолошкиот систем на база на бетаглукани, пробиотици, витамини Ц и Д и цинк. Витаминот Ц треба да се внесува во количество од 200 мг на ден, бидејќи го стимулира зголемувањето на бројот на неутрофили, моноцити и т-лимфоцити при имунолошките реакции. Витаминот Д треба да се внесува во количество од минимум 400 и.е. поради неговото антиинфламаторно дејство и влијанието врз растот и диференцирањето на имуномодулаторните клетки, со што превенира од инфекции и алергии.
Цинкот во количество од 10 мг на ден е клучен за диференцијација на Б и Т-лимфоцитите и ги поттикнува леукоцитите да одат на местото на инфекцијата. Бетаглуканите се силни стимулатори на имуниот одговор кога се внесуваат во количество повисоко од 500 мг на ден. Горенаведените компоненти треба да ги користиме правилно и доволно долго. Тоа подразбира користење имуностимулатори барем три месеци во континуитет.
l Лекови за алергиски реакции (антихистаминици) корисни при алергии и убоди од инсекти. Антихистаминиците (на пример, лоратадин, цетиризин, фексофенадин итн.) помагаат за намалување на симптомите на преосетливост, како: течење на носот, кивање и чешање на носот и на очите.
l Додатоци во исхраната на база на гинко билоба, ДХА-омега 3 масни киселини и Б-витамини, кои ја подобруваат периферната и централната циркулација и ја нормализираат вискозноста на крвта. Со своето вазодилататорно дејство тие помагаат за намалување на проблемите со вртоглавици.
l Препарати на база на пробиотици и јаболков оцет, кои го забрзуваат движењето на храната низ цревата, го стабилизираат метаболизмот и го олеснуваат варењето на храната. На овие начини, при долготрајна примена, пробиотиците и јаболковиот оцет помагаат за здраво и трајно намалување на тежината кај човекот.
l Прва помош за проблеми со изложеност на сонце: кремови за заштита од сонце, кремови за по сончање и кремови против изгореници од сонце. Нанесувајте крем 30 минути пред изложување на сонце и секогаш кога сметате дека е отстранета од вашето тело.
l Прва помош при повреди: средства против болки (аналгетици), кремови за ублажување спортски повреди, водоотпорни фластери, гази, завои и средства за дезинфекција на рани.
Лековите треба да се чуваат на темно и суво место, по можност во оригиналното пакување и подалеку од дофат на деца. Освен тоа, домашната аптека бара редовна проверка на рокот на траење на производите. Лековите со поминат рок можат да имаат намалено, па дури и токсично дејство, поради што е важно да не се користат и редовно да се отстрануваат препаратите со поминат рок. Доколку се соочите со подлабоки рани или повреди, или, пак, со акутни здравствени проблеми (на пример дијареа, температура или повраќање) што перзистираат повеќе од 2-3 дена, побарајте стручна помош.
Уринарна инконтиненција
Уринарната инконтиненција е неспособност да се задржи урината во мочниот меур поради намалена или изгубена контрола врз урнарниот сфинктер. Се карактеризира со неочекуван нагон за итно мокрење (често не може да се стигне навреме до тоалет), зачестено мокрење (повеќе од 8 пати на ден) и ноќно мокрење (2 или повеќепати), а во некои случаи и неможност за целосно празнење на мочниот меур што води до преполнување односно доистекување на урината. Кај дел од пациентите со т.н. стрес-инконтиненција, подмочувањето се се јавува при кашлање, кивање, трчање, дигање тешки предмети, брза промена на положбата на телото (на пример при брзо станување) или при други физички активности. Сѐ ова јасно укажува на значајните животни ограничувања што ги искусуваат пациентите со уринарна инконтиненција. Тука спаѓаат физичките ограничувања (проблеми при движење и извршување на обврските, нарушување на сонот, а со тоа и замор, отежната концентрација, нарушена исхрана), психолошки ограничувања (депресија, чувство на вина, страв од мислењето на околината и недостиг од самодоверба) и на крајот социјални ограничувања (избегнување друштво, избегнување патувања, избегнување сексуални односи и потреба од постојана достапност на тоалет).
Статистиката вели дека околу 17 проценти од европската популација над 40 години е инконтинентна, а по 65-та година оваа бројка се искачува и до 60 отсто, при што жените се позасегнати од мажите. Притоа под поголем ризик од појава на уринарна инконтиненција се пациенти со: прекумерна телесна тежина, уринарни инфекции, менопауза (жени обично над 45 години), како и постари лица, каде што мускулот стегач станал некомпетентен за задржување на урината.
Дополнително, уринарна инконтиненција се јавува и при долготрајна прекумерна употреба на алкохол и кофеински напитоци, користење некои лекови (антихипертензиви, седативи, мускулни релаксанти, високи дози витамини Б и Ц), како и кај пациенти со хронични и други заболувања: зголемена простата (БХП – кај мажи) или карцином на простата, невролошки нарушувања (Паркинсонова болест, Алцхајмерова болест, полинеуропатии, вертебрална траума и др.) жени со тешки породувања и акушерски интервенции, пациенти по тешки операции во малата карлица, дијабетес, артериска хипертензија, хронична бубрежна инсуфициенција по зрачење итн.
Со оглед на споменатите ризик-фактори, на пациентите со уринарна инконтиненција им се сугерира: намалување на употребата на алкохол, цигари и кофеин, модификација на внес на течности (пр. да не се внесуваат течности навечер) и тренинг на мочниот меур т.е. мокрење на одредени периоди со комплетно празнење на бешиката, намалување на телесната тежина, избегнување интензивни физички активности, како и правење на т.н. кегелови вежби за зајакнување на карличните мускули.
Во однос на фармаколошката терапија, таа е резервирана за т.н. ургентна и мешана инконтиненција додека, пак, некои форми на стрес-инконтиненција се третираат исклучиво оперативно. Од медикаментозната терапија најчесто употребувани лекови се т.н. антихолинергици – кои помагаат во смирување на појавата хиперактивен мочен (солифенацин, оксибутинин, толтеродин, дарифеназин, фезотеродин, трозпиум). Притоа предност обично имаат новите генерации антимускариници (пр. солифенацин), чиј механизам на дејство е селективно да ги блокира мускаринските М3-рецептори во уроепителот, со што се зголемува капацитетот на мочниот меур и се намалува чувството на итност за мокрење. На овој начин при континуирана терапија се намалува бројот на дневни и ноќни мокрења со што се подобрува квалитетот на животот на оваа категорија пациенти.
Магнезиумот – фундаментален производ за спречување грчеви во мускулите!
Магнезиумот е еден од најважните минерали за здравјето на луѓето. Магнезиумот е потребен за активност на околу 300 различни ензими во нашето тело. Учествува во производство на енергија (АТП), го контролира внесувањето калциум во клеточната мембрана, и овозможува контракција на мускулите. Важен е и за функцијата на срцевиот мускул, го штити од стрес, дејствува на вазодилатација на срцевите и периферните артерии и го намалува формирањето плаки. Магнезиумот игра улога во структурата на коските и забите (негов недостиг води кон хипокалцемија), митохондриите, протеините, нуклеинските киселини. Исто така, ги штити мозочните клетки од оштетување, што е важно за спречување на Паркинсоновата и Алцхајмеровата болест.
Магнезиумот игра важна улога и во детоксикацијата на телото. Тој е од суштинско значење за производство на глутатион, антиоксиданс што е одговорен за отстранување на тешките метали (жива, олово, арсен) од нашето тело. Во случај на недостиг од магнезиум, се јавуваат: слабост, замор, грчеви во мускулите, вртоглавица, главоболка, тврда столица. Дефицит на магнезиум исто така влијае на нервниот систем предизвикувајќи вознемиреност, раздразливост, летаргија, тешкотии во меморијата, несоница. Симптоми на хроничен недостиг од магнезиум вклучуваат намален имунитет, постојан замор, намалена густина на коските (што доведува до остеопороза), анемија и аритмија.
