top of page
Green Juices

Што точно значи терминот „Фармакоекономија“ и зошто е важна за Македонското здравство?​

 

Верувам дека големо мнозинство од пациентите и здравствените работници би посакале поголема достапност на модерни терапии во Македонија. Иако овој проблем е многуслоен и оваа колумна нема за цел а го реши, поголема примена на фармакоекономскиот пристап дефинитивно може значајно да ја унапреди нашата ‘’застарена’’ позитивна листа на лекови.

Терминот „фармакоекономија“  за многумина е нејасна, па дури и помалку „страшна“ зборовна кованица. Што всушност значи фармакоекономијата и зошто е важно да ја разбереме?

На едноставен јазик, фармакоекономијата е наука која ги  мери трошоците за лекување и што прецизира што добиваме за вложените пари. Таа ги анализира врските помеѓу цената на лековите и терапиите, и здравствените резултати што ги постигнуваме со нив.

Целта не е само да се „намали трошокот“, туку да се види каде е најдобро да ги вложиме нашите ограничени здравствени ресурси, за да се подобри здравјето на што е можно повеќе луѓе.

📝 Мал факт:
Во развиените земји, до 30% од здравствениот буџет оди за лекови. Во Македонија, оваа бројка се движи околу 15% , но со вклучувањето на иновативни терапии, очекувано е да расте.

Во Македонија, каде здравствениот буџет е, благо речено, ограничен, ова станува особено важно. Замислете ако одреден нов лек чини десет пати повеќе од постоечките, а нуди само минимално подобрување на здравјето.

Дали е оправдано тогаш државата да го плаќа, ако со тие исти пари би можеле да лекуваме многу повеќе пациенти со други терапии со слична ефикасност?
Токму на овие прашања одговара фармакоекономијата.

📊 Знаевте ли дека?
Некои нови онколошки терапии достигнуваат цена од над 100.000 евра по пациент годишно, што претставува огромен товар за секоја здравствена каса.

Фармакоекономијата користи различни методи како:

  • анализа на трошок и ефект (cost-effectiveness),

  • анализа на квалитетот на животот (QALY)
    и други алатки за да одреди колку „вредат“ лековите.

Но уште поважно, таа помага да се направи баланс помеѓу иновативноста и достапноста — да не се случи да имаме најмодерни терапии на хартија, а пациентите да останат без нив бидејќи здравствениот фонд не може да ги покрие и истите да мора да се платат од свој џеб (како што за жал е честа пракса кај нас).

🧮 Брз пример:
Еден QALY (quality-adjusted life year) се користи за да се измери добиената година живот со добар квалитет, и е метод кој помага да се споредат различни терапии.

Во нашата земја, фармакоекономски пристап сè уште се применува скромно а листата на достапни модерни терапии е ‘’тенка’’. Со оглед на тоа што се појавуваат нови, сè поскапи биолошки и генски терапии, ќе мора да ја ставиме фармакоекономијата во сржта на нашето планирање.

Само така ќе обезбедиме правична распределба на ресурсите, каде секој пациент ќе добие соодветна шанса за лекување, а здравствениот систем нема да колабира под тежината на енормните трошоци.

⚠️ Бројка за размислување:
Во иднина, се очекува лекувањето со генска терапија да чини помеѓу 300.000 и 2.000.000 евра по пациент, што без фармакоекономија може да го загрози целиот буџет за лекови.

Фармакоекономијата не значи штедење на сметка на здравјето, туку паметно инвестирање во оние терапии кои ќе придонесат за подобро здравје за што поголема група на наши граѓани. Тоа е патот кон посилен, поправичен и поефикасен здравствен систем кој ќе може да донесе многу подобар квалитет на живот на пациентите во иднина.

Фармакоекономија за почетници: Како се мери вредноста на лековите?

Целта на секој сериозен здравствен систем е да обезбеди што повеќе модерни лекови — и за хронични болести, и за онколошки, и за ретки состојби. За жал македонската реалност е дека здравствениот буџет е ограничен, а новите терапии често носат и енормни трошоци, меѓу останатото и поради фактот што сме мал пазар со низа специфични ограничувања.  Токму затоа сè повеќе се зборува за фармакоекономија.

Што точно значи тоа, и како се „мерат“ лековите за да се одреди дали се вредни за парите што ги плаќаме?

Фармакоекономијата е наука која се обидува да одговори на прашањето:

Колку плаќаме за лекувањето и што добиваме за тие пари?

Таа ги споредува трошоците на една терапија со здравствените резултати што ги дава, за да се донесе одлука кои лекови навистина носат најголема корист за пациентите и општеството.

📊 Знаете ли дека?
Поефтина кутија од еден лек не значи и автоматска заштеда на системот. Клучен фактор е што добиваме за вложените пари во смисла на здрав и општествено корисен пациент.

🧮 Како се мери вредноста на лековите?

Фармакоекономијата користи неколку пристапи и формули.

Еден од најчестите е анализа на трошоците во однос на постигнатиот ефект (cost-effectiveness analysis). Со неа се гледа колку чини да се постигне одреден здравствен резултат — на пример, да се спречи срцев удар или да се продолжи животот за една година.

Друг, сè почесто користен метод е т.н. QALY (Quality-Adjusted Life Year). Тоа е мерка која кажува колку дополнителни години живот со добар квалитет, се добиваат благодарение на една терапија.

Анализата на минимизација на  трошоците (Cost-minimization analysis) се користи кога две или повеќе терапии имаат приближно ист ефект, па се анализира која е поевтина. На пример, ако два лека подеднакво ја намалуваат болеста, но еден е значително поевтин, тој ќе се избере.

🧮 Мал пример:
Ако нов лек чини 10.000 евра и обезбедува дополнителна година живот со добар квалитет (1 QALY), трошокот е 10.000 евра по QALY. Ако друг лек чини 50.000 евра а дава само 3 месеци  подолг живот со добар квалитет, тогаш истиот е многу помалку „исплатлив“.

⚖️ Зошто е ова важно за Македонија?

Во земја со ограничени средства, како што е Македонија, фармакоекономскиот пристап е клучен за да се обезбеди што повеќе пациенти да добијат соодветна терапија.

На овој начин се спречува ситуација кога скапите терапии ќе го проголтаат целиот буџет, а за останатите пациенти ќе нема средства. За жал, ова не е само теорија — многу ретки болести бараат терапии што чинат стотици илјади евра по пациент, а без фармакоекономски филтер, здравствениот систем може да колабира. Од друга страна без унапредување на листата на лекови со нови терапии ние во суштина штедиме, туку напротив – предизвикуваме индиректна штета преку долготрајно и честопати некомплетно лечење на пациентите што во суштина е најскапо или ги префрламе трошоците на џебот на самите пациенти, што е нехумано.

🚨 Бројка за размислување:
Некои нови онколошки лекови достигнуваат цена од над 100.000 евра по пациент годишно. Без внимателно планирање, овие трошоци можат да „го изедат“ буџетот за сите други лекувања.

🏥 Заклучок: Паметно трошење = повеќе здравје

Важно е да се разбере дека фармакоекономијата не значи штедење на сметка на здравјето, туку паметно инвестирање на секој денар, за да може здравствениот буџет да обезбеди:

✅ подобар квалитет на живот,
✅ подолг животен век,
✅ повеќе лекувани пациенти.

Тоа е единствениот пат да изградиме здравствен систем кој ќе биде во согласност со современите тераписки трендови.

 

 

Цена или Вредност: Што е поважно за здравствениот систем?

 

Во секој бизнис постои јасна разлика помеѓу цената и вредноста која се добива за истата. Истото важи и во здравството, каде што оваа дистинкција може буквално да значи живот или смрт. Кога здравствените системи – особено оние со ограничени ресурси како македонскиот – се соочуваат со одлуки кои лекови и терапии да ги вклучат на листата на ФЗОМ (читај финансираат), прашањето секогаш гласи:

„Дали се фокусираме на цената на терапијата, или на нејзината вистинска вредност?“

Одговорот не е едноставен, но е клучен за иднината на здравственото финансирање и здравјето на пациентите.

🎯 Цена: Првата, но не и најважна метрика

Цената на лекот е првата бројка што ја гледаат финансиерите и менаџерите во здравствениот систем. Таа е лесна за мерење, директна и видлива во тендерските набавки во болниците, трошоците за лековите на позитивната листа и др. Но цената сама по себе не кажува ништо за клиничката ефикасност, квалитетот на живот што го нуди или долгорочните заштеди што може да ги донесе избраната терапија.

📌 Краток пример од пракса:

Еден нов лек за дијабетес може да чини 3 пати повеќе од постојната терапија, но да резултира со 50% помалку компликации, ампутации и болнички денови. Кој лек во оваа ситуација е навистина „евтин“?

💡 Вредност: Широка слика која долгорочно дава резултати

Вредноста на терапијата вклучува многу повеќе од цената:

  • Колку животи спасува?

  • Колку го продолжува животниот век на пациентите?

  • Дали го подобрува квалитетот на животот?

  • Колку ја намалува потребата од хоспитализации, операции или други интервенции?

  • Колку денови пациентот останува продуктивен (на работа, во семејството, во општеството)?

Во деловна терминологија – вредноста е вкупната повратна добивка на инвестицијата во лекување (health ROI).

📊 Факт:

Истражувањата покажуваат дека современите терапии кои на прв поглед се „скапи“, честопати водат до намалување на вкупните трошоци по пациент во период од 3–5 години.

🇲🇰 Реалноста на македонското здравство

Македонскиот здравствен систем функционира со ограничени средства, постојан притисок од јавноста да се задоволат потребите на пациентите со хронични болести и недоволна модернизација на позитивната листа. Во таков амбиент, се наметнува искушението да се избираат најевтините лекови, но тоа ретко се покажува како најпаметна стратегија.

Краткорочно: буџетот изгледа стабилен (читај под контрола). Во пракса пациентите се повеќе плаќаат од својот џеб за современи терапии кои не се на позитивната листа или користат приватно здравствено одигурување (т.е. повторно плаќаат двојно!!!).
Долгорочно: пациентите почесто се хоспитализираат, добиваат трајни оштетувања, се губи продуктивноста – а здравствените трошоци растат.

