За најголем дел од нас летните одмори завршија, иако секако ќе се обидеме да искористиме уште по некој убав сончев викенд за морски, езерски, планински туризам или можеби популарниот city break J. Сепак, иако во најголем дел сме одморени, релаксирани и со сеуште присутна потемнета кожа, веќе мора сериозно да се припремаме за предизвиците кои ни ги носи месец септември а пред се стартот на школската година а понатаму и крајот на летото и почетокот на есента. Септември не е само ‘’скап’’ за нашиот џеб поради зголемените потреби на учениците и подновување на есенската гардероба туку и носи специфични ризици имунитетот на целото семејство а пред се на нашите деца. Во септември повторно се враќаме на живот во затворен простор, сончевите часови се намалуваат, наутро и навечер е студено а во тек на денот топло, што ни отвара опасност од настинки кои може да добијат непосакуван тек. Не случајно, како по правило, веќе по првите 2-3 недели од училишната година рапидно се зголемуваат стомачните и респираторните заболувањата кај децата но и кај општата популација.
Токму затоа особите подложни на заболувања, а особено децата кои посетуваат градинка или училиште, треба во овој период да работат на постапно зајакнување на имунитетот. Во тоа може да помогне правилната и добро избалансирана исхрана, која во комбинација со физичката активност и соодветна витаминско-минерална суплементација е клучна за развој и одржување на имунолошкиот систем. Овде пред се мислам на секојдневен внес на свежо сезонско овошје и зеленчук (јаболки, круши, грозје, портокал, морков, пиперки, домати) во количини од 300-400грама. На овој начин ќе го снабдиме организмот со витамин Ц кој има силно антиоксидативно дејство, ги неутрализира штетните дејства на слободните радикали и го намалува заморот и исцрпеноста. Важно е редовно да се внесува и олигоелементот Цинк – во дози од 10мг дневно, бидејќи учествува во изградбата на лимфоцитите со што директно го засилува имунолошкиот систем. Важно е дополнително да суплементираме пробиотици, кои го чуваат интегритетот на најголемиот имунолошки орган во телото – цревната микрофлора и на тој начин го засилуваат општиот имунитет и спречуваат бројни стомачни и други заболувања. Од друга страна би требало да го ограничиме внесот на шеќер, слатки и газирани пијалоци, кои не само што се ризик фактор за дебелина и дијабет туку се и храна за многу патогени.
Посветете внимание на добрата хигиена и миењето на рацете со антибактериски сапуни, особено кај децата кај кои е важно да се створи навика за темелно миење на рацете бидејќи тие се најчестиот пат за влез на штетни микроорганизми. И најважно од се доколку детето има симптоми на болест- не го носете во училиште или градинка. На тој начин не само што ги изложувате останатите деца на ризик туку и болеста на Вашето дете може да се влоши и да добие непосакуван тек!
Comments