Денес, препораката за возрасни е внес на 300-400 мг магнезиум на ден. За жал, модерната исхрана, богата со шеќери, бело брашно, термички обработена и замрзната храна, дополнително го намалува нивото на магнезиум во нашето тело и ни овозможува внес на околу 180-300 мг магнезиум, од кои само третина се апсорбира во организмот. Важно е да се истакне и дека почвата на која денес се одгледува храната е сѐ посиромашна со магнезиум. Вештачкото ѓубриво доведува до осиромашување на содржината на магнезиум во почвата и во растенијата, поради што се намалува и внесот на овој минерал во нашето тело. За време на термичката обработка, храната исто така губи помеѓу 40-70 проценти од магнезиумот.
Одредени соединенија во храната исто така можат да го отежнат апсорбирањето на магнезиумот, како што се: маснотии, оксална киселина, калиум, железо, калциум и алкохол. Затоа е важно балансирано да се храниме. Магнезиумот во храната најмногу се наоѓа во зелен лиснат зеленчук, интегрални житарки, грав, семе, јаткасти плодови и овошје. Некои од најбогатите извори на магнезиум се семки од тиква, бадеми, лешници, какао, овес, лен, сончоглед и семе од чиа, бразилски ореви, сусам, кикиритки, ореви, кафеав ориз, соја, леќа, спанаќ, домат, суво грозје, сливи, авокадо, банани, компири и риба (туна).
Сепак, постојат посебни состојби, кои бараат дополнителен внес на магнезиум. Тие подразбираат спортски активности, алкохолизам, користење одредени лекови (тетрациклини, хинолонски антибиотици, диуретици, инхибитори на протонска пумпа), пациенти со гастроинтестинални заболувања, пациенти со дијабетес тип 2, постари лица, бремени жени, деца во развој и лица под континуиран стрес.
Во овие ситуации, за да се дополни потрошениот магнезиум, многу често е неопходно да се прибегне кон користење додатоци во исхраната со магнезиум во доза од 300-400 мг на ден. Магнезиумот денес е фундаментален производ за елиминација на грчеви во нозете, бидејќи неговиот недостиг доведува до прекумерна стимулација и може да предизвика пречки во невромускулниот пренос. Магнезиумот може да го инхибира механизмот на контракција на скелетните мускули, спречувајќи ги грчевите и оставајќи ги мускулите опуштени.
Спортистите треба да земаат магнезиум по спортска активност бидејќи релаксирањето на мускулите не е пожелно за време на тренинг или натпревар. Доколку грчевите во нозете се појавуваат повеќе во текот на ноќта, се препорачува да се земе магнезиум пред спиење. Денес имаме и производи што во комбинација со магнезиум содржат витамин Б6, мелатонин и валеријана и се земаат во вечерните часови за да обезбедат целовечерен мирен сон, без опасност истиот тој да биде прекинат од болни грчеви во мускулите.
Бенигна хиперплазија на простата (БХП)
Простатата е машка полова жлезда, сместена зад мочниот меур, каде што го опфаќа предниот дел на мочниот канал. Нејзината примарна функција е да произведува поголем дел од семената течност, која ја храни и транспортира спермата. Бенигна хиперплазија на простата (БХП) претставува прекумерно размножување клетки во централниот дел на простатата и зголемување на простатата (од неканцерогено потекло), што резултира со притисок и стеснување на мочниот канал. Причината за појава на БХП е покачување на ензимот 5-алфа-редуктаза, кој е вклучен во трансформација на тестостерон во ДХТ (5-алфа-дихидротестостерон), што резултира со зголемување на простатата. БХП е најчестото заболување кај мажите постари од 50 години, чија инциденца расте со возраста, почнувајќи од 8 проценти кај мажите во четвртата деценија, па дури до 90 проценти во деветтата деценија од животот.
Поради БХП, доаѓа до појава на т.н. опструктивни нарушувања: ослабен и наизменичен млаз при мокрење, тешкотии при мокрење, напрегање при мокрење (дизурија), капење капки по мокрењето, недоволно празнење и задржување урина (ретенција). Покрај ова, притисокот на зголемената простата на вратот на мочниот меур резултира со иритативни симптоми, а пред сѐ почест нагон за уринирање, дури и при мало количество урина во мочниот меур. Други иритативни симптоми се: често дневно мокрење (полиакизурија), ноќно мокрење (ноктурија), итен нагон за уринирање (ургенција), неможност за задржување урина (инконтиненција). Во случај на вакви симптоми треба да се јавите кај вашиот матичен лекар за процена на состојбата и прво испитување, по што обично пациентот се упатува на уролог.
Исто така превентивно се препорачува испитување на простатата кај мажите по 45-годишна возраст, особено оние што имаат во фамилијарната анамнеза заболување од овој тип.
Во поглед на самопомошта при БХП и други состојби при кои луѓето имаат чест нагон за мокрење, пациентите мора да го приспособат својот животен стил. Toa подразбира: избегнување внес на течности пред спиење или напуштање на станот, намалена консумација на кофеински пијалаци, газирани пијалаци и алкохол, комплетно празнење при мокрење и избегнување стресни и нагли движења (пр. кревање голема тежина). Во однос на терапевтските можности при благи до умерено сериозни симптоми на бенигно зголемување на простатата, пациентите може да си помогнат и со фитотерапевтски препарати.
Денес се познати дури 30 типа на растителни препарати што ги олеснуваат симптомите на БХП. Добро се познати придобивките од сабалната палма и копривата, за да се олесни бенигното зголемување на простатата. Истовремената администрација на двата екстракти дава резултати на намалена потреба за често дневно и ноќно мокрење, што е резултат од намалување ДХТ (5-алфа-дихидротестостерон) во ткивото на простатата.
Дополнително, сабалната палма има антиинфламаторни својства и со тоа придонесува за здравјето на простатата. За заштита на уринарниот и репродуктивниот тракт корисно е и редовно внесување на моќните природни антиоксиданти ликопен, селен и цинк. За посериозните случаи тука е фармаколошка терапија, најчесто комбинација од тамсулозин, кој дејствува побрзо и преку олабавување на мазната мускулатура го олеснува мокрењето, и финастерид/дутастерид, кои дејствуваат на намалување на простатата, но треба да се користат барем шест месеци.
Во ситуација кога иритативните симптоми се силно изразени (ургенција и инконтиненција), во терапијата се уфрла и солифенацин. Во случај на недоволен успех на фармаколошката терапија или доцна дијагностика, во опција е и хируршко отстранување на зголемената простата.
Сезонски алергиски ринитис – брзо препознавање за навремен третман!
Пролетта и процесот на цветање на растенијата значително ги зголемуваат алергиските манифестации, а со тоа причинуваат сериозни здравствени проблеми кај голема популација низ целиот свет. Алергијата претставува преосетливост на нашиот имун систем на некои супстанции со кои доаѓаме во контакт преку воздухот, храната или кожата. Притоа, кога алергенот доаѓа во контакт со нашиот организам, имуниот систем реагира со создавање антитела од групата на имуноглобулини Е (ИгЕ), под чие дејство се ослободуваат силни инфламаторни материи: хистамини, простогландини и леукотриени. Овие материи доведуваат до зголемена циркулација и ширење на крвните садови, контракција на мазната мускулатура и појава на голем број алергиски симптоми, кои варираат во зависност од алергенот и типот на алергиската реакција.
Во овој период од годината можеби најчест алергиски проблем што опфаќа околу 20 проценти од светската популација е т.н. сезонски алергиски ринитис. Алергискиот ринитис е воспаление на носната слузница, кој се карактеризира со еден или повеќе од следниве симптоми: назална конгестија, течење на носот и нарушено чувство за мирис, чешање на носот и кивање. Покрај овие назални симптоми, често има црвенило и чешање на очите, солзење, чешање на ушите и тинитус, пецкање и болка во грлото, како и кашлање. Со оглед на сличноста на дел од симптомите со сѐ уште присутниот сезонски грип (течење на носот, болки во грлото и кашлица), обичната настинка (течење на носот, болки во грлото и кивање), но и со многу актуелниот коронавирус (кашлица, пецкање и болки во грлото), многу е значајно брзо да ги препознаеме алергиските појави за да избегнеме непотребна паника и посета на лекарските ординации во вонредна состојба.