💬 Наше секојдневие:

Евтиниот лек што не делува доволно добро е всушност најскап – затоа што не ја решава здравствената потреба и генерира нови трошоци.

🧮 📌 Заклучок: Вистински трошок е оној што не носи резултат

Точно е дека иновативните терапии на почетокот се поголем трошок. Но, фармакоекономските анализи покажуваат дека ако се изберат паметно – според вредноста која ја носат,а  не според цената – тие можат да донесат и подобри резултати за пациентите и помали трошоци за целиот здравствен систем.

Во овој процес клучни се:

  • анализи на QALY (quality-adjusted life year),

  • cost-effectiveness студии,

  • и health technology assessment (HTA) тела, кои се стандард во ЕУ.

Во време кога здравствените системи се под притисок, а иновациите напредуваат со забрзано темпо, стратегијата на „најефтиното е најисплатливо“ мора да стане минато.

Цената може да биде бројка во тендер, но вредноста (читај ефектот) е вистинскиот индикатор на успехот.

За Македонија да гради одржливо и современо здравство, мора да инвестира не таму каде што е најевтино, туку таму каде што се добива најмногу – за пациентите, за буџетот и за иднината на нацијата.

Дали поевтин лек секогаш значи полошо лекување?

 

Кога ќе слушнеме дека одреден лек е поевтин од другиот, инстинктивната реакција често е искажување на скепса:
„Зошто е толку евтин?“„Дали е помалку квалитетен?“, „Дали е еднакво ефикасен?“,
Но дали пониската цена навистина значи и полошо лекување?

Во оваа колумна ќе разгледаме зошто поевтиниот лек не мора секогаш да биде лош избор – но и во кои ситуации навидум „поевтиното“ може да излезе многу поскапо на долги патеки.

Разлика меѓу цената и вредноста на лекот

Цената е паричниот износ што се плаќа за лекот. Вредноста, пак, е она што пациентот и системот го добиваат за тие пари:

  • ефикасност,

  • безбедност,

  • практичност на употреба (важно за долгорочната комплијанса на пациентот),

  • и долгорочен позитивен ефект врз здравјето.

Практично инфо:

Поевтин лек може да биде одличен избор ако е ефикасен и добро се поднесува од страна на пациентот. Класичен пример: примена на генерички лек наместо оригинатор.
Но ако терапијата не делува или предизвикува несакани ефекти, тогаш вистинската цена – и за пациентот и за системот – расте експоненцијално.

Генерички лекови – честа тема на недоверба

Во многу случаи, поевтините лекови се генерички еквиваленти – исти активни супстанции, иста форма, но произведени од друг производител по истекот на патентот на оригиналниот лек (оригинатор).

Сепак мора да се знае дека, генеричките лекови минуваат низ строги регулаторни проверки, со кои се потврдува: биоеквиваленција со оригиналниот препарат, што во пракса подразбира ист ефект на активната супстанција на лекот и добар безбедносен профил на лекот.

Забелешка:

Во развиените здравствени системи, над 80% од користените лекови се генерици, со цел да се намалат трошоците без притоа да има компромис за квалитет на лековите.

Кога поевтиниот лек станува скапа грешка?

И покрај сето наведено, има случаи кога избирањето на најевтиниот лек може да се покаже како проблематично:

  • ако има слаба апсорпција кај одредени пациенти,

  • ако пациентот има алергиски реакции на некои помошни супстанции,

  • или ако не се зема предвид ефикасноста во реалната клиничка пракса.

Некои болести – како епилепсија, трансплантациски процедури, одредени онколошки или психијатриски состојби – бараат прецизно терапевтско следење, каде дури и мали варијации може да направат разлика. Во такви случаи, „поевтиното“ носи ризици.

Факт:

Истражувања покажуваат дека пациентите кои се често префрлувани од еден на друг генерик, покажуваат недоверба кон лекарите и имаат намалена комплијанса кон терапијата и, што го зголемува ризикот од влошување на болеста.

Македонски контекст

Во Македонија, со години наназад, со цел да се ‘’одбрани’’ ограничениот здравствен буџет, најголем број на болници и институции како единствен параметар во тендерските постапки ја имаат најниската цена (се разбира за ист лек)!?!.
Тоа, иако е разбирливо од буџетски аспект, во пракса често доведува до:

  • честа промена на добавувачи/брендови,

  • нестабилен/неурамнотежен квалитет на лековите,

  • и недоверба и фрустрација кај лекарите и пациентите.

Системот мора да почне да гледа и кон терапевтската вредност и долгорочната исплатливост, не само кон иницијалната цена.

Пример:

Замена на иновативен лек за астма со поевтин генерик, кој на пример има инхалатор со поинаков механизам на апликација може да доведе до лошо користење од страна на пациентите. Ефектот- повеќе напади, итни интервенции – и повисоки трошоци на крајот на денот.

Заклучок

Поевтиниот лек не е автоматски полош, но не секогаш е најисплатливиот избор.
Паметното здравствено управување значи:

  • анализа на цена во однос на вредноста на терапијата,

  • следење на исходите од терапијата во пракса,

  • и грижа за конзистентност и квалитет кај крајниот корисник – пациентот.

Клучна порака:

Поевтиниот лек е добар избор – само кога не ја загрозува ефикасноста, сигурноста или долгорочниот исход. Во спротивно, станува најскапата можна грешка.

Во здравствениот систем, како и во бизнисот, никој не сака да плаќа повеќе од потребното. Но исто така – никој не сака да вложи во производ што не носи резултат.

Затоа, политиката „најниска цена по секоја цена“ мора да се напушти.
Мораме да преминеме кон модел на вредносно базирано здравство, каде поевтин лек е добредојден, но само ако нуди резултати. Тоа е одговорност и кон буџетот, и кон пациентот.

Зошто некои иновативни лекови не доаѓаат во Македонија?

„Зошто некои современи и иновативни лекови кои спасуваат животи, достапни во другите земји, едноставно ги нема во Македонија?“ Ова прашање, за жал, често го поставуваат пациентите, но и луѓето од бизнис заедницата кои разбираат дека здравјето директно влијае и врз продуктивноста на економијата воопшто.

Одговорот не е едноставен, но во оваа колумна ќе се обидам да ги опфатам клучните фактори кои ја диктираат достапноста на новите терапии во нашата земја.

Високата цена – главна пречка

Најчестата причина поради која иновативните терапии не стигнуваат до Македонија е едноставна – нивната исклучително висока цена. Многу од новите биолошки и генски терапии чинат од 50.000 до 2.000.000 евра по пациент годишно. Овие цени го надминуваат годишниот буџет на цели одделенија во нашите болници.

Инфо од пракса:

Само еден пациент со генска терапија може да го „исцрпи“ буџетот кој во нормални услови би бил доволен за лекување на стотици други пациенти.

Лимитиран здравствен буџет и проблематичен финансиски модел

Македонија располага со ограничен здравствен буџет, кој не е флексибилен за брзо и едноставно воведување на нови терапии. Додека развиените земји користат модели за преговарање на цена базирана на исходи од терапијата (outcome-based pricing), ние најчесто сме врзани за фиксни тендерски постапки со нагласок на најниската цена.

Тоа во пракса значи дека иновативните лекови остануваат надвор од позитивната листа, бидејќи системот ги игнорира нивните долгорочни придобивки, а ги гледа само краткорочните буџетски импликации.

Недостаток на фармакоекономски анализи и HTA

Во светот, влезот на новите лекови на пазарот е придружен со детални фармакоекономски анализи и health technology assessment (HTA) кои ја оправдуваат нивната вредност и ја потврдуваат долгорочната исплатливост.

Во Македонија, за жал, сеуште не се прави редовна детална економска анализа која би помогнала да се процени вистинската вредност на лекот, а не само цената. Тоа е сериозна системска слабост која ги одвраќа производителите од нашиот пазар.

Забелешка:

Во недостаток на фармакоекономски проценки, наједноставно е иновативниот лек да се отфрли како „прескап“.

Регулаторни и административни бариери

Дури и кога компаниите сакаат да донесат нов лек, често се соочуваат со административни пречки:

  • специфични регулаторни барања,

  • нејасни критериуми за позитивната листа и влез на тендерските листи,

  • ограничен дијалог со здравствените институции.

Ова го обесхрабрува инвестирањето во пазарот кој и без тоа е релативно мал.

Заклучок

Иновативните лекови не се луксуз, туку често единствената надеж за пациентите. Но, нивната достапност не зависи само од цената, туку и од спремноста на здравствениот систем да се модернизира, да воведе рационални фармакоекономски модели и да инвестира долгорочно.

Тоа не е само медицинско, туку и економско прашање кое бара сериозен пристап. Без промени, Македонија ќе остане настрана од најновите медицински достигнувања, што долгорочно ќе ја чини далеку повеќе од тоа што денес го заштедуваме со невнесување на иновативните лекови.

Како да се процени дали новиот лек вреди за вложените пари?

Кога здравствените системи се соочуваат со ограничени буџети и растечки трошоци за иновативни лекови, прашањето како да се процени дали една терапија вреди за вложените средства станува критично. Во овaа колумна ќе дискутираме за клучните чекори и методи кои помагаат при носењето на овие важни одлуки.

Што значи „лекот да вреди за парите“?

Едноставно кажано, лекот вреди за парите кога неговите здравствени придобивки ги надминуваат вложените финансиски средства. Оваа проценка бара темелна и детална анализа која оди подалеку од едноставното споредување на цената.

Фармакоекономските анализи – основен инструмент

Фармакоекономијата користи специфични методи за проценка на вредноста на лековите:

  • Cost-effectiveness анализа (CEA) – споредување на цената на лекот со клиничките резултати (на пример, спасени животи, намален број на хоспитализации).

  • Cost-utility анализа (CUA) – проценка на квалитетот на живот што лекот го носи (мерено преку QALY – Quality-Adjusted Life Year).