Најчести причинители на сезонскиот алергиски ринитис (САР) се поленот од тревата и дрвјата, но и поленот од плевел, алергените од мувла и од различна храна итн. Симптомите се јавуваат периодично, но пациентите со ринитис имаат зголемен ризик за развој на астма. Токму затоа е многу важно алергискиот ринитис соодветно да се третира, бидејќи на тој начин се спречува појава на симптоми и сериозни егзацербации на астма. Мерките за превенција и третман се состојат од комбинација на избегнување на познатите алергени што ни прават проблем и фармаколошка терапија.
Пациентите што страдаат од алергиски ринитис се советуваат да престојуваат подолго во затворен простор во текот на сезоната кога цветаат растенијата на чиј полен се алергични, а прошетките да се прават по дождливи денови. По секое изложување на полен се препорачува туширање и перење на облеката. Во случај на активности на отворено, се препорачува носење очила за сонце, за да се избегнат пецкањето и солзењето на очите, а кога се возиме во автомобил прозорците треба да бидат затворени. Пред сезоната на алергии корисно е три месеци да се врши засилување на имунитетот со пробиотици, бетаглукани, храна богата со витамините Ц и Д, како и цинк.
Доколку сепак дојде до алергиски ринитис, постојат неколку лекови за избор: антихистаминици, кортикостероиди, блокатори на леукотриени, стабилизатори на мастоцити, антихолинергици и деконгестиви. Благите форми на САР или повремени симптоми се третираат со орални антихистаминици (лоратадин, цетиризин, фексофенадин итн.) или со блокатори на леукотриени (монтелукаст), кои се ефикасни против течење на носот, кивање и чешање на носот и очите. Сепак, тие не помагаат при назалната конгестија, па затоа дополнително се користат назални деконгестиви (пр. оксиметазолин) до околу седум дена и препорачливо навечер. При умерени и тешки симптоми со изразени знаци на ринитис, потребно е вклучување инхалациски кортикостероиди (пр. мометазон), со кои треба да се започне уште во почетокот на сезоната.
Остеоартритис – хронична дегенеративна болест
Зглобовите се важен дел од системот на органи за движење (мускулно-скелетниот систем) кај човекот, кој овозможува подвижност на коските и движење во различни правци. Зглобот е делот од телото каде што се среќаваат две коски чии краеви се покриени со ‘рскавица. Површината на зглобната ‘рскавица е мазна, што дозволува едниот зглоб слободно да се лизне по површината на другиот. Нејзината структура и функционална способност е од голема важност за целиот зглоб. Зглобот е заштитен со фиброзна капсула околу врвовите на коските што го сочинуваат зглобот. Во внатрешноста на зглобната капсула има синовијална обвивка, која лачи синовијална течност. Синовијалната течност е ретка вискозна течност што ја исполнува зглобната празнина а која ја создава синовијалната мембрана. Улогата на синовијалната течност е повеќекратна: подмачкување на зглобот, со што се намалува триењето за време на движењето, исхрана на зглобната ‘рскавица, како и балансирање при оптоварување на зглобот. Синовијалната течност содржи значителни количества протеоглукани, кои се формираат како резултат на врзување на глукозаминогликаните (пред сѐ хијалуронска киселини и хондроитин) со протеините. Токму овие протеоглукани се одговорни за вискозноста на синовијалната течност и за еластичноста на зглобната ‘рскавица.
Со стареењето на организмот, производството на хијалуронска киселина се намалува, што доведува до намалување вискозноста и зголемено разредување на синовијалната течност. Слично е кај пациентите со остеоартритис. Остеоартритисот е најчеста ревматска болест, од која страдаат дури 80 проценти од лицата постари од 60 години, при што жените се почесто погодени од мажите. На појавата на остеоартритис може да влијаат и други фактори, пред сѐ: генетски нарушувања, прекумерна телесна тежина, недостиг од естрогени, условите на работното место, развојни и стекнати болести на коските и зглобовите, повреди, оперативни зафати и спортски активности.
Остеоартритисот спаѓа во групата хронични дегенеративни болести и влијае на целиот зглоб, вклучувајќи ги ‘рскавицата, субхондралната коска, лигаментите, зглобната обвивка, синовијалната мембрана и околните мускули. Иако може да се случи кај било кој зглоб, од остеоартритис најчесто се погодени големите зглобови, како што се коленото, колкот и ‘рбетот, бидејќи го носат најголемиот товар.
Водечкиот симптом во клиничката слика на остеоартритисот е болка при почнување или во тек на зглобна активност. Во почетокот болката се јавува само при големи оптоварувања на зглобовите и постепено се засилува. Вкочанетоста во зглобот е придружен знак на остеоартритисот и обично трае помалку од 30 минути, а се јавува по подолго задржување на зглобот во една позиција. Губењето на способноста за движење говори за напреден остеоартритис кај кој настанало здебелување на зглобната обвивка, појава на рабни остеофити и слабост на околните мускули.
Во последниот стадиум доаѓа до пропаѓање на зглобовите и појава на деформитети. Патогенезата на дегенеративни промени во зглобната ‘рскавица при остеоартритис повторно се заснова на губење протеогликани. Како што напредува процесот, зглобната ‘рскавица сè повеќе пропаѓа, се создаваат пукнатини, улцерации и доаѓа до целосно губење на зглобната површина.
Во напредната фаза, количеството протеогликани е минимално. Токму поради ова важно е дохранување на зглобовите со редовно земање хијалуронска киселина, хондроин и глукозамин, кои обезбедуваат подобро подмачкување на зглобовите, ја зголемуваат вискозноста на синовијалната течност, ја хранат зглобната ‘рскавица и им дозволуваат на зглобовите да ги задржат својата флексибилност и подвижност.
Недоволен внес на калциум и на витамин Д – клучен ризик-фактор за развој на остеопороза?
Нашите коски, зглобови и сврзувачки ткива се структури од кои зависат сите други органски системи во човечкото тело. Тие ни даваат сила, подвижност и стабилност и ни овозможуваат секојдневно да изведуваме различни физички активности. Токму затоа е многу важно да го одржуваме коскено-скелетниот систем во оптимална форма. Болестите како што се остеопороза, остеоартритис, ревматоиден артритис, ‘рбетен деформитет и фрактури значајно го намалуваат квалитетот на живот на милиони луѓе во светот. Притоа еден од најголемите проблеми што ја погодуваат пред сѐ повозрасната женска популација е остеопорозата. Остеопорозата е системска болест, која се карактеризира со намалување на коскената маса и промени во архитектурата на коскеното ткиво, кои предизвикуваат кршливост на коските и зголемена фреквенција на фрактури.
Основна причина за појава на остеопороза кај постменопаузните жени е недостигот од естрогени хормони што го забрзува процесот на разградување на коските и доведува до губење на коскената маса. Со оглед на тоа што остеопорозата во почетниот стадиум е асимптоматска, треба да бидеме свесни дека на нејзината појава значајно влијаат и некои наши навики, а пред сѐ: долгорочен низок внес на калциум со исхраната, вегетаријанство, преголемо консумирање алкохол и кафе, пушење, неактивност или неподвижност, како и недоволна изложеност на сончева светлина (витамин Д).
Во суштина, клучни витамини и минерали за превенција од остеопороза се витамин Д и калциум. Токму затоа уште во предменопаузниот период (рани 40-ти) се препорачува зголемување на внесот на калциум (1.000-1.500 мг/ден) и витамин Д (400-800 ие/ден), со избалансирана исхрана богата со млечни производи, зеленчук, овошје и умерени количества месо и риба. Калциумот е еден од најзастапените минерали во нашето тело и во најголем дел (99 отсто) се наоѓа во скелетот, а остатокот во забите, меките ткива и плазмата. Калциумот е од фундаментално значење за растот, обновата и минерализацијата на коските. Ремоделирањето на коскеното ткиво е тековен процес, кој подразбира континуирана ресорпција (деградација на коски) и таложење на калциум во новоформираната коска (формирање коски). Билансот што постои помеѓу ресорпцијата на калциумот од коските и минералното таложење во коска се менува со стареењето.
По 40-та, губењето на коските е околу 2 проценти годишно, а кај жените поради менопаузата има дополнителната загуба за 0,25-1 процент, што доведува до губење коскена маса и зголемен ризик од развој на остеопороза, поради што мора да се зголеми внесот на калциум со исхраната или со соодветни додатоци во исхраната. Кога зборуваме за додатоци во исхраната со калциум, најсоодветна форма е калциум цитрат, бидејќи најдобро се апсорбира во цревата и не предизвикува гастрични проблеми. Намалена секреција на желудочната киселина не влијае на неговата апсорпција, па затоа се препорачува оваа форма, особено кај повозрасните, а најдобро е да се земе помеѓу оброците или пред спиење. Во однос на витаминот Д, постојат два извора на витамин Д кај луѓето: витамин Д што се произведува во кожата, со изложеност УВ-Б зраци (Д3), и витамин Д внесен преку храна (Д3 и Д2).
УВ-зрачењето од сонцето овозможува конверзија на присутниот 7-дехидрохолестерол во кожата, до витамин Д3. Се смета дека 10-15 минути дневна изложеност на гола кожа на сонце е доволно да ги задоволи дневните потреби за витамин Д. Витаминот Д е присутен во ограничен број прехранбени производи, а пред сѐ во морската храна, т.е. рибите од ладните мориња, како што се лосос и харинга. Покрај тоа, во мали количества се наоѓа и во млекото и млечните производи, жолчката од јајце, житарките и квасецот. Витаминот Д ја промовира апсорпцијата на калциум од луменот на цревата и ја промовира минерализацијата на коските. Поради ова, недоволен внес на витамин Д преку храната, како и недоволна изложеност на сонце, може да доведе до појава на остеопороза и треба да се зголемат неговиот внес и изложеноста на сонце кај ризичните групи.
Жените во постменопауза треба да се упатат на ултразвучна дензитометрија и да ја измерат коскената густина, за да го утврдат ризикот од фрактури на коските. Во случај на дијагностицирана остеопороза, независно од отсуството на симптоми, пациентите задолжително треба да се придржуваат на пропишаната терапија од лекар (бифосфонати – најчесто ибандронат, еднаш месечно) за да ја спречат натамошната прогресија на болеста. Нетретираната остеопороза носи ризик од намалување на висината на телото, деформитети на ‘рбетниот столб, згрбавеност, проблеми со движењето и болка и при минимално движење итн.
Бебешкиот плач е една од најчестите причини за непроспиени ноќи и последователни нервозни утра кај родителите. Плачењето е нормална појава кај малите бебиња, со која остваруваат комуникација со мајката и искажуваат глад, болка, незадоволство, но и го развиваат белодробниот систем. Сепак, една од најчестите причини за плач и вознемиреност во првите 3-6 месеци од животот на бебињата се цревните грчеви или т.н. инфантилни колики. Бебешките грчеви се дефинирани како плачење, кај здраво бебе, по три часа дневно, повеќе од три дена неделно, во период од три недели.
Грчевите не се болест, туку симптом, и се појавуваат кај 30-40 проценти од децата. Може да се разликуваат од други состојби по тоа што бебето плаче долготрајно, интензивно и неутешно и притоа се појавуваат грчеви на лицето и на нозете и испуштање гасови. Вообичаено, плачењето настапува веднаш по хранењето, а најинтензивно е од 18 часот до полноќ. Во ваква ситуација треба да му се помогне на детето да го отстрани воздухот од стомачето со стимулација на подригнување (нежно тапкање по пелените и грбот), масажа на стомакот и млаки облоги, како и со движење на нозете (велосипед), со што се поттикнува испуштањето гасови.
Причините за појава на инфантилните колики може да ги класифицираме во неколку групи: неправилно хранење, при кое бебето голта многу воздух, несоодветна исхрана на мајката (која дои), богата со сувомесни производи, газирани пијалаци, грав, зелка и друга тешка храна, потоа интолеранција на лактоза, меѓутоа пред сѐ неразвиеност на ензимскиот систем за варење на храната кај бебињата.
Соодветно на причините, може да се преземат повеќе превентивни мерки за да се ублажи проблемот со бебешките грчеви, најпрвин бебето да се храни пред да огладни и пред да почне да плаче, бидејќи ако е гладно, ќе јаде пребрзо, а со плачењето ќе проголта повеќе воздух. Мајката што дои треба да внесува големи количества вода, овошје и зеленчук, како и супи од зеленчук и месо, а да избегнува тешка и конзервирана храна, мешункасти плодови (грав, грашок, леќа), како и сувомесни производи. Во случај на интолеранција на лактоза, да се користи безлактозно млеко и/или капки што го содржат ензимот лактаза.
Со оглед на потврдената важност од постоење на здрава микрофлора за правилно варење на храната и добар метаболизам, употребата на пробиотици кај грчеви добива сѐ поголем замав. Голем број студии го потврдуваат корисниот ефект на пробиотиците во третманот на инфантилни колики. Затоа, капки со пробиотската култура лактобацилиус реутери редовно се препорачуваат за употреба во првите четири месеци од животот на детето. Со употреба на овој пробиотик се развива метаболизмот и се поттикнува цревниот имунитет. Благодарение на ова, се намалуваат симптомите на грчеви веќе во првата недела од употребата, а со континуирана употреба во период од четири недели се намалува времетраењето на плачење на помалку од три часа месечно. Доколку бебето прима истовремено антибиотици, пробиотските капки треба да се даваат најмалку три часа пред или по земањето на антибиотикот.
Бронхитис – честа причина за барање медицинска помош во зимскиот период!
Есенско-зимскиот период е т.н. сезона на респираторни инфекции. Притоа една од почестите дијагнози е т.н. бронхитис – воспаление на големите дишни цевки (бронхи) во белите дробови. Бронхитисот се карактеризира со зголемена бронхијална секреција и силна кашлица, најпрвин сува, а по неколку дена кашлицата станува продуктивна и особено изразена во ноќниот период.
Други препознатливи симптоми се: покачена телесна температура, но не повеќе од 38°С, која трае до три дена, течење на носот, конјунктивитис, болно и засипнато грло, општа слабост, треска и потење, болки во главата, мускулите и во зглобовите. Важно е да имаме предвид дека акутниот бронхитис многу често е последица на несоодветно третирани лесни вирусни заболувања на горните дишни патишта, кои го ослабуваат имунитетот и стануваме подложни на напад од бактериски патогени (мораксела катаралис, хемофилус инфлуенца, микоплазма пневмонија, кламидија пневмонија итн.), кои понатаму се спуштаат во бронхите. Ризикот од појава на бронхитис е најголем во зимскиот период, кога времето е студено и влажно, во комбинација со загадениот воздух и долгиот престој во затворени (честопати и зачадени) простории, што предизвикува пад на локалниот имунитетот на слузницата на респираторните органи. Затоа, во превентивна смисла, најважно е да бидеме соодветно облечени и да ги заштитиме влезните точки за респираторните инфекции (уста, нос). Физички активности на отворено во услови на ветер, студен и/или загаден воздух треба да се избегнуваат, а истото тоа важи и за простории во кои се пуши. Бронхитисот, како и другите респираторни инфекции, брзо и лесно се шири и затоа треба да се избегнува контакт со заболени лица, како и посети на лекарски ординации доколку нема реална потреба за тоа.
Другата група превентивни мерки подразбира водење добра хигиена на рацете, забите и респираторните слузници, како и соодветно засилување на имунитетот. Ова подразбира темелно миење на рацете со антибактериски сапуни, редовни стоматолошки посети и санација на кариесни заби, редовно измивање на носната слузница со хипотоничен солен раствор, исхрана богата со свежо сезонско овошје и зеленчук и најмалку тримесечно внесување имуностимуланси (пробиотици, бетаглукани, цинк и витамин Ц).
Во случај на појава на први симптоми на акутен бронхитис, одморајте и зголемете го внесот на течности до три литри на ден, како и на витамин Ц (до еден грам на ден) и цинк (10 мг/ден). Двапати на ден треба да се прават инхалации со хипертоничен солен раствор и муколитик (ацетил цистеин), за да се разреди густата слуз во дишните патишта, да се олесни дишењето, да се намали воспалението, да се олесни искашлувањето и да се спречи налепување бактерии на слузницата.