  • Cost-benefit анализа (CBA) – директно споредување на финансиските придобивки од лекувањето во однос на трошоците за терапијата.

 

Што треба да содржи добра фармакоекономска анализа на практичен пример на лекот: Resmetirom (Rezdiffra)

Дали внесување на иновативниот лек Resmetirom (Rezdiffra) за лекување на нециротичен неалкохолен стеатохепатитис (NASH) со умерена до напредна фаза на лузни на црниот дроб би вредело за вложените пари?

За да одговориме на ова, неопходно е да се спроведе детална фармакоекономска анализа:

  • Клиничка ефикасност: Resmetirom покажува потенцијал за намалување на фиброзата на црниот дроб, што значително би ја намалило прогресијата кон цироза и потребата за трансплантација.

  • Безбедносен профил: Има добар безбедносен профил со минимални сериозни несакани ефекти.

  • Економски импакт: Со намалување на прогресијата на болеста, лекот би ги намалил долгорочните трошоци за третман на компликации како трансплантација и долготрајни хоспитализации.

  • Пациентски исходи и квалитет на живот: Подобрениот исход и намалени компликации значително би го подобриле квалитетот на животот на пациентите.

Според овие параметри, воведувањето на Resmetirom би можело да се покаже како економски оправдано, и покрај почетно високата цена.

Како Македонија може да го подобри овој процес?

  • Воведување на HTA агенција – за објективна и детална проценка на сите нови терапии.

  • Зголемување на транспарентноста и дијалогот со фармацевтските компании – за полесно договарање на прифатливи и фер цени.

  • Користење на договори базирани на исходи (outcome-based contracts) – каде лековите ќе се плаќаат според постигнатиот здравствен ефект.

 

Заклучок

Вложувањето во нови терапии не треба да се гледа само низ призмата на краткорочните трошоци, туку и низ призмата на долгорочните здравствени и економски придобивки. Само преку систематска и професионална проценка на вистинската вредност на лековите, Македонија ќе може да обезбеди фер и одржливо здравство, каде секој вложен денар носи максимални придобивки за пациентите и за целото општество.

Превенцијата како најдобар фармакоекономски модел

Често слушаме дека „превенцијата е подобра од лекувањето“, но ретко размислуваме за економските придобивки од оваа стара, едноставна мудрост. Во реалноста, превенцијата не само што ја подобрува здравствената состојба на населението, туку е и најисплатлив фармакоекономски модел. Во оваа колумна, ќе зборуваме зошто превенцијата треба да биде приоритет на секој здравствен систем па и на македонскиот.

Зошто превенцијата е најисплатлива?

Превентивните мерки го намалуваат ризикот од заболувања, што значи дека трошоците за скапи и долготрајни лекувања драстично се намалуваат. Инвестицијата во превенција значи помалку болнички денови, помалку лекови (читај трошоци на ФЗОМ и пациентите), и поголема продуктивност кај населението.

Превенција и хронични болести

Хроничните болести како дијабетес, кардиоваскуларни заболувања и карциноми се најголеми потрошувачи на здравствени ресурси. Навремено и редовно спроведување на превентивни мерки – здрав начин на живот, редовни прегледи, вакцинација и рана дијагностика – може значително да ги намали овие трошоци.

Инфо од пракса:

Студиите покажуваат дека за секое евро вложено во превенција, се заштедуваат од 3 до 10 евра во лекување на хронични и акутни заболувања.

Кои се најефективните превентивни стратегии?

Најуспешните и економски најисплатливи превентивни стратегии вклучуваат:

  • Вакцинација – спречува појава на сериозни и потенцијално фатални болести, и ефективно значајно го намалува нивниот морбидитет и морталитет.

  • Скрининг програми (особено за карциномите)– овозможуваат рано откривање на болести, кога лекувањето е многу поевтино и поефикасно. Така не само што се зголемува стапката на преживување туку и значајно се подобрува квалитетот и должината на животот.

  • Здравствена едукација – зголемување на свеста и промовирање на здрави животни навики кај граѓаните. Критична точка во Македонија имајќи го во предвид ниското ниво на здравствена (и друга) свест на мнозинството од населението.

 

Македонскиот контекст и неопходни промени

Македонија треба да ја подобри својата стратегија за превенција преку:

  • Дополнителни инвестиции во национални скрининг-програми – особено за рак на дојка, грло на матка, бели дробови, простата и дебело црево.

  • Посеопфатна и континуирана едукација за здрав начин на живот – преку јавни кампањи и образовни програми уште од претшколска и школска возраст и понатаму во работните организации.

  • Унапредување на вакциналниот процес – подобрување на стапката на вакцинација преку прецизна и транспарентна комуникација за ефектите и нус појавите, и поголема достапност на податоци за сите граѓани.

 

Превенцијата бара промена во размислувањетo

Главниот предизвик кај нас е тоа што превенцијата бара промена во пристапот – од реактивен (лекување кога болеста веќе настанала) кон проактивен (спречување на болеста пред да се појави). Ова подразбира долгорочно планирање и инвестирање, нешто што здравствените системи честопати го избегнуваат поради краткорочни буџетски притисоци.

Заклучок

Превенцијата е многу повеќе од медицински концепт – тоа е суштински економски и општествен модел. Македонија треба сериозно да инвестира во превентивните здравствени мерки како најдобриот начин за одржлив и економски исплатлив здравствен систем. На овој начин, не само што ќе ги заштедиме скапоцените здравствени ресурси, туку и ќе изградиме поздраво и економски поактивно население.

Колку ја чинат Македонија хроничните болести без соодветна терапија?

Замислете го македонскиот здравствен буџет како брод кој постојано пропушта вода. Хроничните болести се најголемите дупки во овој брод, а недоволната превенција, недостигот на модерна терапија и недоволниот здравствен персонал се главните причини зошто ситуацијата секоја година станува сè полоша. Прашањето кое треба да си го поставиме е: „Колку навистина нè чинат хроничните болести кога не ги лекуваме правилно?“

Скриените економски трошоци на хроничните болести

Хроничните болести, како дијабетес, кардиоваскуларните заболувања, хроничните респираторни состојби и канцерите, не се само здравствени проблеми, туку и економски. Без соодветна терапија, овие состојби резултираат во големи финансиски загуби за здравствениот систем и економијата во целина:

  • Зголемена потреба од хоспитализации и итна медицинска помош;

  • Повеќе боледувања и намалена продуктивност на работната сила;

  • Долгорочни компликации кои бараат дополнителни ресурси.

 

Инфо од пракса:

Во развиените земји, хроничните болести учествуваат со околу 70-80% од вкупните здравствени трошоци. Македонија не е исклучок, со оглед на тоа дека речиси две третини од здравствениот буџет се наменети токму за хронични состојби.

Долгорочните последици од несоодветната терапија

Недоволната или несоодветна терапија директно резултира во:

  • Прерана инвалидност и губење на работоспособноста;

  • Зголемување на потребата од социјална поддршка и пензиски давачки;

  • Пад на економската продуктивност на земјата.

На пример, ако не се контролира дијабетесот, се зголемува ризикот од ампутации, слепило, срцеви заболувања и бубрежна инсуфициенција, што генерира огромни трошоци.

 

Зошто Македонија не ги лекува хроничните болести соодветно?

Причините за недоволното третирање се повеќеслојни:

  • Ограничен здравствен буџет и недоволни ресурси за нови терапии;

  • Недостаток на здравствена едукација и свест за важноста на превенцијата, раната детекција и брзата интервенција при заболувањата;

  • Отсуство на стратешки план за справување со хронични состојби.

Ова не само што создава дополнителни здравствени компликации, туку долгорочно ја отежнува и економската стабилност на земјата.

Како може да се промени оваа ситуација?

Македонија мора да ја промени својата стратегија со:

  • Зголемени инвестиции во превенција и рана дијагностика;

  • Воведување на иновативни и ефикасни терапии кои долгорочно ги намалуваат вкупните трошоци;

  • Подобрување на здравствената едукација и подигање на свеста за хроничните болести.

 

Практичен пример:

Доколку навремено и адекватно се третира дијабетесот, годишните трошоци за лекување на компликации како ампутации и дијализа можат да се намалат и до 50%. Ова значи директни заштеди од милиони евра на ниво на целата држава.

 

Заклучок

Несоодветната терапија на хроничните болести не е заштеда, туку краткорочно размислување кое води кон поголеми долгорочни економски и општествени загуби. Време е Македонија да го препознае економскиот товар од хроничните заболувања и да преземе конкретни чекори за негово ублажување преку навремена, соодветна и ефикасна терапија. Само така може да изградиме здрав, стабилен и економски просперитетен систем за сите наши граѓани.

Вистинската цена на депресијата: фармакоекономски агол

 

Дали, во Македонија, депресијата е потценета како заболување?!?

Депресијата кај нас многу често се перцепира како „психолошки/ментален проблем“, но ретко се согледува нејзината вистинска медицинска и економска тежина. Од фармакоекономски аспект, депресијата е една од најскапите хронични состојби – не с

амо за здравствениот систем, туку и за целото општество. Прашањето кое мора да го поставиме е: Колку нè чини депресијата кога не ја третираме соодветно?

Скриениот товар на депресијата

Депресијата е болест со двоен товар: медицински и економски. Таа се карактеризира со многу чести релапси после ‘’излекувањето’’ и е една од водечките причини за инвалидитет во светот, одговорна за огромни индиректни трошоци:

  • Намалена продуктивност на работното место;

  • Чести отсуства поради боледување;

  • Прерано напуштање на пазарот на труд;

  • Поголеми ризици од самоубиство и поврзани здравствени компликации.

 

Инфо-бокс:

Светската здравствена организација проценува дека депресијата и анксиозноста ја чинат глобалната економија над 1 трилион американски долари годишно поради намалена продуктивност.

Македонија и регионалниот контекст

Иако нема конкретни македонски бројки за негативниот економски ефект од депресивните заболувања, знаеме дека околу една од три тинејџерки имаат симптоми на депресија во периодот после COVID-19 пандемијата. Овој висок процент сугерира дека ако истиот тренд се екстраполира и на возрасната популација, економските и општествените последици се многу сериозни.

Недоволната дијагностика, ограничениот пристап до современи терапии, недоволната комплијанса на препишаната терапија и многу често - криењето на проблемот поради страв од осудата на околината, значи дека голем број луѓе живеат и работат со нелекувана или слабо третирана депресија. Ова резултира со:

  • Зголемени трошоци за социјална поддршка и инвалидски пензии;

  • Ниска работна ефикасност;

  • Тешко мерливи, но значајни загуби за приватниот сектор и националната економија.

 

Зошто раната дијагностика и квалитетниот третман на депресијата  е исплатлива инвестиција?

Фармакоекономските анализи јасно покажуваат дека инвестицијата во рана дијагностика и современ третман на депресијата (фармацевтски и психотерапевтски) носи значајни заштеди. Правилниот третман значи:

  • Намалување на потребата од хоспитализации;

  • Намалување на бројот на денови на боледување;

  • Подобрување на квалитетот на живот и продуктивноста.

 

Статистичка забелешка:

Според студиите, за секое 1 евро вложено во третман на депресија, општеството добива поврат од 4 евра преку зголемена продуктивност и намалени здравствени трошоци.

Што спречува поголема терапевтска покриеност на депресивните епизоди во Македонија?

  • Стигма и недоволна свест кај населението;

  • Ограничен пристап до современи антидепресиви и психотерапија преку ФЗОМ;

  • Недоволна интеграција на менталното здравје во примарната здравствена заштита.

Овие фактори резултираат со тоа што најголемиот дел од економскиот товар на депресијата паѓа директно врз пациентите, нивните семејства и компаниите каде што работат.

 

Заклучок

Депресијата не е само медицински проблем – таа е и сериозен економски предизвик. Вистинската цена на депресијата не се гледа само во здравствениот буџет, туку и во изгубените работни часови, падот на продуктивноста и нарушената социјална кохезија.

Ако сакаме одржлив економски раст и здраво општество, современиот и сеопфатниот третман на депресијата не треба да се гледа како трошок, туку како најисплатлива инвестиција. Македонија мора да ја сфати депресијата сериозно – не само како здравствена состојба, туку како економски фактор кој го одредува нејзиниот развој.

Онкологија и буџет: Зошто раното откривање штеди милиони?

Раното откривање на канцер не е „луксуз“, туку здравствена и финансиска неопходност!

Канцер откриен во касна фаза е голгота за пациентот и семејството, која не би му ја посакале ни на најлошиот душман, и за жал многу често има фатален крај.

Колку чини систематско задоцнето откривање на канцер? Милиони евра, човечки страдања и животи. Од друга страна заштедата од  откривање на  канцерите во рана фаза е огромна.

Како еден близок пример кој ја потврдува оваа констатација ја земаме студијата за регионот на Војводина (Србија), каде е пресметано дека вкупниот економски товар од рак на дојка во 2019 е проценет на 15 милиони евра, што изнесува 0,12 % од регионалниот БДП (PMC). Од овие трошоци само 1 % отпаѓаат на скрининг, додека 66 % се индиректни трошоци (недостиг на продуктивност, боледувања, разни компликации)(PMCResearchGate).

Слично, во држави со развиени програми за скрининг, лечењето на пациенти со рана дијагноза за рак е 2 до 4 пати поевтино од лечење во понапредни, комплицирани фази (World Health Organization).

Студија за дигитална мамографија (Канада) проценила дека годишниот скрининг на пациентките од 40-74 години е многу исплатлив. Секоја спасена смрт од рак всушност значела заштедени:

25.501 CAD$ по избегната смрт

1.100 CAD$ по добиена година живот (life‑year) (JAMA Network).

Македонската перспектива — слична вредност, потенцијално уште посилен ефект

Македонија нема детална домашна студија, но логиката е недвосмислена: како и во Војводина, која има сличен број на жители и споредливи економски параметри, штетите од рак на дојка би биле околу 15 милиони евра.

Годишниот скрининг на пациентките од 40-74 години ќе биде исплатлив трошок  кој ќе придонесе за:

  • Помалку хоспитализации и скапи третмани.

  • Многу спасени животи и спречени семејни трагедии.

  • До  66 % помалку индиректна економска штета (пропуштени приходи, работоспособност).

 

Според тоа — што да може да направи Македонија по ова прашање?

  • Инвестирање во целосно покривање на скрининг-програми за рак на дојка, колоректален канцер, рак на грло на матка, канцер на простата, белодробен канцер и други.

  • Унапредување на системот за рана дијагностика во примарната здравствена заштита.

  • Изградба на економски модели (QALY, ICER) кои ќе потврдат колку заштеда носи секоја рано откриена канцерозна состојба.

  • Едукација за подигнување на здравствената свест (од најрана возраст а особено на работоспособната популација)— не е трошок, туку најдобра инвестиција.

 

Заклучок

Раното откривање на канцер не е опција, тоа е здравствен и економски императив. Во пракса, релативно исплатливо решение —скрининг и рана дијагноза — може да го реши најголемиот дел од економските загуби поврзани со онкологијата.

Во Македонија, инвестицијата во скриниг е најисплатливиот фармакоекономски модел кој ќе спаси животи, промени многу трагични судбини на граѓаните, и на крајот на денот ќе заштеди милиони од буџетот.

Биосимилари – шанса за поголема тераписка достапност или отворање на старо-нови дилеми?

Што се биосимилари?

Последните декади во фармацевтската индустрија се појави термин кој често предизвикува дискусии – биосимилари. Тоа се биолошки лекови кои се развиваат како „копии“ на оригиналните биолошки терапии чиј патент истекол. Но за разлика од класичните генерички лекови, кај биосимиларите зборуваме за многу посложени молекули, каде што целосна идентичност не е можна, туку единствено „висока сличност“ со референтниот лек.

Тука лежи и економскиот и медицинскиот предизвик – дали тие навистина носат огромни заштеди или отвораат старо-нови прашања за квалитет и доверба?

 

Економски потенцијал

Воведувањето на биосимилари на глобалниот пазар се проценува дека до 2030 година ќе донесе заштеди од повеќе од 300 милијарди долари за здравствените системи. Причината е јасна: оригиналните биолошки лекови се меѓу најскапите терапии, особено во онкологијата, ревматологијата и гастроентерологијата.

Во некои држави, цената на биосимиларите е и до 30-50% пониска од оригиналот.

Ова директно значи дека имаме достапност на терапија за повеќе пациенти за ист буџет.

Практичен пример што не смее да се игнорира

Во едно истражување од 2020-2021ва презентирано на годишниот состанок на Американското здружение за клиничка онкологија (jons-online.com), префрлањето од оригинални лекови кон нивни биосимилари довело до впечатливи заштеди:

  • Заштеда од 268,194 долари во период од 10 месеци при замена на rituximab со биосимилари (околу 27% заштеда)

  • Заштеда од 285,251 долари во период од 10 месеци при замена на bevacizumab со биосимилари (околу 19% заштеда)

  • Заштеда од 274,359 долари во период од 10 месеци при замена на trastuzumab со биосимилари (околу 18% заштеда)

Што значи ова?

Овој пример покажува реална економска добивка каде употребата на биосимилари, со приближно иста ефикасност и безбедност, резултира со значителен пад на трошоците. Тоа се средства кои можат да се пренаменат за други приоритетни области, повеќе пациенти, подобра терапија, повеќе иновации.

Старо-нови дилеми

Сепак, приказната не е толку едноставна. Биосимиларите отвораат и неколку клучни дилеми:

  • Квалитет и доверба – иако биосимиларите имаат докажана клиничка еквиваленција со оригиналниот лек, дел од лекарите и пациентите сè уште се скептични.

  • Заменливост –дали пациент кој веќе користи оригинален лек и има добри ефекти може безбедно и со иста ефикасност да биде префрлен на биосимилар?

  • Конкуренција и цени – дали навистина ќе се постигнат големи заштеди или производителите ќе држат високи цени поради ограничена конкуренција?

  • Маркетинг и перцепција –производителите на оригинатори често вршат притисок преку кампањи за „ризиците од замена“, што создава дополнителна несигурност.

Македонски контекст

Иако немаме точна домашна студија со конкретни бројки, логиката и доказите се јасни:

  • Македонскиот здравствен буџет е ограничен. Дури и 20% намалување на цените на биолошки терапии може да резултира со милионски заштеди.

  • Онкологијата и ревматологијата се меѓу најскапите сегменти. Биосимиларите нудат конкретно решение за да се зголеми опфатот на пациенти.

  • Примерот од странство е доказ дека биосимиларите немаат само теоретска, туку и практична вредност.

Заклучок

Биосимиларите не се само опција за заштеда, тие се стратегиска алатка за одржливост на здравствениот систем. Примерот од англиската онколошка пракса јасно покажува дека нема потреба за компромис — намалување на трошоците може да оди рака под рака со високо квалитетна грижа.

Затоа  вистинското прашање не е дали биосимиларите се иднината, туку дали ќе имаме капацитет да ја искористиме нивната вистинска вредност.

Што велат фармакоекономските анализи за дијабетесот во Македонија?

Дијабетес — економски товар кој не смее да се игнорира

Дијагнозата “дијабетес“ не зборува доволно за неговата реална цена. Од фармакоекономски агол, доживотното лекување, компликациите, изгубената продуктивност и системскиот товар го ставаат дијабетесот меѓу најскапите хронични болести.

Во Македонија дијабетесот е буквално во епидемиски бројки - преваленца над 11% (researchgate.net), или по последни податоци околу 140,000 заболени. Во Македонија, во 2015 година, просечниот трошок по лице со дијабетес (без компликации) беше околу 403 долари годишно (Wikipedia). Тоа значи дека секој дијабетичар троши значителни средства од буџетот—поврзани со интервенции, тестови, лекови и компликации (а има и многу индиректни и скриени трошоци).

Сериозни хипогликемии – скриен, но скапоцен издаток

Не само лековите и третманот, туку и компликациите носат значаен финансиски притисок.