Воздухот во просторијата во која престојува болниот не смее да биде сув, па корисно е да користите навлажнувач за воздух. Болното грло и кашлицата може да се стабилизира со топли (но не врели) хербални чаеви, мед и прополис, а во случај на покачена температура над 38 Целзиусови степени и треска, може да се користат антипиретици (парацетамол, ибупрофен и нивни комбинации). Во случај на перзистирање или влошување на симптомите, како и при позитивен брис од грло и/или нос, вашиот матичен лекар може да ви пропише антибиотик, кој треба да се пие во точно одредените интервали и до завршувањето на терапијата, која обично трае до десет дена.
Хиперацидитет – честа појава во празничниот период!
Претпразничниот и празничниот период е познат по богатите трпези и испиени големи количества алкохолни и газирани пијалаци. Ова е период на претерување со обилни, а често и доцни оброци. Комбинацијата на масна, лута, кисела или многу зачинета храна, алкохол и цигари буди голем број непријатни стомачни проблеми меѓу кои најчест е т.н. хиперацидитет или народски кажано киселини во желудникот.
Хиперацидитетот е симптом на голем број заболувања, кој се карактеризира со чувство на жарење (печење) во желудникот и хранопроводот, мачнини и стомачна болка или непријатност. Појавата на прекумерно лачење желудочна киселина може да биде индуцирана и од: стрес, бременост, прекумерно користење нестероидни инфламаторни лекови (НСАИЛ), хеликобактер пилори инфекција итн. Хиперацидитетот е предвесник и/или симптом на многу посериозни заболувања како на пример: гастроезофагеална рефлуксна болест (ГЕРБ) – враќање на желудочната содржина преку хранопроводот кон грлото; гастрит или чир на желудник, хранопровод или дванаестопалечно црево – оштетувања на слузницата на овие органи најчесто предизвикани од хеликобактер пилори инфекција; Золингер-Елисонов синдром и други патолошки хиперсекреторни состојби. Поради сево ова е особено важно сериозно да се сфати појавата на хиперацидитет и да се спроведат промени во нашата исхрана и однесување, а самите симптоми фармаколошки да се контролираат. Покрај избегнувањето обилни и доцни оброци, корисно е да се намали внесот на овошје и зеленчук, кои имаат висок киселински број (цитрусни плодови, јаболка, домати и пиперки), да се исклучат простите шеќери од исхраната (слатки), да се намали внесот на кофеин и алкохол, и да се намали внесот на масна, зачинета, лута и кисела храна. Од друга страна, треба да се зголеми внесот на растителни влакна и пробиотици за да се забрза метаболизмот.
Стресот треба да се менаџира со редовно вежбање и релаксирачки активности, а во случај на акутен проблем корисно е спиење на висока перница и избегнување лежечка положба неколку часа по оброците. Симптоматски контролата на хиперацидитетот се врши со лесно достапните: антациди (неутрализатори на желудочна киселина најчесто на база на калциум, магнезиум и/или алуминиум), хистамински Х2-блокатори (ја намалуваат продукцијата на желудочната киселина – пр. ранитидин, фамотидин) и според актуелните препораки со ИПП (инхибитори на протонска пумпа – пр. ланзопразол, пантопразол, есомепразол). Антацидите имаат најбрзо дејство, но краткотраен ефект (2 часа), некои од нив може да предизвикаат дијареја (магнезиум) и дополнителен засилен хиперацидитет (сода бикарбона).
Хистаминските Х2-блокатори дејствуваат околу 12 часа, а од несаканите дејства почести се главоболка, дијареја, запек, вртоглавица, сонливост, гадење, повраќање и исип на кожата. Инхибиторите на протонска пумпа се општо прифатени како најдобар начин за контрола на хиперацидитет и редовно се користат при ГЕРБ, ерадикација на хеликобактер и пептички улкус. Имаат посилен антациден ефект од другите лекови и дејство од околу 24 часа поради што имаат практично дозирање еднаш на ден. Притоа најбрзо дејство и највисока стапка на излекување има есомепразол, додека најбезбеден за употреба е пантопразолот.
Поради инхибиција на одредени ензими, некои ИПП покажуваат интеракции со често употребувани лекови како: дијазепам, циталопрам, фенитоин итн. поради што треба внимателно да се користат. На крајот не треба да заборавиме за опасните последици од долготрајна и/или повторлива појава на киселини и во ваква ситуација важно е задолжително да се упатиме на лекар за да се утврдат причините (евентуална заднинска болест) и да се ординира соодветна терапија.
Антипиретиците не треба безрезервно да се користат!
Еден од првите симптоми речиси при секоја инфекција, независно дали е од вирусно (настинка, грип) или бактериско потекло, е секако покачена температура. Покачената температура честопати е причина за главоболка, снеможеност, дехидрација и неможност за нормално извршување на секојдневните обврски. Можеби и затоа најголем дел од нас во ваква ситуација брзо и без многу размислување посегнува по лекови т.н. антипиретици, за да ја врати температурата во нормала (под 37˚C).
Сепак, во интерес на сопственото здравје, многу е важно да разбереме дека покачената температура е одбранбен механизам на човечкиот организам, кој подразбира имунитетски одговор и борба со патогените причинители (вируси, бактерии итн.). Токму затоа доколку температурата не надминува 38-38,5˚C, не треба да се симнува со лекови (антипиретици), бидејќи на овој начин од една страна се развива имунитетот, а од друга страна некои патогени не можат да опстанат на висока температура и се уништуваат. Втората страна од медалот е дека, иако најупотребуваните антипиретици (парацетамол, ибупрофен, ацетилсалицилна киселина и нивни комбинации) се генерално безбедни (лекови без рецепт), сепак имаат голем број несакани дејства и одредени контраиндикации и не треба безрезервно да се користат. Иако сите три дејствуваат антипиретично и аналгетски, имаат разлики во механизмот на дејство и, соодветно на тоа, се побезбедни и поефективни во различни ситуации и треба правилно да се користат и, секако, во најкратко можно време.
Генерално, парацетамолот може да го користи најширока популација: бебиња (во консултација со лекар), деца, трудници (во консултација со лекар) и возрасни. Ибупрофенот не треба да се користи кај мали бебиња под 7 кг, како и во последниот триместар од бременоста, а ацетилсалицилната киселина е контраиндицирана кај деца под 12 години (Рејев синдром) и во последниот триместар од бременоста. Парацетамолот може да се пие независно од оброците, а ибупрофенот и ацетилсалицилната киселина задолжително по оброк поради опасност од оштетување на желудочната лигавица. Во текот на терапија со парацетамол треба да се исклучи употреба на алкохол поради потенцирање на штетното дејство врз црниот дроб и покачување на нивоата на хепаталните ензими, а генерално парацетамолот е контраиндициран кај лица со хепатални заболувања. Од друга страна, ибупрофенот и ацетилсалицилната киселина не треба да се користат кај лица со улцерации на желудникот и други проблеми со желудочната лигавица, а ацетилсалицилната киселина, поради нејзиното антикоагулативно дејство, не треба да ја користат лица склони кон крвавења. Во случај на немање ефект на еден тип антипиретик може да се примени друг тип најмалку по 4-6 часа.
Препорачаното дозирање на антипиретиците (кај децата е поврзано со возраста и телесната тежина) и фреквенција на земање треба строго да се почитува поради минимизирање на несаканите ефекти, а доколку температурата не поминува и по тридневно користење антипиретици, препорачлива е консултација со лекар. Корисно е да се зголеми внесот на течности (вода, супи, чаеви) за да се намали опасноста од дехидрација и да се зачести мокрењето, а при повисока температура од 38,5˚C, корисно е да се вклучат и раствори со орални рехидратациски соли (ОРС), кои ќе ги надоместат изгубените електролити. Помагаат и често туширање со млака вода (32-33˚C) и разладување на кожата со крпа натопена со млака вода. На крајот, не треба да се заборави на опасностите што ги носи високата температура (над 39-39,5˚C), особено кај малите деца, а пред сѐ дехидрацијата, како и опасноста од појава на фебрилни конвулзии – грчеви што се појавуваат кај некои деца, поради незрелост на централниот нервен систем, и затоа температурата треба често да се мери и да се преземат горенаведените мерки за нејзина нормализација.