Фармакоекономските студии покажуваат дека европските земји имаат значителни трошоци за третман на тешки хипогликемии (SHE). Македонија не е исклучок — годишните трошоци само за SHE достигнуваат 379.951 евра (PubMed). Ова е директен трошок, без да го земеме во предвид изгубениот работен ден или намалената продуктивност.

Превенција = инвестиција

Студиите ширум светот, јасно покажуваат дека раната дијагноза и третман на дијабетес — уште пред да дојде до хронични компликации , е фармакоекономски најисплатлива стратегија. Секое евро вложено во скрининг и рана, почетна терапија се враќа повеќекратно како резултат на превенција на компликации и скапи третмани.

Студија од Словенија, која има сличен број на жители како и Македонија, покажа дека годишните трошоци за дијабетес без компликации изнесуваат околу €520, но со компликации (како бубрежна инсуфициенција) се зголемуваат за €4.385 по пациент годишно (International Diabetes Federation).

Улога на бизнис секторот во борбата против дијабетесот и други хронични болести

Бизнис заедницата има директен интерес за здравјето на своите вработени и работоспособното население воопшто – затоа што здрав работник значи поголема продуктивност, помалку боледувања и пониски индиректни трошоци. Еве неколку практични мерки преку кои приватниот сектор може да биде вистински партнер:

  • Корпоративни програми за скрининг
    Компаниите можат да организираат редовни бесплатни тестирања/мерења за гликемија, масти во крвта, крвен притисок и телесна тежина/БМИ за своите вработени, во соработка со здравствени установи.

  • Поддршка на едукативни кампањи
    Финансирање или ко-спонзорирање на јавни кампањи за превенција на дијабетес, промоција на здрава исхрана и физичка активност.

  • Здрава работна средина
    Инвестиции во подобра исхрана на работното место (фокус на свежо овошје и зеленчук, помалку брза храна), фитнес иницијативи или субвенционирани спортски активности за вработените.

  • Јавно-приватни партнерства
    Заеднички проекти со институциите за развој на национални програми за превенција и рана дијагностика на дијабетесот.

 

Заклучок

Дијабетесот не е само здравствен предизвик — тој е и голем економски ризик. Фармакоекономските студии ја покажуваат вистинската цена на дијабетесот: можно е да биде многупати повисока ако не го третираме навремено.

Македонија мора да го разбере дијабетесот како економска тема — и да вложи таму каде што се дава највисока вредност: раната дијагноза, едукација, терапија и превенција.

Компаниите кои денес инвестираат во превенција и здравје на своите вработени, утре ќе имаат помалку трошоци за боледувања и поголема продуктивност. Тоа е инвестиција со највисок можен поврат.

Дали сиромашните пациенти плаќаат највисока цена?

Финансискиот товар на болестите

Во идеален свет, здравствената заштита би требало да биде еднакво достапна за сите — независно од приходите. Но реалноста, особено во земји со ограничен здравствен буџет како Македонија, е сосема поинаква. Секој пациент не плаќа иста цена за своето здравје.
Парадоксално, сиромашните пациенти често плаќаат највисока цена — и финансиски, и здравствено.

 

Економската неправда во здравството

Кога зборуваме за фармакоекономија, зборуваме за сооднос помеѓу цена, вредност и резултат. Но што се случува кога пациентот нема пристап до терапијата која дава најдобар резултат, бидејќи не може да си ја дозволи (не е на листата на ФЗОМ и мора да ја плати од џеб) или воопшто не е достапна во Македонија и регионот?

Сиромашните пациенти често се третирани со најевтините генерички лекови присутни на веќе застарената листа на ФЗОМ.

Кога овие терапии не се доволно ефективни, се јавуваат компликации, повторни хоспитализации и дополнителни трошоци – кои, иронично, ја прават целата „евтина терапија“ поскапа на долг рок.

Од друга страна, богатите пациенти имаат пристап до иновативни лекови, приватни клиники и персонализирана грижа. Разликата во здравствениот исход помеѓу овие две групи често е драстична.

 

Македонија под лупа

Македонскиот здравствен систем формално обезбедува универзален пристап, но практично се соочува со неколку хронични слабости:

  • Долги листи на чекање – пациентите со помалку средства не можат да си дозволат приватен третман и губат време кое чини здравје.

  • Недоволно покривање на иновативни/модерни терапии – многу современи лекови не се на позитивната листа на ФЗОМ.

  • Високи индиректни трошоци – превоз, изгубени работни денови, самоучество за дијагностика и контроли.

  • Ниска здравствена писменост – што доведува до доцна дијагноза и потешко лекување.

Според проценките на локални експерти, повеќе од 35% од домаќинствата во Македонија би се соочиле со финансиски стрес при потреба за скапо лекување на хронична болест.

 

Фармакоекономски парадокс и тешка реалност

На краток рок, системот се обидува да „заштеди“ преку ограничување на трошоците за лекови. Но на долг рок, тоа резултира со:

  • Поголеми трошоци за хоспитализација,

  • Поголеми инвалидитети и изгубени години живот,

  • Поголем товар врз фондот и врз економијата.

Тоа е класичен пример на „псевдо-ефикасност“: се штеди денес, а се плаќа двојно утре.

Сиромашниот пациент не плаќа само со пари.
Тој плаќа со време, со здравје, со изгубени години живот и со чувство на неправда.
Ако системот не прави разлика меѓу „најевтино“ и „највредно“, тогаш ја плаќаме сите – преку повисоки општествени трошоци, помала продуктивност и изгубен човечки капитал.

 

Што може да направи државата и приватниот сектор?

  • Воведување на модели за кофинансирање и фармакоекономска евалуација на нови терапии – каде државата плаќа само доколку лекот навистина даде резултат (value-based pricing).

  • Поддршка на домашни производители и генерички компании – за да се обезбеди пристапна, но современа терапија која ќе биде на позитивната листа.

  • Корпоративна одговорност во здравјето – приватниот сектор повеќе да вложува во превентивни програми и здравствено осигурување за вработените.

  • Зголемување на здравствената едукација – бидејќи информираниот пациент е најисплатлив за системот.

 

Заклучок

Во фармакоекономијата, „цена“ не е само тоа што го плаќаме на шалтер. Таа е комбинација од здравствени исходи, изгубени години живот и општествен товар.

И ако не направиме вистинска разлика меѓу цена и вредност, сиромашниот пациент ќе продолжи да ја плаќа највисоката цена — со сопственото здравје.

Колку ја чинат Македонија кардиоваскуларните болести?

Кардиоваскуларните заболувања (КВЗ) се водечки причинител за смрт и хронични болести низ целиот свет. Од фармакоекономски аспект, кардиоваскуларните заболувања не се само медицински, туку и општествен и економски проблем — влијаат на продуктивноста на вработените и стабилноста на здравствените фондови.

Оваа колумна се обидува да ја квантифицира „сметката“ за кардиоваскуларните заболувања во Македонија — користејќи јавни податоци, релевантни студии и анализи на можниот економски товар.

Со какви фармакоекономски податоци располагаме?

Трошоци за лекови

Според студија која ја анализира употребата на статини во Македонија, трошокот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) за статинска терапија се зголемил — во периодот 2013–2016, a рефундацијата за статински лекови достигнала €2.243.777.           ( PubMed+1 )

Преваленца и смртност

Во 2020 година, коронарната болест на срцето била причина за 4.420 смртни случаи, што е 19,23% од вкупните смртни случаи во земјава.( World Life Expectancy) Овој податок илустрира дека КВЗ не се маргинална закана  туку масивен дел од вкупниот број на смртни случаи.

Споредба со Европа

Во Европската унија, трошокот за КВЗ во 2021 достигнал €282 милијарди долари, што е еквивалентно на околу €630 долари по жител (вклучувајќи директни здравствени трошоци, долгорочна грижа и загуба на продуктивност). (PubMed+2NDPH+2 )Тоа се 11% од вкупните трошоци за здравство и социјални услуги. (NDPH+1)

Иако Македонија е земја  со понизок БДП, помал буџет за здравство и пониско ниво на услуги , ако ја примениме европската „цена по глава на жител“ пропорционално, добиваме индикација дека трошокот на КВЗ може да изнесува стотици милиони евра годишно.

Од што се состојат трошоците?

Кога зборуваме „колку чинат КВЗ “, мора да разграничиме:

  • Директни трошоци — лекови, хоспитализации, интервенции, дијагностика.

  • Инди­ректни трошоци — загубена продуктивност, отсуства од работа, инвалидитет.

  • Социјални трошоци — грижа од роднини, транспорт, дополнителни здравствени услуги.

Европските студии, потврдуваат дека падот на продуктивноста (отсуства, инвалидитет) често сочинува значаен дел од товарот на КВЗ. (Oxford Academic+2PubMed+2)

Проекција: „Што ако земјата троши по ЕУ-стандарди?“

Да направиме сценарио според кое Македонија ќе достигне ‘‘европски трошок’’ од €300–400 по лице за КВЗ. Со популација од околу 1,83 милиони жители (според податоци на СЗО / WHO за Македонија) (datadot+1), тоа не носи до следнава математика:

  • оптимистичко сценарио (€300 по жител) → ~€550-700 милиони долари

  • песимистичко сценарио (€400 по жител) → ~€730-920 милиони долари

Овие бројки се груба апроксимација, но покажуваат дека трошокот е стотици милиони евра.

Тоа значи дека непосредниот трошок на лекови е само капка во морето.

Зошто овие „скриени“ бројки се порелевантни?

Здравствените буџети обично го мерат само делот што се плаќа директно (хоспитализации, лекови) — но не ја гледаат продуктивноста и социјалните ефекти.

Ако институциите не ги „видат“ овие бројки, нема да планираат преземање на стратегиски мерки.

Ова предизвикува „пренесување на товарот“ врз приватниот сектор — фирмите губат значајни средства поради боледувања и отсуства на вработените.

Како Македонија може да ја намали сметката за КВЗ?