Навремено препознавање и соодветен третман на депресивните епизоди
Во последниве десетина години сѐ почесто слушам изјави од типот: во депресија сум, немам желба за ништо, губам интерес за живот и слично. Иако во голем број случаи не зборуваме за психички проблем туку моментално, преодно нерасположение, нервоза или несоодветно справување со големи количества секојдневен стрес, сепак не смееме да ја исклучиме можноста за постоење вистинска депресивна епизода. Ова особено важи за хронично болните пациенти, зависниците од алкохол и дрога, осамените, жените во рана зрелост и по породување, како и оние што живеат предолго во затворен простор, малку се изложени на сончева светлина и се физички неактивни. Затоа, несомнено, депресијата претставува нарушување на расположението кое не е одраз на лична слабост и треба да се дијагностицира и да се лекува како и која било друга медицинска состојба.
Биохемиската основа на депресивните нарушувања најчесто лежи во намалената концентрација на невротрансмитерите: серотонин, норадреналин и допамин, што резултира со појава на депресивни симптоми: лошо расположение, песимизам, незаинтересираност, раздразливост, несоница, хроничен замор, намалена способност и желба за вршење на секојдневните обврски итн. Ако не се препознае и третира соодветно, во подоцнежниот период пациентот развива чувство на безвредност и лична вина и добива самоубиствени мисли и нагони.
Затоа е многу важно семејството и блиските активно да им помогнат на ваквите пациенти и да ги охрабрат навреме да побараат соодветна лекарска помош. Третманот обично подразбира комбинација од психотерапија и антидепресиви, кои ја зголемуваат концентрацијата на невротрансмитерите: серотонин, допамин или норадреналин.
Во лековите од прва линија при третман на депресија спаѓаат т.н. ССРИ (селективни инхибитори на преземањето серотонин), како што се пароксетин, есциталопрам, и сертралин, и лековите со дуално дејство (инхибитори на преземање серотонин и норепинефрин) венлафаксин, миртазапин, ребоксетин. Лекови од втор избор се атипичните антипсихотици, како што се оланзапин, кветиапин и трицикличните антидепресиви (најчесто кај постари пациенти). Лековите од трет избор се антипсихотици од постара генерација како рисперидон, клозапин и стабилизатори на расположение (литиум).
Според протоколите секогаш се започнува со лек од првата група на антидепресиви и е препорачана монотерапија. Се почнува со давање на минималната доза и ефектот на истата таа се следи. Во случај на потреба дозата се нагодува до максималната доза во период од една до четири недели. Позитивен одговор на терапијата се очекува по 2-6 недели, а доколку истиот тој изостане или се присутни несакани ефекти, се препорачува замена на лекот со некој друг, од првата група лекови. Комбинација на лекови од првата со лекови од втората група (особено со атипичните антипсихотици) е, исто така, опција што често ја користат клиничарите.
По изборот на соодветен антидепресив, лекувањето на депресијата треба да трае и доволно долго. Првата депресивна епизода се лекува 6-9 месеци, а кај рецидивите лекувањето трае и повеќе од 2 години по ремисијата на заболувањето. Во овој процес е многу важно пациентот да се придржува прецизно до дадената терапија како поради подобар терапевтски ефект така и за помали несакани ефекти.
Пациентите треба да бидат информирани за најчестите нуспојави: седација, несоница, сексуална дисфункција, главоболка, анксиозност итн. Покрај тоа бидејќи физичкото здравје е основа на менталното здравје, корисно е да одржуваат соодветна физичка активност барем 30 минути дневно и тоа најдобро на отворен простор поради позитивното влијание на сончевите зраци. Во однос на исхраната, се препорачува да се внесуваат повеќе овошје, зеленчук, интегрални житарки и риба (омега-3 масните киселини и витамините од групата Б меѓу другото се важни и за менталното здравје).
Антибиотици – правилна употреба за најдобар ефект и спречување на несаканите ефекти и антибиотската резистенција!
Иако бактериите се насекаде околу нас и инфекциите се случуваат во текот на целата година, сепак, не случајно, есенско-зимскиот период се означува како антибиотска сезона! Животот во затворен простор, променливото време, загадениот воздух и недостигот од сонце се идеални за ширење голем број бактериски инфекции, кои најчесто се третираат со антибиотици. Антибиотиците се лекови од природно или од синтетичко потекло, кои можат да ги убијат бактериите (бактерицидно дејство) или да го спречат нивниот раст (бактериостатско дејство).
Има повеќе групи антибиотици, кои дејствуваат на различен начин: пеницилини, цефалоспорини, аминогликозиди, хинолони, тетрациклини, сулфонамиди, макролиди и други. Генерално своето антибактериско дејство го исполнуваат по пат на: спречување на синтезата на клеточниот ѕид на бактериите (пеницилини, цефалоспорини), спречување на синтезата на протеините (тетрациклини, аминогликозиди, макролиди), спречување на синтезата на нуклеинските киселини (рифампицин) или забавување на метаболизмот.
Иако одлуката за почеток со антибиотска терапија и изборот на антибиотик е исклучиво во рацете на лекарот, генерално антибиотици се ординираат во случај на: јасни анамнестички податоци (пр. комбинација од висока температура, црвено грло, жолто-зелен назален секрет, продуктивна кашлица итн.) и крвна слика, кои упатуваат на бактериска инфекција (значајно покачени леукоцити и ЦРП), позитивен микробиолошки наод или превентивно пред и по оперативни процедури. Токму затоа мора да бидеме свесни дека антибиотиците се комплетно некорисни за третман на вирусни заболувања (грип, настинка итн.), а нерационалната примена на антибиотиците ја намалува нивната делотворност. Уште повеќе, за да се постигне најдобар антибиотски ефект треба да се пијат во точно одредено време (пр. на 8 часа) и доволно долго т.е. да се испие целата кутија (или колку што препорачал лекарот) независно дали веќе се чувствуваме добро. Ако се пропушти дозата не смее да се зема двојна доза одеднаш. Со неправилна употреба на антибиотиците создаваме отпорни бактерии (бактериска резистенција) и со тоа негативно влијаеме не само на сопственото здравје туку и на здравјето во глобална смисла. Важно е и да се користат на начин сугериран од нашиот лекар или фармацевт за да се постигне максимална ефикасност. Генерално треба да се пијат со полна чаша вода, а за време на антибиотската терапија треба да се воздржиме од: користење храна богата со калциум (млеко и млечни производи), како и додатоци во исхрана со калциум, магнезиум и железо, и консумација на алкохол. Калциумот формира нерастворливи комплекси со тетрациклините (жолти заби), железото интерферира со хинолоните, а алкохолот генерално влијае на метаболизмот на лековите и го намалува нивниот ефект или го продолжува периодот на присуство во организмот.
Не треба да се заборави дека освен позитивните ефекти антибиотиците имаат и одредени нуспојави, кои се должат на фактот што покрај патогените ги уништуваат и добрите бактерии и на тој начин ја нарушуваат нормалната цревна микрофлора. Најчести штетни последици од примената на антибиотици се стомачните проблеми: антибиотски асоцирана дијареа (ААД), надуеност и стомачна болка, но и ослабување на имунитетот и ризик од појава на опортунистички габични инфекции (кандидијаза). Поради сево ова вообичаена практика е при третманот со антибиотици да се користат и соодветни пробиотици, кои помагаат за обновување на цревната микрофлора и на тој начин ги минимизираат несаканите ефекти на антибиотската терапија.
Пробиотиците, најдобро во комбинација со цинк, значајно ги намалуваат стомачните тегоби и го засилуваат имунитетот. За најдобар ефект пробиотиците треба да се земаат 3 часа пред или по пиењето на антибиотикот за да не дојде до уништување на пробиотските бактерии од страна на антибиотикот. Важно е примената на пробиотиците да започне уште на самиот почеток на антибиотската терапија и да продолжи една до три недели по прекинот на терапијата.
Варичела (овчи сипаници) – совети за самолекување и намалување на времетраењето и ризиците од инфекцијата!