  • Масовни превентивни програми за хипертензија и дислипидемија

  • Скрининг програми (ЕКГ, ехокардиографија) за ризични групи

  • Инвестиции во иновации и биомаркери за рано откривање

  • Договори со производителите за терапевска вредност — а не само цена

  • Партнерства со бизнис секторот — за создавање здрави работни средини

Заклучок

Кардиоваскуларните болести со нивните директни и индиректни ефекти  чинат многу повеќе отколку што изгледа во буџетските пресметки. За Македонија, тоа значи дека КВЗ не смееме да ги третираме како нормален „данок на здравје“ туку како финансиски предизвик, кој со паметни мерки може да се трансформира во инвестиција  во живот, продуктивност и стабилност.

Колку ја чинат Македонија хроничните респираторни болести

1. Вовед

Хроничните респираторните болести, како астма и хроничната опструктивна белодробна болест (ХОББ) , гледано од фармакоекономски агол носат значително оптоварување на здравствениот буџет, директно и индиректно.

 

Кога зборуваме за астма и ХОББ, трошоците не се само директно мерливите:

  • лекови и медицински третмани,

  • хоспитализации и итни посети,

  • дијагностика и следење.

 

Не смееме да ги изоставиме и индиректните трошоци:

  • загубена продуктивност (отсуства од работа, намалена работоспособност),

  • трошоци за превоз, туѓа нега и неформална грижа,

  • последици од акутни егзацербации кои ја зголемуваат тежината на третманот.

 

2. Колкава е преваленцата на хроничните респираторните болести кај нас?

Според извори од IPCRG, во Македонија се наведува дека астмата има преваленца од околу 3,98 %, а ХОББ околу 7,16 % од населението.

Други извештаи наведуваат дека во менаџирањето на ХОББ има големи пропусти и дека здравствениот систем е слабо подготвен за негово правилно дијагностицирање и третман. PubMed+1

Во едно истражување во Скопје, јавните податоци откриваат дека преваленцата на астма кај адолесценти (12–15 години) пораснала од 1,7 % во 2002 до 2,8 % во 2016 година. PubMed+2all-imm.com+2

Овие бројки укажуваат дека астма и ХОББ не се масовна болест како кардиоваскуларните состојби, но се доволно присутни да го оптоваруваат системот — особено ако не се третираат правилно.

 

3. Европски и регионални трошоци како ориентација

Бидејќи немаме точни македонски податоци за трошоците по пациент за Астма и ХОББ, ќе се потпреме на примери од други земји за да добиеме приближна идеја за финансискиот ефект.

Во Србија, трошоците за директен третман на ХОББ се значајни: студии ја проценуваат годишната медицинска цена на стандардна грижа (лекови, контролни прегледи и егзацербации) на приближно 1.812 € годишно по пациент со ХОББ (без индиректни трошоци). ResearchGate

На глобално ниво, анализите предвидуваат дека ХОББ како состојба ќе ја чинат светката економија 4,326 трилиони долари во периодот 2020–2050, само за трошоци поврзани со третман, изгубена продуктивност и здравствени услуги. PMC

Овие бројки укажуваат дека дури и при умерена преваленца, трошокот може да биде голем ако пациентите трошат многу средства при третманот на основната болест, нејзините егзацербации и губењето на белодробниот капацитет.

4. Проекција за Македонија

Да се обидеме да направиме приближна проценка:

Популација на Северна Македонија: околу 1.83 милиони според податоци на WHO (2023) datadot

Доколку 7% од населението има ХОББ (околу 130.000 лица), и секој од нив троши директно 1.500 € годишно (лекови, контролни прегледи, егзацербации) — тоа веќе доведува до ≈ 195 милиони евра годишно само во директни медицински трошоци.

Ако на тоа додадеме индиректни трошоци — отсуства, изгубена продуктивност, неформална грижа — вкупната пресметка може да порасне за уште 30–50 %.

Овие бројки се само ориентациони, но јасно покажуваат дека хроничните респираторни болести можат да направат значителен удар врз здравствениот систем и економијата.

 

5. Зошто е ова фармакоекономски проблем?

Често пациентите немаат најсовремена терапија, и егзацербациите се третираат со итни интервенции, што е многу поскапо од рутинскиот менаџмент.

Секое доцнење или неадекватна контрола ќе предизвика повеќе болнички денови, предизвикувајќи раст на трошоците.

Неадекватната дијагностика значи дека многу пациенти се недијагностицирани и не примаат терапија се додека болеста не напредува, а во напредна фаза третманот е многу поскап.

 

6. Заклучок и препораки

Јасно е дека прецизното дефинирање на трошоците на болестите ќе доведе до нивна рационализација и во крајна мерка - заштеда.

Клучни чекори за успешното менаџирање на хроничните респираторни болести се: рано дијагностицирање, терапија по протоколи, инвестиции во менаџирањето во примарната здравствена заштита, и партнерства со приватниот сектор.

Ако не ги преземеме овие чекори, ќе плаќаме повеќе милиони за истата болест, но подоцна и со полош квалитет на живот на пациентите.

Тивка епидемија на болести на црниот дроб во Македонија – фармакоекономски агол

Вовед: Болестите на црниот дроб – снежна топка која расте

Во јавноста често слушаме за срцеви болести, дијабетес и карцином, но поретко зборуваме за болестите на црниот дроб – иако тие стануваат една од најбрзо растечките здравствени и економски закани во Македонија.
Цироза, неалкохолна масна болест на црниот дроб (NAFLD/NASH), вирусен хепатитис и злоупотребата на алкохол создаваат „тивка епидемија“, која на долг рок носи огромни здравствени и финансиски последици.

 

Колку е навистина голем проблемот?

Според податоците на Светската здравствена организација, заболувањата на црниот дроб се меѓу топ 10 причини за смртност во Македонија.

Преваленцата на неалкохолно замастување на црниот дроб расте заедно со трендот на дебелина, дијабетес и седечки стил на живот.

Според регионални проценки, до 25–30% од возрасната популација има одреден степен на масна инфилтрација на црниот дроб, а 3–5% веќе развиле воспалителна форма – стеатохепатитис.

Тоа значи дека секој четврти Македонец е потенцијален пациент.
Прашањето е: колку тоа ја чини државата и општеството?

 

Економската сметка на „тивкиот убиец“

Во раните фази, болестите на црниот дроб речиси не чинат ништо — пациентите немаат симптоми.
Но кога состојбата ќе премине во цироза, карцином или потреба за трансплантација, цената експлодира.

Во западноевропските земји, просечниот годишен трошок за пациент со стеатохепатитис во умерена фаза изнесува околу 2.000–3.000 €, а за пациент со цироза или хепатоцелуларен карцином – над 20.000 € годишно.
Ако ги проектираме овие бројки на македонска популација (околу 1,8 милиони жители), дури и со конзервативна проценка дека само 3% се во умерено-напредна фаза, вкупниот потенцијален товар би надминал 100 милиони евра годишно во директни и индиректни трошоци.

 

Македонија: помеѓу статистиката и реалноста

  • Постои традиција/култура на значајна консумација на алкохол кај висок % од населението.

  • Не постои национален регистар за болести на црниот дроб.

  • Скрининг за хепатитис и стеатохепатитис речиси не се спроведува систематски.

  • Превенцијата и едукацијата се минимални, а здравствените трошоци растат пропорционално со бројот на доцно дијагностицирани случаи.

Тоа значи дека системот плаќа најскапо токму таму каде што најмалку инвестирал.

 

Што треба да научиме за овој проблем од фармакоекономски аспект?

Превенцијата е најефтина терапија – секое евро вложено во скрининг и едукација за здрав црн дроб се враќа со највисок ROI во здравството.

Раната дијагностика штеди пари – со употреба на неинвазивни тестови (FibroScan, лабораториски индекси) може да се идентификуваат ризични пациенти многу пред компликациите.

Јавно-приватни партнерства за едукација – фармацевтските компании, здравствените институции и медиумите можат заедно да ја подигнат свеста за овој растечки проблем.

 

Заклучок

Црниот дроб е тивок орган — не боли додека не е предоцна.
И токму затоа неговата болест е најскапата тишина во здравствениот систем.

Доколку Македонија сака да има одржлив буџет и здраво население, мора да престане да реагира „по случен настан“ и да почне да инвестира „пред појава на болест“.
А кога станува збор за црниот дроб — подобро е да се вложи во превенција денес, отколку да се плаќа за трансплантација утре.

Зошто е важно да знаеме колку чини нелекувањето на некоја болест?

 

Здравството не може да си дозволи да не прави долгорочни калкулации

Кога се зборува за трошоците во здравството, најчесто вниманието се фокусира на тоа колку чини лекот, третманот или медицинската процедура. Но, ретко кој поставува едно многу поважно прашање:

Колку нè чини кога не лекуваме навреме или несоодветно?

Нелекувањето не е бесплатно. Тоа е најскапата опција од сите.
Секој пропуштен скрининг, секоја одложена терапија и секое игнорирано предупредување на телото е ризик фактор за здравствена и финансиска катастрофа – и за поединецот, и за државата.

 

Трошокот на неакцијата: скриениот дел од здравствениот буџет

Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), над 60% од вкупните здравствени трошоци во Европа се трошат за компликации на болести што можеле да се спречат – дијабетес, кардиоваскуларни, бубрежни и онколошки состојби.
Тоа е парадокс: системот троши најмногу токму таму каде што најмногу задоцнил/затаил.

Во фармакоекономијата постои термин “cost of non-treatment” – цената на нелекувањето. Таа не вклучува само медицински трошоци, туку и:

  • изгубени работни денови,

  • изгубена продуктивност,

  • инвалидитет,

  • намален квалитет на живот (QALY – Quality Adjusted Life Years).

Секоја земја што не инвестира во рана дијагностика и превенција, всушност троши во тишина, плаќајќи многу повеќе за последиците отколку што би потрошила за превенција.

 

Македонија: краткорочна логика на штедење, долгорочна загуба

Во Македонија, здравствената политика често се води според принципот „да заштедиме денес“.
Но во фармакоекономијата, ваквата логика се преведува како „да потрошиме двојно утре“.

Примери има многу:

Хипертензија што не се следи → завршува со инфаркт, кој чини десетици илјади евра за лекување.

Дијабетес без рана контрола → води кон бубрежна слабост и дијализа, со трошоци од над 12.000 € по пациент годишно.

Нелекувана депресија → ја намалува продуктивноста на работното место и може да чини фирмата илјадници евра годишно по вработен.

 

Фармакоекономијата како алатка за ‘’попаметно’’ здравство

Фармакоекономијата не е теорија за „цените на лековите“, туку систем на мерење вредност.
Нејзината суштина е едноставна:

„Подобро е да се потроши паметно, отколку да се троши бесконечно.“

Со користење на индикатори како QALY (квалитетно преживеани години) и ICER (incremental cost-effectiveness ratio), здравствените системи ширум Европа утврдуваат кои интервенции навистина носат долгорочна корист.
Македонија, за жал, сè уште ретко ги применува овие методи при одобрување или финансирање на терапии.

 

Зошто ова е важно и за бизнисот?

Затоа што болните луѓе не произведуваат економска вредност.
Секоја компанија, секој сектор и секоја економија зависи од здрави, продуктивни луѓе.

Работник кој е хронично болен ја намалува продуктивноста за 20–40%.

Прерана смртност и инвалидитет ја намалуваат работната сила и БДП.

Одложувањето на превенција значи дека дел од вработените ќе станат пациенти, а дел од пациентите ќе станат статистика.

Затоа, здравството не е трошок — тоа е највредната инвестиција во економијата.

 

Наместо заклучок

Кога следниот пат ќе се прашаме „дали можеме да си го дозволиме овој лек или оваа дијагностика?“, треба да се запрашаме нешто друго:

Можеме ли да си го дозволиме – нелекувањето?

Во реалноста, неакцијата е најскапата стратегија.
Македонскиот здравствен систем често го избегнува трошокот на лекот, но не ја гледа цената на болеста.
И додека системот мисли дека заштедува, всушност троши — и тоа најмногу, кога е веќе предоцна.

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?

 

Кога ќе се каже „најпродавани лекови во светот“, првата асоцијација најчесто е – фармацевтски гиганти, милијарди долари и сложени молекули.
Но, од фармакоекономски аспект, овие лекови се огледало на приоритетите на најбогатите здравствени системи:

  • за кои болести се подготвени да платат најмногу,

  • каква вредност (во години живот и квалитет на живот) добиваат за тие пари,

  • и каде малите земји како Македонија реално можат – или не можат – да парираат.

Топ 10 најпродавани лекови во светот (2024 – глобално)

1.Merck (MSD) -Keytruda – pembrolizumab

Имуно-онкологија (разни видови карциноми)≈ 29,5 милијарди $

2.Bristol Myers Squibb / Pfizer - Eliquis – apixaban

Орален антикоагуланс (AF, ДВТ/ПЕ)≈ 20,7 милијарди $

3. Novo Nordisk -Ozempic – semaglutide 

Тип 2 дијабетес (GLP-1)≈ 16–17 милијарди $

4. Sanofi / Regeneron - Dupixent – dupilumab

Атопичен дерматит, астма, други T2 воспаленија ≈ 14 милијарди $

5. Gilead - Biktarvy – bictegravir/FTC/TAF

ХИВ комбинирана терапија ≈ 13,4 милијарди $

6. AbbVie - Skyrizi – risankizumab

Псоријаза, PsA, Крон, улцеративен колит ≈ 11,7 милијарди $

7. Eli Lilly - Mounjaro – tirzepatide

Тип 2 дијабетес (GIP/GLP-1), масовно и за тежина ≈ 11,5 милијарди $

8. Vertex - Trikafta / Kaftrio – elexacaftor/tezacaftor/ivacaftor

Цистична фиброза (CFTR модулатор) ≈ 11,0 милијарди $

9. AbbVie - Humira – adalimumab

Автоимуни болести (РА, IBD, псоријаза…) ≈ 9,5 милијарди $

10. Bristol Myers Squibb - Opdivo – nivolumab

Имуно-онкологија (разни карциноми) ≈ 9,3 милијарди $

Што ни кажува оваа табела?

  • Онкологијата, особено имуно-онкологијата, е апсолутен шампион по трошоци.

  • Антитромботиците и антидијабетиците (особено GLP-1 и GIP/GLP-1) се „новите блокбастер“ области.

  • Автоимуни и хронични воспалителни болести (псоријаза, IBD, астма) се третираат со биолошки и таргетирани терапии со висока цена, но и висока додадена вредност.

 

Каде е Македонија во целава приказна?

За жал пристапот до иновативните блокбастери е ограничен или селективен, а половина од лековите воопшто не се регистрирани кај нас или имаат симболична продажба.

Дел од имуно-онколошките лекови (како Keytruda, Opdivo) се присутни во системот, но обично со строги индикации, конзилијарни одлуки и лимитиран буџет.

Многу од најпродаваните биолошки лекови (за псоријаза, IBD, астма) се достапни, но не за сите пациенти кои би имале корист – туку за „најтешките случаи“.

 GLP-1 и GIP/GLP-1 револуцијата (Ozempic, Mounjaro) – кај нас е „луксуз“

Во развиените системи, овие лекови стануваат стандард за дијабетес, а сè повеќе и за третман на дебелина.

Кај нас, тие најчесто се ограничени поради цена и не влегуваат во широка рефундација – пациентите или плаќаат приватно, или воопшто немаат пристап.

 

ХИВ, цистична фиброза, ретки болести

Лекови како Biktarvy и Trikafta/Kaftrio отвораат сосема ново ниво на квалитет на живот кај пациенти во богатите системи.

Во Македонија се прават напори за ретки болести, но обемот и брзината не може да се споредат со земји кои имаат десеткратно поголем здравствен буџет по жител.

Со други зборови:
технички Македонија има достап до дел од овие молекули, но практично – пристапот е ограничен, доцни и често зависи од „случај по случај“, а не од системски фармакоекономски модел.

 

Фармакоекономијата во македонската реалност

Клучното прашање за држава како Македонија не е:

„Како да ги купиме сите врвни лекови од табелата?“

Туку:

„Како со ограничен буџет да купиме најмногу здравје по евро – и кога има смисла да инвестираме во ваков тип скапи иновации?“

Тоа значи:

  • Да се користат HTA (Health Technology Assessment) и фармакоекономски модели (QALY, ICER) за да се одлучи кој иновативен лек навистина носи доволна вредност за да биде рефундиран.

  • Да се преговара со компаниите за value-based и outcome-based договори: лекот да се плаќа според резултат, не само според количина.

  • Да се користат биосимилари и квалитетни генерики за другите боилести, со цел да се ослободат средства – а тие пари да се пренасочат кон неколку внимателно избрани врвни терапии од „топ 10“ или слично ниво.

 

Што значат овие здравствени трендови за економијата и бизнисот?

За економистите и менаџерите, оваа листа е:

  • сигнал каде оди глобалниот здравствен трошок – онкологија, хронични воспалителни заболувања, метаболни болести;

  • предупредување дека ако државата не инвестира во превенција и рано лекување, утре ќе мора да купува скапи биолошки и таргетирани терапии за пациенти во напредни стадиуми;

  • можност за фармацевтскиот и биотех секторот во регионот да се позиционира – преку клинички студии, производство на генерики и биосимилари, регионални партнерства.

На крајот, болен пациент не произведува БДП.
Ако сакаме раст, мора да прифатиме дека фармакоекономијата не е „луксузна анализа“, туку основен алат за фискална и здравствена стабилност.

Светот плаќа десетици милијарди за лекови кои:

  • го продолжуваат животот за неколку години,

  • го подобруваат квалитетот на живот на хронично болните,

  • и ја трансформираат прогнозата на болести кои порано биле смртни.

Македонија, пак, сè уште се бори со:

  • основен пристап до дијагностика,

  • недоволна превенција,

  • ограничена рефундација дури и на „старите“ иновативни терапии.

Додека другите земји се натпреваруваат кој повеќе ќе инвестира во здравје, ние не смееме да останеме во „економијата на евтиното“, која на долг рок излегува – најскапа.

Што можеме да научиме од Хрватска и Србија во фармакоекономијата?

Вовед: Како соседите одат чекор напред во здравствениот систем

Македонија често се споредува со своите соседи по големина на пазар, ниво на приходи и здравствен систем. Но кога станува збор за фармакоекономијата — науката која ја мери вредноста на лековите во однос на нивната цена, разликите се очигледни.
Хрватска и Србија веќе изградиле системски пристап каде одлуките за финансирање на лекови не се базираат само на цена, туку на докажана клиничка и економска корист. Македонија, за жал, сè уште е на ниво на административна логика — колку чини, а не колку вреди.

 

Хрватска – модел на интегрирана фармакоекономија

Хрватска одамна ја разбира фармакоекономијата како алатка за управување со ограничен буџет.

Од 2009 година постои официјално тело за здравствена технологија и фармакоекономска проценка (HTA – Health Technology Assessment), кое анализира ефикасност, безбедност и економска оправданост пред секој нов лек да се стави на позитивната листа.

Секој производител мора да достави QALY (Quality Adjusted Life Years) и ICER (Incremental Cost-Effectiveness Ratio) податоци за да докаже дека терапијата носи вредност која го оправдува трошокот.

Резултат: транспарентен процес на одлуки, кој им овозможува на пациентите пристап до иновативни терапии, но без да крахира буџетот (барем засега 😊).

 

Практичен пример:
Воведувањето на биосимиларите во Хрватска ја намали цената на одредени онколошки терапии за над 30 %, а заштедата беше пренаменета за воведување нови иновативни лекови. Така изгледа е вистинска фармакоекономија во пракса.

 

Србија – чекор пред нас, иако со сличен буџет за здравство по глава на жител

Србија, со својата Републичка комисија за лекови, последниве години направи значителен напредок:

Воведени се фармакоекономски извештаи како задолжителен дел од документацијата за нови лекови.

Постои систем за референтни цени (како и кај нас), но со можност за исклучоци кога лекот носи голема вредност по пациент.