Есенско-зимскиот период и животот во затворен простор, особено во предучилишната и раната училишна возраст, е идеален за забрзано ширење на една најчестите детски болести – варичела, или народски позната како овча сипаница. Варичелата е вирусно заболување предизвикано од вирусот херпес зостер, кое најчесто се јавува кај децата на возраст од 2 до 8 години. Со оглед на нејзината висока инфективност многу лесно се шири преку директен контакт и аерокапков пат, па не се поштедени и возрасните што не ја прележале, или не се вакцинирани, односно немаат стекнат имунитет. Имајќи предвид дека кај нас вакцината против варичела не е вклучена во календарот за редовна имунизација, огромен е процентот на појава на овча сипаница во детската возраст, но за среќа, освен потребата од изолација, прогнозата е добра во најголем број случаи. Сепак, доколку навреме ја препознаеме и преземеме соодветни мерки може значајно да го скратиме времетраењето на болеста, да го спречиме нејзиното ширење, и да го намалиме ризикот од дополнителни компликации или последици од сипаниците.
Варичелата обично има 3 стадиуми: продромален период – кој трае 1-2 дена, а може и да го нема. Се карактеризира со истоштеност, главоболка, покачена температура, а понекогаш пред карактеристичната варичела се јавува исфрлање од ситна бледоцрвена сипаница. Во овој период е корисно пациентот да се изолира во една просторија и да мирува, бидејќи е веќе инфективен и може да заболи други лица. Со заболениот треба да бидат во контакт само лица што веќе имаат имунитет за варичела, а просториите треба често да се проветруваат. Во случај на температура треба да се користи парацетамол.
Ибупрофенот треба да се избегнува поради опасност од дополнителни кожни инфекции, а аспиринот исто така е контраиндициран кај деца до 18 години бидејќи е поврзан со ризик за развој на Рејев синдром (оштетување на мозокот и црниот дроб со висока стапка на морталитет). Уште веднаш, а и во текот на целото траење на болеста, корисно е пациентите и оние што се грижат за нив, да започнат со засилување на имунитетот со инозин, бетаглукани, пробиотици, цинк и високи дози витамини Ц, Д и Б. Исхраната треба да биде богата со млечни производи, овошје и зеленчук. Ова може да помогне за скратување на времетраењето на болеста и побрзо закрепнување без последици.
Следниот период е период на исип – избивање на сипаниците, кои поминуваат во неколку фази: макула, папула, везикула и краста. Се препознава преку појава на карактеристични блистери полни со течност, најпрвин на телото, главата и лицето, а на крајот на рацете и нозете па дури и на слузниците. Блистерите за неколку дена пукаат и преминуваат во красти кои полека се намалуваат и на крај отпаѓаат а на местото се појавува нова кожа. Пациентите се инфективни сѐ додека сите сипаници не преминат во фаза на краста. Во овој период се појавува јадеж и потреба за чешање, која треба да се спречи поради опасност од дополнителни бактериски инфекции на раните како и останување лузни. Ова се постигнува со редовно промивање со бледорозов раствор со калиум перманганат, кој помага за дезинфекција и сушење на крастите. Потоа корисно е мачкање на исфрлената површина со течна пудра (кај поголеми деца и возрасни, во случај на засилена потреба од чешање со анестетик) или други ладни раствори, кои го намалуваат нагонот за чешање и го забрзуваат сушењето на крастите. За намалување на нагонот за чешање може да се користат и орални антихистаминици, најдобро навечер поради можниот ефект на сонливост. Во последниот стадиум на рековалесценција, пациентот не е инфективен и може да се движи слободно, паѓаат сите красти и во период од 1 до 3 недели кожата се враќа во првобитна состојба при што може да останат лузни на оние места каде што со чешањето се направиле дополнителни штети на кожата.
Не смее да се заборави дека варичелата значајно го намалува нашиот имунитет, па поради ризик од дополнителни бактериски инфекции, и ширење на болеста, ако нема компликации нема потреба за посета на лекарски ординации во тек на инфективната фаза. Индикации за посета на лекар се: бремени жени, доенчиња, имунокомпромитирани лица, лица со значаен исип во близината на очите и ушите, лица со секундарни респираторни, кожни и други инфекции. Во ваква ситуација лекарот може да пропише антивирусни лекови и антибиотици. Еднаш прележана варичела остава добар имунитет. Сепак се смета дека вирусот останува во нервните завршетоци и во текот на животот може да се реактивира како херпес зостер инфекција, обично кај лица со намален имунитет.
Авторот е м-р по фармација и топедукатор
Статини – нужно зло за одржување добар липиден статус
Покаченото ниво на холестерол во крвта (хиперхолестеринемија) веќе одамна не е болест на староста. Благодарение на современиот животен стил, кој подразбира комбинација од фреквентна консумација на нездрава храна, прекумерен внес на цигари и алкохол, слаба физичка активност и стрес на секој чекор, сѐ почесто веќе во доцните 30-ти и раните 40-ти луѓето стануваат пациенти со хиперхолестеринемија.
Холестеролот е липид што се синтетизира во црниот дроб, а го внесуваме и со исхраната преку производи од животинско потекло. И покрај тоа што холестеролот во умерени количества е корисен за изградбата на клеточните ѕидови и за синтеза на половите хормони и витамин Д, сепак покачениот холестерол докажано води кон атеросклероза и е најзначаен ризик фактор за појава и прогресија на кардиоваскуларните заболувања. Атеросклерозата е појава на формирање плаки, кои ги затнуваат артериите и го спречуваат нормалниот проток на крвта низ организмот што го зголемува ризикот од покачен крвен притисок, срцев удар, мозочен удар и други кардиоваскуларни заболувања.
Главен причинител за атеросклерозата е лошиот ЛДЛ-холестерол. Токму затоа примарна здравствена цел е да одржувате нормални нивоа на холестерол во нашиот организам и тоа:
– Вкупен холестерол (< 5,0 mmol/l);
– ЛДЛ-холестерол (< 3,0 mmol/lit) – т.н. лош холестерол;
– ХДЛ-холестерол (>1,0 mmol/lit) – т.н. добар холестерол.
Веќе многу години примарни лекови за намалување на покачените нивоа на холестерол, но и за превенција на развој на понатамошни кардиоваскуларни заболувања, се т.н. статини (аторвастатин, симвастатин, ловастатин, росувастатин итн.). Статините претставуваат инхибитори на ензимот хидроксиметил коензим А редуктаза и своето хиполипемично дејство го манифестираат преку севкупна инхибиција на синтезата на холестерол. Сепак, пред да се донесе одлуката за примена на статини треба да се има предвид дека тие најчесто ќе бидат ваша доживотна терапија, а од друга страна имаат сериозни ограничувања во примената и несакани ефекти, кои честопати се причина за прекин и промена на терапијата.
Најчести несакани ефекти од употребата на статините се пред сѐ мускулни проблеми (болка, слабост, грчеви во мускулите), кои во најлош случај може да прогресираат до рабдомиелиза, која е животозагрозувачка болест поради предизвиканата бубрежна слабост. Поради ризикот од рабдомиелиза статините се контраиндицирани (или се применуваат со значајни мерки на претпазливост) со голем број антибиотици, антимикотици и антивирусни лекови, како и други лекови, кои влијаат на липидниот статус (езетимиб, гемфиброзил, ниацин). За пациентите многу е важно да знаат дека во текот на терапијата со статини не треба да пијат сок од грејпфрут од истата причина. Покрај тоа, пациентите што примаат статини имаат зголемен ризик од појава на дијабет и хепатални нарушувања.
Поради сево ова современите тераписки насоки (освен во ситуација на пациенти со висок ризик) сугерираат тримесечен период во кој лекарот и пациентот ќе се обидат да ги доведат во нормала вредностите на холестерол преку примена на комбинација од промена на животниот стил и соодветни додатоци во исхраната.
Променетиот хигиенодиететски режим подразбира: намален внес на животински масти, цигари и алкохол, укинување пржена храна и шеќери, замена на црвено месо со риба и пилешко, замена на бели печива со интегрално брашно. За сметка на ова треба да се зголеми внесот на вода, овошје и зеленчук и да се воведе редовна физичка активност од минимум 30 минути дневно. Дополнително на овие промени во животниот стил се препорачува најмалку тримесечна примена на додатоци во исхраната најдобро на база на комбинација од црвен ориз и артичока, кои се комплементарни во намалување на покачените нивоа на холестерол. Црвениот ориз ја стопира синтезата на холестерол во црниот дроб, а артичоката дејствува холеретично и го намалува покачениот холестерол преку засилено претворање на холестеролот во жолчни киселини.