Дел од новите терапии се финансираат преку договори за споделување на ризик (risk-sharing models) — односно државата плаќа само ако лекот навистина даде очекуван резултат.

Резултат:
Србија успеа да воведе повеќе иновативни лекови во последните 5 години отколку Македонија, иако просечниот здравствен буџет по глава на жител е сличен. Причината? Поефикасна распределба на средствата и подобро разбирање на вредноста на здравствените инвестиции.

 

Македонија – се уште во административна замка

Во Македонија, поимот „фармакоекономија“ во пракса сè уште е дел од документацијата, но за жал без голема реална примена.

Не постои национално тело за проценка на новите здравствени технологии.

Фармакоекономските анализи често не се земаат предвид при одобрување или формирање на цени на лековите.

Се водиме од правило на лек со најниска цена (особено во тендерските постапки), наместо да бираме на лек со најголема вредност.

Таквиот пристап води до парадоксални ситуации: системот штеди на краток рок, но плаќа повеќе на долг рок преку хронични компликации, повторни хоспитализации и изгубени години живот.

 

Како да одиме напред во овој сегмент?

Да преминеме од ценовна кон вредносна логика.
Евтин лек со недоволен резултат не е заштеда, туку загуба.

Во фармакоекономијата, прашањето не е колку плаќаме за лекот, туку колку добиваме за тие пари.
Македонија мора да престане да го гледа здравствениот буџет како „трошок“, и да почне да го третира како инвестиција во човечки капитал и продуктивност.

Додека ние сè уште мериме во денари, соседите веќе мерат во години живот спасени по потрошени евра.
А тоа е најголемата лекција што можеме да ја научиме — дека вистинската економија почнува таму каде што здравјето има своја цена и своја вредност.

Хроничната бубрежна болест од фармакоекономски аспект не чини милиони!

ХББ: Тивка епидемија што ја празни државната каса

Хроничната бубрежна болест (ХББ) е меѓу најбрзо растечките хронични заболувања во светот. Според Светската здравствена организација, секој десетти возрасен човек има одреден степен на оштетување на бубрезите, а бројот на пациенти со терминална фаза расте експоненцијално.
Во Македонија, каде што дијабетесот и хипертензијата се веќе ендемски проблеми, хроничната бубрежна болест е здравствена и економска бомба со одложено дејство.

Епидемиолошка слика

Според податоци од Клиниката за нефрологија и од Фондот за здравство, се проценува дека:

  • над 130.000 лица во Македонија имаат некој степен на хронично оштетување на бубрезите;

  • од нив, околу 1.200 пациенти се на дијализа, а околу 70–100 пациенти годишно се кандидати за трансплантација.

Бројките не изгледаат големи – но финансискиот товар е астрономски.

Колку не чини хроничната бубрежната болест?

Според европските податоци, годишниот трошок за пациент со терминална бубрежна слабост (на дијализа) се движи меѓу 20.000 и 40.000 евра годишно. Во Македонија, според една анализа , годишниот просечен трошок за еден пациент на дијализа изнесува приближно 13.793 US$ годишно. Lippincott Journals

Тоа значи дека само за 1.200 дијализирани пациенти, Македонија троши над 15 милиони евра годишно — пари кои не вклучуваат превоз, хоспитализации, компликации или лекови за придружни болести.

Но тоа е само врвот на ледениот брег.
Раните фази на ХББ, кога болеста може да се стабилизира со превенција и терапија, речиси не се третираат систематски. А токму таму се прават најголемите заштеди.

Македонски контекст – многу дијализа, малку превенција

Македонија има релативно добра покриеност со дијализни центри, но нема национална стратегија за рана дијагностика и превенција на бубрежна болест.
Пациентите обично се дијагностицираат дури кога бубрезите им работат со 10–15% капацитет – кога е веќе предоцна за конзервативен третман.

Тоа ја претвора државата во „реактивен плаќач“, а не во проактивен инвеститор.
Системот троши на дијализа, но не инвестира во зачувување на бубрежната функција.

Од друга страна еден пациент кој добива навремена терапија за хипертензија и дијабетес (главни причини за ХББ) може да ја одложи потребата од дијализа за 10 или повеќе години.


Што можеме да направиме?

  • Национален скрининг-програм за ризични групи – дијабетичари, хипертоничари и постари лица.

  • Ран пристап до современи кардио-ренални терапии.

  • Едукација во примарната здравствена заштита за препознавање и следење на ХББ.

  • Јавно-приватни партнерства за превенција и едукација.

  • Внес на иновативни терапии на листата на ФЗОМ

Иновативните терапии како инвестиција, а не трошок

Последните години се појавија нови класи на лекови – како SGLT2 инхибитори и некои GLP-1 агонисти – кои значително ја намалуваат прогресијата на бубрежното оштетување кај пациенти со дијабетес и хипертензија.
Да, тие се поскапи од класичните терапии, но фармакоекономските студии покажуваат дека:

  • го намалуваат ризикот од дијализа за до 30–40%,

  • ги намалуваат хоспитализациите,

  • го продолжуваат животниот век и ја подобруваат продуктивноста.

Ова е класичен пример за вредноснo базирана медицина (value-based healthcare): повисок трошок на почеток, но голема заштеда на крајот.

Наместо заклучок

Денес Македонија плаќа милиони евра годишно за дијализа.
Но утре ќе плати уште повеќе, ако не го смени пристапот – од реакција кон превенција, од цена кон вредност.

Хроничната бубрежна болест е тест за тоа дали здравствениот систем знае да планира долгорочно.
И ако денес не ја направиме таа промена, утре нема да имаме само болни пациенти – ќе имаме и болна економија.

Колку не чини секој вишок килограм телесна тежина!

 

Кога неправилната исхрана станува економски проблем?

Во Македонија, речиси секој втор возрасен човек има вишок килограми, а секој четврти е клинички дебел. Тоа не е само здравствен аларм – тоа е економска закана со огромни последици.
Обезноста одамна престана да биде прашање на естетика или личен избор. Таа е хронична, прогресивна и системска болест што го чини здравствениот систем милиони евра годишно.

Прашањето не е дали дебелината чини многу — туку дали државата воопшто ја пресметува таа цена.

 

Обезноста во бројки

Според податоци на Светската здравствена организација (СЗО), повеќе од 50% од возрасните Македонци имаат прекумерна телесна тежина, а над 25% се со дијагностицирана обезност (BMI >30).

Кај децата, ситуацијата е уште поалармантна: Македонија полека но сигурно се вклучува во друштвото меѓу водечките земји во Европа според детска дебелина.

Обезноста е клучен фактор за најчестите и најскапите хронични болести: дијабетес, хипертензија, срцеви заболувања, мозочен удар и одредени видови рак.

Неколку килограми повеќе денес може да значат илјадници евра помалку во буџетот утре.

 

Економски товар: скриената сметка на обезноста што незапирливо расте

Според европските анализи, директните здравствени трошоци поврзани со обезноста изнесуваат 2–7% од националните здравствени буџети, а вкупниот товар (вклучувајќи изгубена продуктивност и инвалидитет) достигнува до 3% од БДП.

Најголем дел од овие трошоци доаѓаат од:

  • компликации на дијабетес тип 2,

  • кардиоваскуларни заболувања,

  • оштетување на зглобови и 'рбет,

  • зголемена употреба на лекови и хоспитализации.

 

Од калории до коморбидитети – и до банкрот

Да земеме еден едноставен пример:
пациент со BMI над 35 има 6 пати поголем ризик за дијабетес и 4 пати поголем ризик за срцев удар.
Ако ваков пациент не добие навремен и соодветен третман, државата ќе плати најмалку:

  • 400 € годишно за основен третман,

  • 12.000 € ако започне со дијализа,

  • и уште повеќе ако дојде до инвалидитет или прерана смртност.

Така, она што почнува како „неколку килограми повеќе“ се претвора во кошмарен живот за пациентите но и десетици милиони евра загуби за здравството и економијата.

 

Новите терапии – инвестиција или луксуз?

Современите лекови, како GLP-1 агонистите (semaglutide, tirzepatide) се повеќе се користат при обеност, но се често етикетирани како „прескапи“.
Сепак фармакоекономските студии покажуваат дека (ако се земат навремено):

  • тие го намалуваат ризикот од дијабетес тип 2 за над 80%,

  • ја подобруваат контролната на крвниот притисок и липидите,

  • и го намалуваат бројот на хоспитализации и медицински интервенции.

Со други зборови: имаат висока почетна цена – но значајна долгорочна заштеда.
Секој килограм изгубен преку ефективен третман може да заштеди стотици евра во идни здравствени трошоци.

 

Македонија – земја на калории без стратегија

Иако проблемот со обезноста е јасно идентификуван, Македонија сè уште заостанува на полето за превенција и третман на обезност. И покрај актуелноста на состојбата и бројните индивидуални напори за борба со обезноста, сеуште не се препознава организирана скрининг програма, или стандардизиран пристап кон диетотерапија, физичка активност и психолошка поддршка од страна на здравствените установи.

Додека фармацевтските иновации напредуваат, системот останува заглавен во парадигмата „сè додека не боли – не е проблем“.
А токму тој пристап не прави најголемиот фармакоекономски губитник во регионот.

 

Економија на прекумерната тежина

Обезноста не влијае само на здравството, туку и на работната продуктивност.

Секој вработен со клиничка обезност губи во просек 6–10 работни дена годишно повеќе поради боледување.

Продуктивноста на работното место може да се намали за 10–15%.

Компаниите плаќаат повисоки трошоци за осигурување и здравствени услуги.

Тоа значи дека обезноста е и макроекономски проблем — болна држава не може да има здрава економија.

Секоја држава има право да избере што ќе финансира: лекови, инфраструктура или последици.
Но фармакоекономијата вели дека нелекуваната обезност е најскапата инвестиција од сите.

Македонија мора конечно да ја признае обезноста како хронична болест и да инвестира во нејзино лекување – не од суета, туку од прагматичен економски интерес.
Бидејќи прашањето не е „Колку чини лекот?“, туку „Колку нè чини – вишокот килограми?“

bottom of page