Пробиотици – со правилна примена може да донесат богатство од позитивни ефекти за нашиот организам!
Доброто здравје почнува со квалитетна исхрана и практикување здрав животен стил. Затоа не случајно се вели дека ние сме она што го јадеме. Сепак, современиот човек живее во доба на висока индустријализација и, за жал, во нашата исхрана доминира преработена храна, наместо свежо сезонско овошје и зеленчук. Ако на ова го додадеме редовното консумирање т.н. брза храна (присутно уште кај училишната популација) и преварена/препечена храна, јасно е зошто во нашата исхрана честопати недостигаат т.н. добри бактерии – пробиотици!
Недоволниот внес на пробиотици може да резултира со низа проблеми – од дијареја или запек, стомачни тегоби, метаболички проблеми и дебелина, па до пад на имунитетот и зачестени појави на инфекции и алергии. Внесувањето квалитетни пробиотици, во соодветна доза и доволно долго, предизвикува пред сѐ стабилизација на цревната микрофлора и метаболизмот. Колонизацијата на цревата со добри бактерии ги спречува штетните дејства на патогените, а од друга страна специфични соеви пробиотици го стимулираат имунитетот и директно ги инхибираат штетните бактерии. Да не заборавиме и дека пробиотиците денес се нераскинлив партнер на антибиотиците при антиинфективна терапија, бидејќи докажано ги намалуваат нивните несакани дејства, а пред сѐ антибиотски асоцираната дијареја.
Поради сето ова во последниве дваесетина години се случува буквално револуција во примената на разновидни пробиотски комбинации во прехранбените производи, додатоците во исхраната и лековите, а подрачјата на примена на пробиотиците постојано се прошируваат. Во морето пробиотски производи на пазарот важно е да сме добро информирани за да направиме правилен избор и на тој начин да го унапредиме нашето здравје. Изборот на пробиотската комбинација зависи пред сѐ од нејзината намена. Генерално, доколку ги применуваме пробиотиците превентивно, за да го засилиме нашиот стомачен и/или општ имунитет или за да го подобриме нашиот метаболизам, најсоодветни се комбинации на повеќе типови млечно-киселински бактерии (Lactobacillus rhamnosus, Lactobacillus acidophilus, Lactobacillus casei, Bifidobacterium lactis), пребиотик (инулин), витамин Ц, витамин Д и цинк. Притоа пробиотиците треба да бидат во количество од најмалку 1 милијарда во доза, а присуството на пребиотик е клучно за тие соодветно да се размножат во организмот.
Витамините Ц, Д и минералот цинк, меѓу другото, силно го активираат нашиот имунитет и така имаат комплементарно дејство со пробиотиците. За да имаме соодветен ефект, пожелно е овие комбинации да се користат најмалку три месеци. Истата комбинација треба да се користи и за спречување т.н. патничка дијареја, при што најдобро е да почнеме со земање на пробиотиците две недели пред одење на одмор, да ги земаме за време на одморот и да завршиме со терапијата две недели по одморот.
Од друга страна, доколку ги користиме пробиотиците во терапевтски цели (заедно со антибиотици или при дијареја), најделотворни се пробиотици од типот Saccharomyces boulardii, најдобро е во комбинација со други млечно-киселински бактерии и орални рехидратациски соли (ОРС). На овој начин ќе извршиме соодветна рехидратација на организмот, што е клучна терапевтска и прехранбена цел, а како бонус овие пробиотици можеме да ги користиме и истовремено со антибиотската терапија, бидејќи Saccharomyces boulardii е габа и, како таква, е природно отпорна на сите антибиотици. Притоа пробиотиците треба да ги користиме додека трае антибиотската терапија и две недели по нејзиниот престанок, за комплетно да се регенерира нормалната цревна микрофлора.
Генетските предиспозиции и негрижата за сопственото здравје водат кон хипертензија, која бара доживотно лекување!
За повеќето од читателите, веројатно, е познат податокот дека речиси 50 проценти од сите заболувања отпаѓаат на болестите на кардиоваскуларниот систем. Притоа примарна индикација кај најголем дел од пациентите е покачениот крвен притисок или т.н. хипертензија. Проблемот со хипертензија станува особено фреквентен кај мажите над 40 години и кај жените над 50-та, a кај добар дел од пациентите, кои не вршат редовни прегледи, се случува и неколку години да живеат со покачен крвен притисок и навидум да не воочуваат никакви симптоми.
Сепак, мора да бидеме свесни дека покачениот крвен притисок, со вредности над 140 ммХГ (систолен) со над 90 ммХГ (дијастолен) притисок, на долг рок носи значајни оштетувања на сите клучни органи: срцето и крвните садови, мозокот, бубрезите и очите со краен ризик од срцев или мозочен инфаркт. Затоа основна терапевтска цел е одржување на крвниот притисок под 140/90 ммХГ, а за дијабетичарите под 130/90 ммХГ.
За зачувување нормални вредности на крвниот притисок од особена важност е да практикуваме здрав животен стил уште од раната младост. Пред сѐ, потребно е да имаме контролиран внес на сол (до 3г/ден, бидејќи е штетен за бубрезите), да бидеме физички активни (барем 30 минути/ден) и да одржуваме нормална телесна тежина, добро да го менаџираме стресот, да исклучиме употреба на никотин и умерено да консумираме алкохолни пијалаци. Сепак, во голем број случаи, поради недоволна грижа за сопственото здравје во комбинација со присутни генетски предиспозиции, огромен број од нас доаѓаат во ситуација да им биде дијагностицирана хипертензија.
Во оваа ситуација следува долготрајна (читај – доживотна) терапија со антихертензивни лекови и тоа: АКЕ- инхибитори, блокатори на Ca-канали, диуретици, сартани или бета блокатори, а во чести ситуации и нивни различни комбинации. Со оглед на тоа што тековните тераписки упатства велат дека кај пациентите под 55 години прва линија на терапија се т.н. АКЕ-инхибитори, ќе посветам малку повеќе внимание на некои клучни податоци врзани со овие фреквентно пропишувани лекови.
АКЕ-инхибитори (еналаприл, лизиноприл, рамиприл, трандолаприл) се инхибитори на ангиотензин конвертирачкиот ензим со што спречуваат настанување на ангиотензин 2, кој е клучен за појава на покачен крвен притисок, но и за оштетување на органите. На овој начин со долготрајна примена на АКЕ-инхибитори не само што го одржуваме под контрола крвниот притисок туку и вршиме органопротекција и на 2 начина го намалуваме ризикот од срцев или мозочен удар. Клучен момент од терапијата е дефинирање на соодветна доза на лекот (или комбинацијата), која ќе обезбеди одржување на крвниот притисок во нормални вредности, за што е важна добра соработка меѓу пациентот и лекарот како и дисциплина во примањето на терапијата, и редовна контрола на притисокот од страна на пациентот. АКЕ-инхибиторите не се симптоматски лекови и не смеат да се прекинуваат ако се почувствуваме подобро бидејќи проблемот ќе се врати. Во периодот на почетно дефинирање на терапијата треба да се внимава и на хипотензијата (преголем пад на крвниот притисок), која може да биде опасна по живот, а може да се случи при првата терапија со некои антихипертензиви. Пациентите треба да знаат и дека чест несакан ефект од употребата на АКЕ-инхибиторите е појава на сува, непродуктивна кашлица, која е од преоден карактер, но доколку прави проблеми можеби ќе биде потребно лекарот да го промени АКЕ-инхибиторот со друга генерика или да користи друга група антихипертензивни лекови. Пациентите треба да внимаваат и на појава на алергиски реакции или т.н. ангиоедем (оток на лицето, јазикот, грлото, гласните жици) и во ваква ситуација итно да го прекинат користењето на лекот и да се јават на лекар.
За крај, пациентите со хипертензија треба да имаат предвид дека со стареењето може да дојде до промена во одговорот на организмот кон лековите што ги земаат, поради што треба да ги почитуваат препораките за здрав животен стил и редовно да го контролираат својот притисок, а по потреба да побараат лекарска консултација за корекција и оптимизација на антихипертензивната терапија.
Авторот е м-р по фармација и топедукатор